|
|
| Историјата на Македонија е историја на оспорување |
|
Историјата на Македонија е историја на оспорување Ова што ни се случува денес не е изолиран политички момент, ниту пак е само уште една дипломатска криза во низата балкански недоразбирања. Ова е уште една етапа од долготрајната, повеќевековна борба на македонскиот народ за зачувување на своето име, идентитет, јазик и култура. Борба што не започнала вчера, ниту завршува со еден договор, едно вето или една преговарачка рамка. Историјата на Македонија е историја на оспорување. По Балканските војни, територијата на Македонија беше поделена меѓу соседите, но поделбата не беше само географска. Таа беше и духовна, културна, идентитетска. Започна тивка, но систематска борба за присвојување на историјата, за прекројување на учебниците, за редефинирање на самосвеста. Македонецот требаше да стане „нешто друго“, зависно од тоа на која страна од границата се наоѓа. Во текот на 20 век, македонското прашање постојано беше предмет на надворешни агенди. Идејата за самостојна македонска држава долго време беше прогласувана за утопија. Но, во 1991 година, со мирниот референдум и прогласувањето на независноста, македонскиот народ покажа дека историјата не може бескрајно да се негира. Сепак, ни тогаш борбата не заврши. Спорот со Грција околу името, кој траеше речиси три децении, кулминираше со Преспански договор. За едни тоа беше компромис во име на евроатлантската иднина, за други болен отстап од историското наследство. Но, факт е дека дури и по тој договор, прашањата околу идентитетот не престанаа да бидат предмет на надворешни условувања. Денес, во контекст на европските интеграции, нов предизвик доаѓа од Бугарија. Барањата што се поставуваат – поврзани со историјата, јазикот и уставните измени, повторно ја отвораат суштинската дилема: дали интеграцијата во Европската Унија треба да значи и ревизија на националната самосвест? Дали е можно еден народ да стане дел од европското семејство без да се откаже од сопственото историско чувство за себе? Парадоксот е очигледен. Европската Унија формално почива на принципи како владеење на правото, почитување на човековите права, демократски институции и почитување на културната и националната разновидност. Во тој контекст, кога идентитетски прашања (јазик, историја, самоопределување) стануваат услов за интеграција, навистина се поставува дилема дали се задржува фокусот на универзалните критериуми или се отвора простор за билатерални политички условувања. Македонците, народ со богата историја, култура, со ограничена геополитичка тежина, се наоѓа под притисок од две земји членки на ЕУ, Грција и Бугарија. Но токму тука лежи историската димензија на овој момент. Ова не е само спор меѓу држави; ова е тест за принципите врз кои почива современа Европа. Идентитетските прашања станаа услов за интеграција, со тоа се отвора опасен преседан што може да се примени и на други места. Во иднина, оваа епопеја ќе биде анализирана со историска дистанца. Ќе се разгледува како пример за тоа како еден народ, во 21 век, во услови на глобализација и силни геополитички блокови, се обидел да го зачува сопственото чувство за себе. Без агресија, без експанзија, туку со инсистирање на правото да постои како тоа што е за сите останати држави во светот. Македонската борба никогаш не била борба за туѓо, таа отсекогаш била борба за свое, за името што го носи, за јазикот што го зборува, за културата што ја наследува. И можеби токму затоа оваа приказна има потенцијал да стане дел не само од македонската, туку и од пошироката европска историја: како сведоштво дека идентитетот не е преговарачка валута, туку жива традиција што се пренесува од генерација на генерација. Тој се менува, се приспособува, но ја чува суштината, а суштината на македонската приказна е токму во таа упорност да се остане свој. Историјата ќе суди, но едно е сигурно: народ што опстојува со векови, низ поделби, притисоци и негирања, не исчезнува. Македонија вечна! МН |















