Култура и туризам

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (ПРЕЧИСТА) 4. XII/21 XI

1375896391 uspinye-9

1375896391 uspinye-9

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (ПРЕЧИСТА) 4. XII/21 XI

Проф. Др. Марко Китевски

ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА- ПРАЗНИК НА ВОСПИТУВАЊЕТО

Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци коишто ја уништуваат нашата младина.

Денешниот празник Воведение на Пресвета Богородица во храмот што народот го вика Света Пречиста или само Пречиста спаѓа во поголемите есенски празници што се празнуваат и со домашни служби. Овој празник, исто така, спаѓа и во дванаесетте големи христијански празници. Се смета за женски празник и повеќе го празнуваат младите жени, особено оние што уште немаат деца.

Сведоштва за овој празник (како и за некои други моменти од животот на Богородица) се среќаваат само во црковните песни и кај некои писатели на дела со црковна содржина. Праведните Јоаким и Ана, се вели во овие сведоштва, долго немале деца. Го молеле Бога да им даде рожба ветувајќи му дека ќе му ја посветат нему, односно ќе ја дадат да му служи во храмот. Така им се родила Марија. Светото предание натаму сведочи дека бидејќи Марија била измолена со солзи и ветена да му служи на Бога нејзините родители уште кога наполнила една година сакале да ја одведат во храмот. Но се плашеле дека малото девојче може да плаче за нив, па се одлучиле тој чин да го направат кога таа ќе наполни три години. И така кога наполнила три години останувајќи доследни на ветувањето, а и исполнувајќи го долгот кон Бога ја повеле во храмот.
Во свечената поворка што три дена патувала од Назарет до Ерусалим најнапред оделе девојчиња променети во бела облека, со запалени свеќи во рацете, по нив Јоаким и Ана за рака ја воделе малата Марија, а по нив оделе многу роднини и пријатели. Со нив, невидливи за човечкото око, патувале и многу ангели. Беше се собрал и многу народ за да го гледа овој чуден и впечатлив настан. Малата Марија била облечена во свечена облека, со многу украси, како што ѝ приличи на царска ќерка и Божја невеста. Од Назарет до Ерусалим имало три дена пат, но овој пат, бидејќи се работело за патување иницирано со Божја промисла, или со Божји благослов, поворката со леснотија го изодела ова растојание.

Пред храмот свечената поворка ја пречекале свештеници на чело со првосвештеникот Захарие, пеејќи црковни песни. Храмот бил на поиздигнато место и во него се влегувало по скали со 15 степеници. Родителите ја оставиле малата Марија на почетокот на скалите и таа самата, со сила и сигурност на многу поголема возраст, се искачила по скалите весело гледајќи во храмот и не свртувајќи се кон своите родители и кон народот што ја придружувал. Таму ја пречекал првосвештеникот Захарие, (таткото на свети Јован Крстител), кој на општо изненадување на насобраниот народ, а по божја повелба, ја внесол во најсветото место во храмот, еден одделен олтар наречен „Свјатаја свјатих“, (или Светиња на светиите). Тука никој не смеел да влезе, особено не жена, не влегувале ниту обичните свештеници, а и првосвештеникот влегувал само еднаш во годината и тоа на празникот на очистувањето, кога принесувал жртва. На ова се чуделе не само луѓето туку и ангелите, но и ова е направено со Божја промисла и е поврзано со идната улога на Богородица, мајката на Исус Христос. Св. Теофилакт Охридски за овој чин вели дека во тој момент првосвештеникот Захариј бил исполнет со Божји Дух, инаку оваа негова постапка не би можела да се објасни. Потоа Јоаким и Ана како што било ред принесле дарови и жртви за Бога и откако добиле благослов од свештениците се простиле со Марија и заедно со роднините и пријателите се вратиле во Назарет. Подоцна тие честопати го посетувале храмот во кој живеела Марија, особено тоа го правела мајката Ана.

Овде во храмот, освен млади девојчиња кои се воспитувале во вистински Божји дух и се подготвувале за идната служба, во посебни простории живееле вдовици кои служеле во храмот, како што била и пророчицата Ана, што светиот апостол и евангелист Лука ја споменува во своето Евангелие. (Лука, 2: 36-38) По смртта на својот маж Јоаким, таму се преселила и Ана, мајката на Марија, но и таа малку време живеела со својата ќерка бидејќи наскоро и таа починала.

Во храмот Богородица останала до 12-тата година. Тука живеела заедно со други девојчиња, заедно се молеле, принесувале жртви, пееле црковни песни, го читале Светото писмо и учеле некои домашни работи како везење, плетење и сл. Храна примала од раката на ангелот, кој ја штител од секакво зло. Била послушна кон сите и затоа сите ја сакале и почитувале. Така во овој храм Пресвета Дева Марија се подготвувала за идната слава што ја очекувала. Црквата ја нарекува прекрасна зора од којашто изгреало сонцето на правдата. Црковната песна пее дека Светиот Дух ја осветил таа што живеела во храмот и се хранела со небесна храна.
Светото предание уште сведочи дека кога Марија стигнала до возраста кога девојките го напуштале храмот и се омажувале, свештениците побарале и таа тоа да го направи. Но Марија тогаш им ја соопштила својата решеност да не стапува во брак туку до крајот на животот да остане во храмот и да му служи на својот Бог. Но тоа не го дозволувале законите, поради што се барало компромис. По Божја промисла таа била дадена на чување кај еден постар човек по име Јосиф, роднина на нејзините родители. Поради тоа во сведоштвата праведниот Јосиф се среќава и како нејзин старател, но и како нејзин свршеник. Така биле задоволени тогашните еврејски закони, а на Марија ѝ била исполнета желбата засекогаш да остане девица и да му служи на Бога. Дотогаш меѓу Евреите не било познато доживотно заветување на Бога, така што Марија е првата девојка што се решила и што успеала до крајот на животот да биде заветена или посветена на Бога. По нејзиниот пример подоцна тргнале илјадници девојки и момчиња.

Во спомен на воведението или воведувањето на тригодишната Марија во храмот Светата црква го востановила празникот Воведение што се празнува на 21 ноември по стариот (или на 4 декември по новиот) календар. Црковното предание за воведувањето на Богородица во храмот започнало да се запишува уште во вториот век, во текстови познати под името апокрифи. Во четвртиот и петтиот век ова предание било познато во целиот христијански свет. Преданието раскажува дека царицата Елена подигнала црква посветена на Воведението.

Празникот Воведение почнал да се празнува многу касно. Се претпоставува дека се празнува од четвртиот век, но во пишаните документи се среќава од осмиот век. Во почетокот немал елементи на голем празник туку само како обичен спомен. Подоцна го среќаваме со претпразненство и попразненство. На иконите овој настан е насликан така што од едната страна стои првосвештеникот на старозаветната црква кој ја пречекува малата Марија на вратата од храмот, придружувана од група девојчиња со запалени свеќи, а тука се и родителите на Марија и другата придружба.

Во Гевгелиско овој ден се сметал за тежок празник, особено за тие што имале деца. Народот верувал дека цело лето немало да има болести ако тој ден дувал ветер или ако имлоа мраз. Но ако врнело тогаш ќе имало многу болести. Многумина тој ден се причестувале.

Празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот ни го истакнува за углед односот на праведните Јоаким и Ана, нивното исполнување на ветеното, но и нивната грижа за правилно воспитување на нивното дете. Но овој празник и денес е актуелен со тоа што укажува на потребата родителите да се заложат за правилно воспитување на своите деца, за осознавање на вредностите на својата вера, но и за одбрана од негативните пороци коишто денес ја уништуваат нашата младина.

Тропар
ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Денес е почеток на Божјата милост и на проповедта за спасение на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се јавува и Христа на сите го предвестува. Нејзе и ние велегласно и извикуваме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот!

Најново од: Култура и туризам

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

To top