|
|
| Во 1925 г. грчкиот дипломат Дендрамис ја признал посебноста на македонскиот јазик |
|
Претставник на Грција во Друштвото на народите, Василис Дендрамис, во 1925 година го подржал издавањето на букварот Абецедар, образложувајќи дека тој јазик е посебен јазик, различен од бугарскиот и од српскиот. Поделбата на Македонија извршена со Букурешкиот договор во 1913 година, а санкционирана во Версај во 1919 година, доведе до приклучување на Егејскиот дел на Македонија кон грчката држава. Со поделбата на Македонија, Грција доби територија која опфаќа 34.356 км2 и повеќе од еден милион жители. Македонците кои го сочинуваа најголемиот дел од населението во Егејска Македонија, непосредно по војните беа изложени на најстрашни репресии од страна на грчката држава. Грчките власти кои веднаш започнаа со терор и прогон на Македонците, предизвикаа нивно иселување од Грција. Посебно ова иселување се зголеми по потпишувањето на конвенција на 27 ноември 1919 година меѓу Грција и Бугарија за „доброволна“ размена на население. Користејќи ја конвенцијата, Атина насила протера повеќе десетици илјади Македонци, посебно од источниот дел од Егејска Македонија. Тоа најповеќе се почуствува во Солунската, Кукушката, Ениџевардарската и Гуменџиската околија. Сепак и покрај сите напори за прогон на негрчкото население од окупираните територии, во рамките на грчката држава останаа Македонците. Прекројувачите на картата на Европа од Версај, со цел да ја стивнат огорченоста на Македонците и другите етникуми кои беа деградирани во бесправни малцинства и изложени на фашистичките методи на грчките власти, склучија „Договор за заштита на негрчките народности во Грција". Со овој договор склучен на 10 август 1920 година во Севр, силите на Антантата и наложуваат на Грција да ги респектира „интересите на жителите што се разликуваат од мнозинството на населението по нација, јазик или вера". Со Севрскиот договор, Грција беше обврзана да им осигури еднакви граѓански и политички права и слободи на негрчките народности, можности за употреба на мајчиниот јазик во печатот, пред судовите, во богослужбата и во наставата во основните училишта. Но во меѓувреме, Грчко-турската војна (1919–1922) предизвикала нов бран на иселувања. По Лозанскиот договор од 1923 година на кој било договорено размена на муслиманско со христијанско население меѓу двете земји, Турција протерала околу 1.5 милион Грци од Мала Азија и Источна Тракија, а Грција скоро целокупното муслиманско население од Егејска Македонија, меѓу кои биле околу 40.000 македонски муслимани. Голем дел Грци од Мала Азија и Кавказ се населеуваат во Егејска Македонија, што ќе предизвика промена на етничкиот состав во Егејскиот дел на Македонија. Меѓутоа и покрај сите обиди за прогон на Македонците и колонизација на нивните простори со азиски Грци, македонското население преовладува во западниот дел на Егејска Македонија, односно во костурскиот, воденскиот и леринскиот крај. Сметајќи на етничките промени во корист на Грците во Егејскиот дел на Македонија, Атина конечно се одлучува да го спроведе договорот од Севр. Грчката држава го прифаќа барањето на Бугарија за претставување на Македонците во Грција како Бугари и двете влади потпишуваат протокол на 29 септември 1924 година во Женева, со кој грчката влада официјално го призна постоењето на бугарско национално малцинство во Грција. Со овој протокол потпишан од министрите за надворешни работи Калфов и Политис, Грција се обврзала да му осигури соодветни права и слободи на „бугарското малцинство“ во Егејска Македонија. Друштвото на народите назначи двајца свои претставници во образуваната Мешовита грчко-бугарска комисија - полковникот А. Кроф и мајорот Марде де Ровер за остварување на постигнатата спогодба. Под притисок на Србите, кои дури еднострано го откажаа договорот за пријателство со Грција од 1913 година, протокол Калфов - Политис никогаш не се спроведе во дело. Тогашната влада на кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), сметаше дека признавањето на Македонците во Грција за бугарско малцинство неизбежно ќе води кон поставување на слично барање од Бугарија за признавање на македонското население под српска окупација (Вардарска Македонија) за бугарско национално малцинство. Ваквиот развој на настаните и одговараше на Атина. За грчката влада, официјалното признавање за постоење на бугарско национално малцинство, претставуваше опасност, зошто тоа во себе содржеше признавање на бугарските претензии врз грчкиот дел на Македонија. Поради тоа, грчкиот парламент во почетокот на 1925 година го отфрли предлогот за ратификација на протоколот Калфов – Политис. По острите критики во Друштвото на народите дека Грција не го почитува Севрскиот договор за правата на малцинствата, грчкиот претставник во Друштвото на народите Василис Дендрамис, дава ветување дека грчката влада уште истата година ќе овозможи по основните училишта во Егејскиот дел на Македонија да се заведе мајчиниот јазик на тамошното население. Меѓутоа, образложувајќи ја својата елаборација, Дендрамис ќе наведе дека тој јазик е посебен јазик, различен од бугарскиот и од српскиот. Грчката влада за да ги потврди своите намери, образувала посебна тричлена комисија при Министерството за просвета со задача да состави буквар за македонските деца. Комисијата во која се наоѓаат Папазахариу, Сајакчис и Лазару, успешно ја завршува задачата, а букварот бил отпечатен пред започнувањето на учебната 1925/26 година. Букварот, наречен „Абецедар", беше отпечатен на македонски јазик, на леринско-битолското наречје, со латиница. За да се задоволат барањата на Друштвото на народите била изготвена и законска уредба за училиштата на малцинствата, со која би се овозможила настава на мајчин јазик по училиштата во зависност од желбите и искажувањата на родителите. Меѓутоа, наскоро се виде дека Грција никогаш немала намера да го спроведе договореното и дека ја манипулира Меѓународната Заедница. Веднаш по излегувањето, букварот бил запленет и беа сопрени мерките за отворање на малцински училишта за македонските деца во Егејска Македонија. Користејќи го антагонизмот на балканските држави околу македонското прашање, со примена на секаков вид на притисок и терор, Грција продолжила со својата денационализаторска и асимилаторска политика кон Македонците во Грција. |















