Култура и туризам

ПОКЛОНЕНИЈА ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМ ВО 2007 И 2008 ГОДИНА (53)

1vecn

1vecn

ТРИЕСЕТ И ДЕВЕТТО И ЧЕТИРИЕСЕТТОТО ПОКЛОНЕНИЕ ВО ВЕЧНИОТ ГРАД РИМ

Делегацијата на МПЦ ја сочинуваа: архиепископот Стефан, мирополитот Тимотеј, епископот Климент, архимандритот Некариј, протојереј-ставрофор Драги Костадиновски, протоѓакон Димитар Белчовски, ѓакон Влатко Стојменов и проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски. Државата Република Македонија ја претставуваа: г-дин Љубиша Георгиевски, претседател на Собранието со голема придружба.

За одбележување е што оваа година македонската делегација која го чествуваше споменот на свети Кирил беше најбројна. На манифестацијата беше промовирано капиталното дело „Византиска Македонија” во издание на италијански јазик. Делегацијата, најпрвин, се поклони на гробот на свети апостол Павле, каде што беше пречекана од кардиналот Кордеро Ланца Ди Монтеѕемоло. На 23 мај вечерта, хорот „Свети Климент Охридски” одржа концерт во црквата Марија ди Транспонтина.

На приемот кај папата Бенедикт XVI , архиепископот Стефан му подари панагија со ликот на Богородица Пелагонитиса. На молебенот на гробот на свети Кирил имаше бројни гости, а за поздравување беше што оваа година дојдоа и многу поклоници од Македонија. Во беседата на архиепископот Стефан стана збор за животот и делото на свети Кирил.

Архиепископот Охридски и Македонски Стефан

(Слово изговорено на гробот на свети Кирил, во Базиликата „Сан Клементе”, Рим, 24 мај 2007)

Свети оче Кириле – добро Ти дојдовме и добро Те најдовме!

Ти дојдовме од Македонија – од Твојата и нашата Татковина! Дојдовме од земјата на љубовта, од крајот каде што е божествена убавината и бескрајна добрината. Ти дојдовме во име на народот, крстен од рацете Павлови и просветен од устите Твои, од народот благословен и пастируван од Твоите духовни рожби – Климент и Наум и од многуте богопратени личности; дојдовме од Црквата божја во Македонија, олицетворена како Црква Јустинијанова и Охридска архиепископија, на која Ти и служеше . Дојдовме од име на народот маченик и страдалник, од народот поделен и раселен, дојдовме од каде што се’ е Господово и Твое во Македонија. 

Учителе, дојдовме да Ти се поклониме и да Ти благодариме: најпрво, за љубовта и жртвата, а потоа и за се што направи за нашиот народ и за сите што го разбираа и примија зборот Твој и наш, и писмото Твое и наше. Да. Ти заблагодариме што „со Твоите божествени прсти на својот народ му ја напиша слободата од гревовното ропство, …, што одозгора, со Твоите молитви, му дотече животворна вода … , што со Твоите златозрачни стапки ги упати на прав пат нашите заблудени нозе … , што ја излекува душата од струпјето на гревот, и што всади разум во нашите срца и што во нив ни ја напиша за многумина сокриентата богоразумна тајна … ” – како што Те воспеа некогаш и златоустиот свети Климент. 

1vecn2Св. Софија во Охрид 

Рамноапостоле, дојдовме да Ти се поклониме и да Ти заблагодариме што направи да разберат оние кои се противеа на нашето славење и на нашето молење како неугодни на Бога, што помогна да разберат дека секој народ може да се моли на својот и за себе разбирлив јазик. 

Ти благодариме што ги надмудри, говорејќи им дека сонцето грее за сите и дождот паѓа за сите , а не само за некои народи, и дека подобро е „в’ црква да се кажат пет разбирливи , отколку илјадници неразбирливи зборови” (1 . Кор. 14: 19). 

Просветителе, Ти благодариме што направи Македонија да постане земја-книга, земја-икона и земја-олтар , да постане небо на земјата и земја за небото. Ти благодариме што направи зборот наш да постане непобедливо оружје и сила што се распростре од Солун до Владивосток, што со него ги направи горди и Балканот, и Моравија и панонија, што на Охрид му остави вечна белина и светлина што не заоѓа. 

Свети оче Кириле, Ти дојдовме, како и секоја година во изминативе 40 години, на гробот Твој, на вековниот за нас извор на нови сили и поткрепи. Одовде постојано го црпиме она што ни е најпотребно: и утеха, и надеж, и храброст , и трпение , и се што ни треба. Горди сме што Те имаме и за себе и за другите, што Те имаме за сите. 

Ти дојдовме заради Црквата која Ти ја сведочеше – едната и неподелена Црква Божја. Светите и богоугодниците како Тебе, им припаѓаат на сите. Господ Сезнајниот посака токму овде, во Рим , близу Павловото, да биде и Твоето земно почивалиште , за да сееш и понатаму љубов меѓу луѓето, за да го проповедаш мирот меѓу Истокот и Западот, за да продолжиш со градењето на добра волја меѓу народите…

1vecn3Свети Спас во Скопје 

Просветителе, дојдовме по благословот Твој, за да можеме да ги зaдржиме искушенијата што ги имаме како Црква и народ , што, како и на Тебе некогаш , и нам некои ни ги оспоруваат – јазикот и писм ото, историјата и културата, ни го оспоруваат и мето, ни ја негираат Татковината и се што е македонско. Дојдовме овде, каде што и твоето дело беше признато и благословено. Дојдовме да побараме благослов во годината кога одбележуваме 40 години од целосната возобновена автокефалност на нашата Црква – Охридска и Македонска архиепископија. 

Дојдовме и да Ти кажеме, дека и покрај сите распетија што ги доживеавме и ги доживуваме како народ и земја, постигнавме и постигнуваме дела, веруваме, достојни за почит: ја чуваме верата, ја браниме Црквата, се грижиме, според силите, за спасението на душите на богољубивиот наш народ. 

Учителе, дојдовме за да не благословиш со благословот Божји што секогаш ни го даваше, и за да Ти кажеме дека, по Твоите молитви, ќе истраеме на патот Твој, по браздата Твоја и Методиева, на делото Климентово и Наумова, ќе истраеме за да се запази достоинството на Твоето богоугодно и свето дело. 

Свети оче Кириле, благослови не и моли се за Црквата наша македонска, за народот Божји и државата наша македонска: моли се за оние што не љубат и за оние што ни прават зло, -. за да се просветат. 

Моли се за оние што го следат и за оние кои застраниле од Твојот пат – моли се за сите! Биди ни и понатаму постојан застапник пред Семоќниот Господ, заедно со брата Ти Методиј, со свети Климента и со сите светии. Амин! 

На 14 и 15 јули 2007 година во Охрид беше свечено одбележана 40-годишнината од донесувањето на Одлуката за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија, чија легитимна наследничка е Македонската православна црква.

Oд издавачката дејност:

Цветан Грозданов: Живописот на Охридскта архиепископија, студии, 2 издание, МАНУ, Скопје 2007.

Маја Јакимовска -Тошиќ: Кирилометодиевски книжевни проекции, Институт за македонска литература, Скопје 2007. 

Лилјана Макаријоска: Студии од историската лексикологија, Посебни изданија од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, кн. 48, Скопје 2007.

Ѓорѓи-Поп-Атанасов: Средновековна македонскахимнографија, IX-XIIIвек, Скопје 2007. 

Ѓорѓи-Поп-Атанасов: Света Гора, Скопје 2007.

Д-р Ратомир Гроздановски: Свети апостол Павле и Македонија, Скопје 2007.

Вера Стојчевска-Антиќ, Странските слависти за Македонија и за македонскиот јазик, Универзитет „Св. Кирил и Методиј”, Скопје 2007. 

Вера Стојчевска-Антиќ: Ореолот на свети Климент Охридски, Охрид 2007.

Вера Стојчевска-Антиќ: Претскажувањата на Голем Александар, Дијалог, Скопје 2007.

Вера Стојчевска-Антиќ и Славе Николвоски-Катин: Култот на Дева Марија и Света Богородица Слимничка во Преспа, Македонска искра, Скопје 2007.

Продолжува

1slaveПишува: СЛАВЕ  КАТИН

Најново од: Култура и туризам

Археолошкиот локалитет „Церје“ кај селото Говрлево, Скопско и локалитетот „Кокино“, Кумановско

Церје, Говрлево, мегалитска опсерваторија Кокино, праисториска Македонија, археолошки локалитети во Македонија, древна македонска историја, бронзено време, праисториска археологија, древни македонски печати, културно наследство на Македонија Исклучително знаење за докажување дека постоела ПРАИСТОРИСКА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА имаат печатите од локалитетот ,,Церје” кај с. Говрлево близу до Скопје. Имено, археологот Милош Билбија во 1982 – 1983 година, при […]

Под Скопското Кале пред повеќе од 5.000 години постоела праисториска населба

Под денешното Скопско Кале, на просторот што со векови претставувал значаен стратешки и историски пункт, се кријат траги од животот на луѓето уште од праисторијата. Археолошките истражувања потврдуваат дека овој простор бил населен многу пред изградбата на средновековното и подоцнежното утврдување. Според археолошките наоди, на подрачјето на Скопското Кале постоела праисториска населба, чии почетоци се […]

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА“ – КРНИНСКИ МАНАСТИР, ДУХОВЕН БИСЕР НА КИЧЕВСКО

Манастирот „Света Пречиста“, познат во народот и како Крнински манастир, се наоѓа на падините на планината Врвои, на надморска височина од околу 920 метри, на приближно 12 километри од Кичево. Сместен во прекрасна природна околина, опкружен со планински шуми и чист воздух, манастирот претставува еден од значајните духовни, културни и историски споменици на Кичевскиот крај […]

Неолитска култура на Централниот Балкан и на Егејот

Во Тесалија, под името Сескло или прото-сескло, културата по локалитетот покрај Volos, потоа уште Pirosasos, па Ahilon, Agrissa, Otzaki, Sufli и Tsani култури. Следат културите: Elatia во Фокида, Heronea во Беотија, Nea Makri во Атика, Корин, Спарта и Лерна на Пелопонез, Knos и Kato лерапетра на Крит, Amorgos, Lemnos итн. на егејските острови. Археолошките наоди […]

Асеманово евангелие е средновековен македонски книжевен споменик

На фотографијата се гледаат два столба со глаголски текст и големи црвени иницијали. Страницата е дело на калиграфот Георги Гоце Дуртаноски, кој со својот препис го доближува до денешниот читател изгледот на еден од најстарите зачувани словенски ракописи – Асемановото евангелие. Глаголски ракопис од X–XI век Асемановото евангелие е напишано на старословенски јазик со обла […]

„Св. Преображение“ во Зрзе – од пештерните испосници до средновековниот иконопис

На врвот на бигорната карпа западно од прилепското село Зрзе се издига манастирската црква „Св. Преображение“. Под неа, по падините на карпата, се зачувани остатоци од монашка населба чии почетоци археолозите ги датираат кон крајот на IX век. Кога во XIV век била подигната црквата на горното плато, во пештерите под неа веќе со векови […]

Ангелот од Курбиново и загатката за непознатиот ктитор

Опис од приложената фотографија: Западната фасада на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа. На падините над Преспанското Езеро, кај селото Курбиново, стои еднокорабната црква „Свети Ѓорѓи“. Зад нејзината едноставна камена фасада е зачуван еден од највпечатливите фрескоживописи од крајот на XII век. Меѓу насликаните ликови, погледот најдолго се задржува на архангелот Гаврил. Наборите на неговата […]

Манастирот „Св. Рожденство на Пресвета Богородица“ во Согле

На околу три километри од селото Согле, во шумскиот предел на Азот, се наоѓа манастирот „Св. Рождество на Пресвета Богородица“. Комплексот е на територијата на Општина Чашка, на околу 30 километри југозападно од Велес. Од селото до манастирот води земјен пат. Манастир изграден со помош на околните села За почетоците на манастирот има малку пишани […]

To top