|
|
| КОГА ВИСТИНАТА БОЛИ: ПУЛЕВСКИ ЈА КАЖА ПРЕД 150 ГОДИНИ |
|
Ѓорѓија Пулевсли: МАКЕДОНЦИТЕ СЕ СТАРОСЕДЕЛЦИ НА ПОЛУОСТРОВОТ Додека денес некои се обидуваат да ја прекројат историјата по дневно-политички нарачки, вистината стои напишана – црно на бело, одамна, јасно и без страв, ја напишал Ѓорѓија Пулевски. Човек од народот. Ѕидар. Војвода. Писател. Но пред сè – Македонец што знаел кој е и за што се бори. Во време кога Балканот врие од војни, империи се судираат, а народите се борат за свое место под сонцето, Пулевски не молчи. Тој не калкулира. Не се плаши да каже: Македонија постои, Македонците постојат и нивниот јазик е посебен. И тоа не го кажува денес, туку пред 150 години. Роден во Галичник во 1817 година, Пулевски не седи на страна. Тој оди таму каде што се води борба. Се бори во Белград, во Српско-турската војна 1876, во Руско-турската војна 1877–1878. Се бори и за другите, верувајќи дека секоја победа против империјата е чекор поблиску до слободна Македонија. Но кога доаѓа моментот вистински да се брани македонското – тој не отстапува. Во Кресненското востание застанува како војвода. Не како туѓ борец. Туку како човек што знае дека ова е негова земја. И додека други пишуваат историја за да угодат на некого, Пулевски пишува за да остави трага. Во 1873 го објавува „Четиријазичник“. Во 1875 – „Тријазичник“. Во нив јасно вели: постои македонски народ, постои македонски јазик. Не како дијалект, не како додавка – туку како свој, посебен идентитет. Тоа е шамар за сите денешни негирања. Во 1880 ја пишува „Слогница речовска“ – првата македонска граматика. Без институции. Без држава. Без поддршка. Само со верба и упорност. И тука доаѓа најважното: Пулевски не чека дозвола да биде Македонец, тој тоа го живее. Во „Самовила Македонска“ ги поврзува Филип II Македонски и Александар Македонски со современите Македонци – не од митоманија, туку од потреба за историски континуитет, во време кога секој народ го гради својот наратив. Денес, кога некои се обидуваат да убедат дека Македонците се „измислени“, „создадени“, „позајмени“ – доволно е да се отвори Пулевски.
Човек што пред 150 години, без академии, без држава и без заштита, го напишал тоа што денес некои се плашат да го кажат. И затоа прашањето не е дали Пулевски бил во право. Прашањето е: како е можно тогаш да имало повеќе храброст отколку денес? Историјата не почнува од нас, но од нас зависи дали ќе ја браниме или ќе ја предадеме.
|




















