|
|
| Паролата „правата на Албанците“ и падот на довербата кон ДУИ |
|
ДУИ долго време беше синоним за политичка моќ меѓу Албанците во Македонија. Партијата владееше со едноставна, но моќна парола: „правата на Албанците во Македонија“. Но зад оваа парола, реалноста често беше поинаква, централизирана моќ, ограничен дијалог со граѓаните, и игнорирање на албанската заедница. Последните години покажаа дека таа стратегија достигна граница. Две од најзначајните партии во „Европскиот фронт“ — Демократската партија на Турците (ДПТ) и Демократската партија на Албанците (ДПА) — веќе не соработуваат со ДУИ. Овој развој јасно покажува дека партијата не успеа да одржи единство и доверба, а нејзината доминација почнува да се распаѓа. ДУИ не само што се соочува со организациски пад, туку и со морален и идеолошки предизвик. Долгогодишната практика на монополизирање на албанската политика ја исклучи шансата за вистинска демократска конкуренција и отвори простор за раст на алтернативни партии. Растот на независни листи и нови политички актери ја менува картата на албанската политика и јасно покажува дека граѓаните бараат нови решенија, а не само празни пароли. ДУИ сега е пред избор: да продолжи по патот на централизираната моќ и паролата „правата на Албанците“ или да се отвори кон модернизација, транспарентност и вистински дијалог со сите граѓани без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,... Политичката ерозија на ДУИ е јасен сигнал дека долгогодишните методи „правата на Албанците“ е веќе застарена. Македонија е демократска држава, членка на НАТО, која ги гарантира правата и слободите на сите граѓани без разлика на вера или нација. Македонија е пример за заштита на правата на малцинствата, не само на Балканот, туку и пошироко. Времето на пароли и политичка манипулација заврши, вистинската моќ е во економски развој. Додека челниците на ДУИ од уста не ја ваѓаа паролата особено кога не беа дел од власта, реалноста на терен беше поинаква. Албанските села се испразнија, младите заминаа во европските држави барајќи подобар живот, (не заминаа затоа што во евроските држави албанците имаат поголеми права) во селата останаа само по неколку старци, затворени прозори и порти, суви чешми, празни училишта, и тивки улици. Ова не е само демографска појава, туку директна последица на долгогодишните политики кои, зад паролите и големите ветувања, не нудеа конкретни мерки за економски развој, инфраструктура и можности за младите. Времето покажа дека празните пароли не можат да ја заменат реалната грижа за луѓето и нивниот живот. Македонија денес е демократска држава која гарантира права и слободи на сите граѓани, а вистинскиот развој на албанските села зависи од конкретни политики, инвестиции и можности за младите да останат и да градат свој живот дома. ДУИ мора да сфати дека времето на пароли заврши. Иднината бара вистинска одговорност и лидерство кое ќе ги вклучи граѓаните, сите граѓани без разлика на вера или нација, а не само да ги користи нивните права како средство за политичка доминација и за пред избори. |















