|
|
| ВЕРА И ЈАЗИК МОЖЕ ДА СЕ СМЕНИ, ГЕНОТ НЕ МОЖЕ |
|
Мане Јаковлески ВЕРОИСПОВЕДТА НЕ ГО МЕНУВА МАКЕДОНСКОТО СРЦЕ - ЕДЕН НАРОД, ИСТА СУДБИНА! Македонците со православна, исламска или друга вероисповед низ историјата биле и останале делови од истата национална структура, еден народ, еден јазик, една култура, само со различна религиозна традиција. Ова е историска реалност која низ векови се гледа во обичаи, говор, традиции, семејни лози и народни песни. Македонците со исламска вероисповед се дел од она што ја прави Македонија богата, разновидна и неповторлива. Тие се дел од македонската ризница, од песните на Долна Река, од уникатните женски носии со геометриски орнаменти, од старите занаети, од јазичните дијалекти што ги нема на друго место. Македонците со исламска вероисповед се жив доказ дека верата може да се смени, но идентитетот и традицијата остануваат како наследство што никој не може да го препише или избрише. Значи, различната вера никогаш не значи различен народ. Таа е само духовен пат, а не етничка трансформација. Многумина го чувале македонскиот идентитет и во времиња кога тој официјално бил забрануван. Ја чувале песната и обичаите кога им било кажано да ги заборават. Тие се дел од македонската нација исто како сите останати. И тоа го знаат, од дома, од дедовци, од мајчиниот збор, од песната на пород, од традицијата што не се искоренува. Во Дуф-Мавровско, живеат Македонци на кои со сила им бил наметнат друг јазик, но верата им останала православна. Тоа се луѓе кај кои не успеале да ја сменат духовна вертикала, па затоа ниту коренот не е сменет. Македонскиот народ низ вековите имал доволно џелати што се обидувале да го делат, но успеал да опстане затоа што бил единствен. Зошто Македонците остануваат единствени? Затоа што знаат кои се, што се и од каде се. Без разлика на верата, никој немал сила да го избрише или одземе она што историјата и вековното постоење го врежале во македонската душа. Различни сме по вера, но исти по традиција, во истите светци веруваме, само различно ги именуваме, исти обичаи имаме, само поинаку ги толкуваме, во истиот Бог се молиме, само различно го повикуваме, сите нè грее едно исто сонце, Македонско! |


















