|
|
| Довербата се гради кога политичката елита ги почитува граѓаните како суверен носител на власт |
|
Мане Јаковлески Европската интеграција останува една од најважните стратешки цели на Македонија. Но, начинот на кој таа цел треба да се оствари создава длабока политичка и идеолошка линија на поделба во македонската политика. Токму процесот на приближување кон Европска Унија јасно ја отсликува разликата помеѓу концептот што го застапуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и оној што го промовираат Филипче и СДСМ. Христијан Мицкоски ја поддржува европската интеграција како стратешка ориентација, но со јасно поставена граница: Европската Унија треба да се темели на доброволна, рамноправна и достоинствена согласност. Според овој пристап, европскиот пат не смее да се претвори во механизам на условувања што директно задираат во идентитетските прашања, уставниот поредок и националното достоинство. Логиката „прифати услов или нема членство“ се гледа како форма на политички притисок што ја релативизира волјата на народот и го става суверенитетот во втор план. Од друга страна, Венко Филипче ја застапува политиката која произлезе од Преспанскиот договор, процес што беше формално затворен во институциите, но без успешен референдумски легитимитет. За Филипче и СДС, парламентарната ратификација и меѓународната обврска се доволни аргументи процесот да продолжи, без повторно отворање на прашањето за директна народна согласност. Во таа логика, исполнувањето на преземените обврски вклучително и договорот со Бугарија се прикажуваат како неопходна цена за продолжување на европскиот пат. Токму тука се гледа најголемата разлика: обврските што директно се однесуваат на идентитетски и историски прашања се наметнуваат без поширока согласност од граѓаните, што ја продлабочува нивната недоверба. Наместо национално обединување околу европската перспектива, се создава впечаток дека процесот се води според надворешни диктати, а не како вистински израз на демократска волја. Разликата во ставовите на Христијан Мицкоски и Венко Филипче не е само тактичка, туку суштинска. Мицкоски ја гледа Европска Унија како стратешка цел која мора да се поткрепи со јасна и активна поддршка од граѓаните и која не смее да биде на штета на националните интереси. Од друга страна, Филипче ја третира европската интеграција како формален, институционален процес, каде што одлуките на парламентот, а не референдумската потврда од граѓаните, се сметаат за доволна основа за легитимитет, без потреба од дополнителна народна согласност. Последните изборни циклуси покажаа дека граѓаните јасно реагираат на овие политики. Поддршката што ја доби ВМРО-ДПМНЕ се толкува како сигнал дека огромен дел од јавноста сака поцврст пристап во односите со Брисел и поголема заштита на националните позиции во преговарачкиот процес. Прашањето за уставните измени и вметнувањето на Бугарите во Преамбулата не е само техничко, туку суштинско национално прашање кое директно го засега интересот на македонските граѓани и државата. Искуството од Преспа покажа дека формалниот успех во меѓународната политика не гарантира долгорочна внатрешна стабилност доколку изостане силна легитимност пред граѓаните. Кога граѓаните чувствуваат дека одлуките се носат без нивна вистинска согласност, довербата во институциите се намалува, а политичката поларизација се продлабочува. Европската интеграција останува стратешка цел, но таа мора да биде изградена врз доверба, транспарентност и почитување на народната волја. Без тие темели, секој компромис, особено идентитетски ризикува да стане извор на долгорочна нестабилност наместо гаранција за европска иднина. Довербата се гради кога политичката елита ги почитува граѓаните како суверен носител на власта, а не кога ги убедува дека немаат избор. Токму во тоа се содржи суштинската разлика меѓу двата политички пристапи на Мицкоски–ВМРО-ДПМНЕ и Филипче–СДС. |















