Култура и туризам

Трите века (2)

savo-kostadinovski

savo-kostadinovski
Саво Костадиновски

(Роман)

Настаните во овој роман – хроника се вистинити. Имињата, исто така. Со ова, во името на вистината, се оправдувам за евентуалниот впечаток дека фактите влијаеле врз естетиката на делото. Уверен сум дека во многу случаи треба да се претпочитаат вистината и фактите.

Секоја пролет, по попуштањето на стегите на зимскиот студ и снегот, ботушани излегуваа во своите овоштарници, градини, ниви, но излегуваа и подалеку. Блиската работа им ја оставаа на блиските – на жените, старците, децата, а најдобрите мажи, тие што умееја да работат и мајсторски работи или што и да е со што се заработува лебот, заминуваа многу подалеку од своите ниви, многу подалеку од првиот рид што ги дели селскиот атар и небото, подалеку од планината што надвиснала над селото.

trite-veka

Снегот уште се белееше на Добра Вода, а тие веќе мислеа на патот што води далеку.

Некогаш далеку, некогаш подалеку.

Никогаш спокојно, секогаш поради маката.

Заминуваа со многу тежина во себе и со малку пљачки на себе.

Сиромаштијата тежеше, ама на грбот беше лесна. Најчесто заминуваа со алат в торба, некој само со парче ’ржаник, друг со некоја паричка зачувана од продадената стока за да си го плати патот ако оди подалеку во туѓина.

Всушност, ботушани ретко одеа подалеку од своето село. Најчесто некои одеа долу – до Средно Порече по црепни, оти таму имаше најдобра црвеника и правеа најдобри црепни кои не пукаа веднаш под вршникот и на жешкиот оган. Ги купуваа со ѓуламни јаболка и костени, и тоа на зима или во рана пролет кога во долните села веќе немаше многу овошје. Така, некои одеа до Средно Порече, а некои, како и другите Поречани, и до пазар во  Гостивар или во Прилеп. Таму ќе однесеа и свинска маст, оти неа не им ја крадеа арнаутските банди, а ќе се вратеа со сол, шеќер или брашно. До Прилеп патуваа и се враќаа со натоварените мазги за неколку дена. Но некои, откако маките од бандите стануваа поголеми, одеа подалеку, одеа во туѓина, та почнаа да одат дури и преку најголемите мориња. Најдалеку одеа оние што имаа најголеми маки од сиромаштијата или од турските власти. Колку што одеа подалеку, толку подоцна се враќаа, а некои воопшто се немаа вратено.

Ако некој пониетеше да оди на гурбет, денот за тргнување се знаеше. Се тргнуваше на Благоец. Тој ден беше одбран за да им се ублажи маката во туѓина, горчината во душата – на гурбетчиите, ама и на домашните. За да им биде блага и бериќетна печалбата. Тогаш најчесто тргнуваше цела група – тргнуваа и оние кои одеа во полските села накај Прилеп за мајсторски или аргатски работи и оние кои одеа по Србија, Бугарија или во Влашко, па и оние кои одеа уште подалеку преку морињата. Сите одеа со иста намера – да најдат работа, да најдат леб, да најдат малку спас од немаштијата. Тие години многу семејства, остануваа без домаќинот, и тоа на лето, кога имаше најмногу работа.

Костадин беше наумил да оди некаде на печалба уште пред зима. Целата зима ја помина со мислачка за одењето на печалба и со работи кои сакаше да ги заврши пред да тргне. Беше решил да оди подалеку, преку морињата, оти таму, како што веќе слушнал, како да имало рај на земјата, а овде како да има саде пекол. Знаеше дека на току долг пат не се оди за малку време. Нема брзо враќање, барем неколку лета. „Ами оние што не се вратија? Зошто не се вратија? Од арно или од лошо?“, многу често го измачуваше оваа мисла, но веќе ништо не можеше да го поколеба. Сакаше да оди на подолго време и за да го подзаборават Турците.

Уште пред Благоец ги посработи поважните машки работи, присобра дрва од планината да има дури до следната зима, го поправи покривот на трлото и над амбарите кои веќе беа празни како и секоја пролет, го презагради големиот овоштарник што се наоѓаше близу до изворите под селото, прерасади неколку овошки, а во дворот, три дена пред тргнување насади јаболково дрво. Сакаше останувањето во туѓина да го мери со тоа дрвце, да се врати пред да му заврши животот на тоа дрво. На жена си Евдокија & рече тоа дрвце да го чуваат и од деца и од стока оти е засадено заради неговото заминување во туѓина. И така бидна, неговите домашни времето на Костадина во туѓина го мереа со растењето на јаболкницата. За дрвцето се грижеа најмногу од с#. Веруваа: родно дрвце – плодна печалба.

Тој Благоец од Ботуше заминаа седум-осум души. Дури тројца од нив беа се намериле да одат далеку во Америка. Со своите четериесет години Костадин беше најстар, а со него тргнаа уште Станко и Рајко, кој пак цел живот беше овчар, но на работа не отишол ниту до прилепските села, а ниту пак се разбираше од некаква мајсторска работа. Тој имаше мака од дебранските качаци. Прифатија Костадин и Станко да оди со нив, да берат гајле за него, па каде тие, таму и тој.

За нив тројца разделбата беше потешка, а за Костадин најтешка, ако некако може да се мери тагата. Зашто Рајко не беше ни женет, беше уште детиште, колку со годините, толку и со умот. Станко беше женет и првата рожба требаше да стигне дури наесен, а Костадин пак во Ботуше на жена си Евдокија & оставаше четири машки деца – Васил, Аврам, Мојсо и најмалиот Јанко кој имаше само три месеци. & остави доенче в раце, а со тие две раце требаше да ги гледа и храни и другите три деца, да ги работи домашните работи, да му помага на свекорот за овците… Но за среќа Васил беше доволно голем за да може да работи домашни работи, да им помага на мајка си и на дедо си и на стрико му Миле.

Утрината на Благоец речиси половина село ги испраќаше печалбарите, кој нивни роднина, кој комшија, кој другар… Ги испратија на излезот од селото со многу тага, со по некоја солза во очите, со многу топли зборови за здравје и среќа, со скаменет поглед по нив додека ги одеа првите и тешки чекори од долгиот пат за в туѓина. Евдокија со Јанко в раце отиде да го испрати Костадина до каде што води рамниот пат надвор од селото – до под Илино, од каде што непрекинато под буките гргори студената вода од чешмите и од каде накаршија убаво се гледа Ботуше. Убаво место за последен пат да се види родното село, да му се испрати последен поздрав со погледот. Веќе неколку години откако зачестија одењата на печалба до тоа место доаѓаа најблиските на гурбетчиите по кои на заминување ќе фрлеа вода по нив, за да им оди патот лесно како вода, ама и печалбата. Само тие што тргнале душата им знае колку им се лесни патот и печалбата, а ланската година на Миливој од Горно Маало уште на почетокот не му тргна како што требаше, зашто мораше да се врати дома за да се пресоблече. Жените во селото потоа си шушкаа дека тоа е лош знак што се поврати дома. Ама тој Благоец беше студен, а тој мокар од вратот до петиците, оти жена му, на која од солзите во очите и од разделбата & се стемнило и не ни забележа дека го преполни крблето со вода и дека не го посипа по Миливоја, туку врз него.

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

To top