|
|
| Македонија мора повторно да стане земја во која се раѓа, се живее и се враќа |
|
Мане Јаковлески Политиката на актуелната влада што го става бракот, семејството, раѓањето деца и враќање на младите на македонската дијаспора во фокусот на државното дејствување е чин на одговорност и визија за иднината. Во време кога Македонија тивко, но упорно се празни, кога училиштата отвораат сè помал број паралелки, а селата и градовите стареат пред наши очи, прашањето за семејството, децата и младите е егзистенцијално прашање – прашање на опстанок. Демографската криза не доаѓа одеднаш. Таа доаѓа тивко – со празни училишта, напуштени домови и генерации што заминуваат и не се враќаат. Ако државата молчи, таа се откажува од својата иднина. Детската смеа мора повторно да се слуша низ Македонија. Тоа не е носталгија, туку неопходност. Народ без деца и без млади е народ без утре. Состојбата во која се наоѓаме не е случајна. Таа е последица на години погрешни политики. За време на владеењето на СДС и ДУИ, наместо стратегија за наталитет и задржување на младите, државата гледаше како полни автобуси заминуваат во еден правец – кон странство. Немаше време за семејство и иднина, затоа што имаше време за тендери, договори и лично богатење. Додека младите ја пакуваа иднината во куфери, власта ја пакуваше државата во шеми. Наместо сигурност, младите добија несигурност. Наместо перспектива дома – билет во еден правец. Иселувањето беше резултат на систем без надеж и правда. Затоа денешната политика што го враќа фокусот на бракот, семејството и раѓањето деца не е доволна сама по себе. Таа мора да оди заедно со јасна државна политика за враќање на младите и на македонската дијаспора. Надвор од државата живеат стотици илјади наши сограѓани – тие не се изгубени, туку привремено отсутни. Враќањето дома мора да стане реална и достижна опција: признавање на дипломи без бирократски пречки, финансиски и даночни стимули за повратници, поддршка за сопствен бизнис, сигурно образование за нивните деца и чувство дека повторно припаѓаат тука. Про-семејните политики не ја ограничуваат слободата – тие ја зајакнуваат државата. Бракот, семејството и децата се темелот врз кој се гради економијата и стабилноста. Држава без млади нема кој да ја развива. Децата не се товар. Тие се најголемото богатство. А младите што ќе се вратат се најголемата шанса за обнова. Македонија мора да ја добие битката за наталитетот и битката за враќање на младите. Не како статистика, туку како избор за иднината. Затоа младите не треба да се плашат од својата најголема мисија – создавање семејство и градење живот дома. Македонија мора повторно да стане земја во која се раѓа, се живее и се враќа. |















