Култура и туризам

Света Гора – градината на пресвета богородица

Света Гора

Света Гора

Земја на живо црковно предание

Кога ќе се спомене манастир и монаштво првата асоцијација што паѓа на ум и што во православниот свет е поим за подвижнички начин на живот е третиот крак од полуостровот Халкидик, наречен Атос или Света Гора. Ова место е познато уште и како градина на Пресвета Богородица, зашто, како што вели преданието, Богомајката, откако по едно патување низ бура се засолнила на бреговите на оваа земја, ја побарала од својот Син за свое наследство. Благословен и постојано заштитуван од Светата Дева, овој дел од полуостровот низ вековите се развил во вистински монашки центар со дваесет големи манастири и многу скитови, каде што истрајно, чесно и неосквернето се живее преданието на Црквата и не постои ништо поважно во животот освен единствената вистинска цел на човекот, а тоа е секогаш да го слави Бога.

За секој православен е сон да ја посети оваа земја на Исусовата молитва и на светите старци. Па така, со благословот Божји и преку застапништвото на Мајката Божја, неколку православни верници од Македонија, предводени од неговото сепреподобие, игуменот на светата Бигорска обител, архимандритот Партениј, во периодот од 9 до 20 ноември го посетивме овој чудесен и пресвет дом на црнорисците.

Очекувањето на бродот во пристаништето во градот Уранополис, што се наоѓа на границата меѓу светот и оние што “умреа за светот”, претставува само дополителен товар за духот што нестрпливо посакува веќе да е во светата населба. Првиот поглед од палубата само ја зголемува тензијата, зашто човек вртејќи се на сите страни низ морската шир се обидува што побрзо да го пронајде меѓу неколкуте далечни брегови, токму оној каде што сиот живот посакува да отиде. Набрзо секој верник ги закопува своите очи на вистинската силуета и не престанува да ја повикува Богородица да го удостои да стигне до таму. Првиот поблизок поглед на Света Гора ги забрзува отчукувањата на срцето и дишењето.

Првото пристаниште на кое застануваме е на манастирот Есфигмен. Слегуваат и се качуваат монаси и верници, а бродот продолжува кон брегот на манастирот Зограф, кадешто се наоѓа чудотворната икона на свети Ѓорѓи Победоносец. Оваа икона е неракотворна, оттаму и името на манастирот – Зограф, и прво се наоѓала во манастир во Ерусалим, но откако се изградил манастирот на Атос, таа, заедно со братството на Ерусалимскиот манастир, била пренесна на Света Гора во манастирот Зограф кој според сведоштвата бил изграден во X век од тројцата браќа на царот Самуил. Некој воденски владика не верувал во неракотворноста на иконата на свети Ѓорѓи и почнал да го допира ликот на светителот по што прстот му се залепил кај носот. Владиката се покајал, но светителот му објавил дека поради неверието ќе остане парче од прстот, кое е таму и денеска. Набрзо, поминуваме покрај рускиот манастир свети Пантелејмон, кој го одзема здивот со својата убавина и прстранство.

Во овој манаситр отседнавме последните три дена, се поклонивме на главата на свети Пантелејмон и духовно се возрадувавме од ревноста и љубовта на братството. Откако нозете го допреа тлото физички почувствувавме дека сонот стана јаве. Навистина сме таму, сега преостанува во наредните денови вистински, со молитва и смирение, да ја доживееме светоста на Богородичната земја. Од пристаништето Дафни, каде што се укотвуваат бродовите, се упативме во манастирот Григоријат, посветен на свети Николај Мирликијски, каде нашето ново духовно искуство почна со бдение посветено на света Анастасија Римјанка. Откако лично го испросивме благословот за добредојде и благодатно бдение од григоријатскиот катигумен, архимандритот Георгиј, навистина се преумивме присуствувајќи на повеќе од десетчасовна целоноќна служба исполнета со прекрасното пеење на браќата од манастирите Григоријат и Ватопед и се поклонивме на манастирките светињи: дел од моштите на света Анастасија, главата на свети Кирик, мошти од свети Григриј Палама и др.

По два дена, од Григоријат се упативме во манастирот Дионисијат. Тука преноќивме чувствувајќи ја подвижничката атмосфера на братството, а утрото присуствувавме на Литургија во параклисот каде се чува светата икона што го спасила Цариград од нападите на Скитите и Аварите, наречена Акатисна или Цариградска.

Оттаму допатувавме во административниот центар на Света Гора, населбата со келии и скитови – Кареја. Тука се поклонивме на иконата “Достојно јест” пред која ангел Господов ја напишал во камен истоимената пофална песна кон Пресвета Богородица. Преноќивме во рускиот скит “Сеј рај”, посветен на светиот апостол Андреј, во кој се чува и неговата света глава, и се уверивме во ревноста на братството за обнова на овој огромен комплекс, но истовремено и во нивната преголема љубов кон секој поклоник. Откако ја видовме Светогорската богословија – Атонијадата и запознавме прекрасни богослови, се помоливме за сите оние што тоа го побараа од нас над патерицата на свети Сава Осветени и иконата на Пресвета Богородица – Млекопитателница во истоимениот скит во Кареја.

Оттаму се упативме на поклонение во манастирот Кутлумуш. Потоа, по за нас чудесни околности, се најавивме и префрлувајќи се од другата страна на полуостровот, отидовме на поклонение и преноќиште во манастирот Ватопед. Тука бевме сведоци на огромни заложби од страна на братството што брои 103 монаси за обнова на оваа света обител. Си спомнавме за сите над многубројните манастирски светињи од кои најпознати се појасот на Мајката Божја и неколкуте чудотворни икони со нејзиниот лик, и тоа: Богородица Ендронос (Која седи на трон), што била лична икона на старец Јосиф Исихаст, Есфагмени или Заклана и Елеовритиса (Елеоточива). Најмаркантна беше иконата Парамитија (Опомена) поради чудото што се случило пред неа. Имено, игуменот на манастирот секое утро, заедно со вратарот, просел благослов пред фреската на Богородица, што се наоѓала од надворешната западна стрна на храмот, пред да ги отвори манастирските порти. Едно утро додека го правеле тоа, од иконата се чул гласот на Пресветата со опомена да не ги отвораат портите зашто манастирот е опколен од варвари што сакаат да го опустошат. Во истиот момент ликот на малиот Христос, Кој бил во рацете на Неговата Мајка, се изменил и исполнил со гнев и Тој упатувајќи ја раката кон устата на Богородица, со цел да ја затвори повеќе да не зборува, ја предупредил дека Неговата волја била да го предаде манастирот зашто братството не живее добро. Но Богородица Му ја фатила раката и рекла дека моли манастирот да се запази. Фреската и до ден денес останала видоизменета, а подоцна била извадена од ѕидот и пренесена на дрво.

Утредента, по Литургијата во параклисот посветен на Појасот на Пресвета Богородица и по прекрасните и душеполезни разговори со неколку монаси, се упативме во манастирот Иверон. Во него се наоѓа дел од Чесниот крст, впрочем во секој светогорски манастир има ваква реликвија, дел од трската и сунгерот со кои на Христос Му подале жолчка помешана со оцет, количество од скапоцената Христова крв помешана со земја и многу мошти на светители. Во овој манастир се наоѓа и чудотворната икона на Пресвета Богородица – Портаитиса. Според преданието, како што на чудесен начин иконата дошла во манастирот, така и ќе исчезне, а тоа ќе значи крај за Света Гора. Таквиот настан ќе биде знак за монасите или да го напуштат полуостровот и да одат да проповедаат во светот или да останат и да умрат во страшниот земјотрес што ќе се случи и по што монашката држава ќе пропадне во морето. Тоа ќе се случи затоа што Пресвета Богородица нема да дозволи Антихристот да стапне на Нејзината земја.

По утринската служба и Литургијата следната дестинација беше благодатниот манастир Симоно Петра. Го основал свети Симеон во XIV век, а по чудесното јавување на Витлеемската ѕвезда во неговата пештерна келија, заклучил дека манастирот треба да го посвети на Рождество на Господ Исус Христос.  

Тука се поклонивме на дел од Чесниот крст, на нетлената рака на света Марија Магдалина, која до ден денес ја задржала телесната температура, на нетлената нога на свети Кирик и на мошти од светите Модест, Пантелејмон и Нектариј Егински. Од братството имавме прекрасен прием и тие ни го пренесоа благодатното искуство од неодамнешното носење на раката на света Марија Магдалина за поклонение во Русија. Од Симоно Петра се упативме во рускиот манастир свети Пантелејмон, од каде по три дена ја напуштивме Света Гора.

Иако се уште тагуваме по тоа што го видовме и доживеавме, по светите мошти, чудотворните икони и благодатните старци, и по тоа што физички не сме таму за да учествуваме во соборот на љубовта, сепак дел од Света Гора понесовме со нас за да го споделуваме со верниците и народот во Македонија.          

Бобан Митевски

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top