Култура и туризам

РУСИНОВО – РОДНОТО МЕСТО НА БЛАГОЈ МЕХАНЏИСКИ (3)

1kir1230

1kir1230Патувањето низ Малешевијата во исто време претставува и предизвик и возбуда и задоволство за посетителот на овој источен дел на етничка Македонија. Кога човек патува од Виница за Берово и штом се искачи на Обозна од каде почнува Малешевијата, тој има поинакво чувство. Тоа е предел каде природата несебично подарила многу убавини. Таму, во прекрасната питомина, во зелената оаза на спокојот и природната благодет, таму високо, од дамнина е распослано селото Русиново.

Нашата цел беше да ја посетиме Малешевијата, но посебно внимание да посветиме на Берово и Русиново. Меѓутоа, коге се пишува за Русиново, родното место на Благој Механџиски, човекот кој е познат и признат и како бизнисмен и како донатор и хуманист не само во Малешевијата, туку и во цела Македонија и по широко, неодминливо е накратко да се претстави Малешевската Котлина.

Малешевската Котлина од сите страни е заградена со планини и тоа: на север со Голак и Беаз Тепе, на југ со Огражден, на исток со Кадиица и Влаина  и на запад со Плачковица и Обозна. Овие планини се богати со шуми во кои преовладуваат буката, дабот и елата, а изобилуваат и со сочни пасишта и разновиден дивеч.

Малешевската Котлината го зафаќа изворскиот слив на реката Брегалница  па сè до нејзината клисура над селото Разловци. Таа е опколена со  Малешевските Планини и со разграноците на планините Влаина, Голак и Плачковица, а е отворена само кон север по долината на реката Брегалница. Преку Малешевијата водат две регионални сообраќајници. Едната ја поврзува Малешевијата на север со Пијанец и на југ со Струмичката Котлина, а другата ја поврзува на запад со Виничката Котлина и на исток со долината на реката Струма.  

Малешевската котлина има средна надморска височина од 900 метри и спаѓа меѓу највисоките македонски котлини со Мариово и Преспа. Во пролетниот и летниот период Малешевската Котлина има изглед на зелена оаза поради непрегледните сочни ливади  и пасишта. Сликата и пејзажот го надополнуваат и многубројните овоштарници чии дрвја натежнале со сочни плодови – сливи, круши и јаболка со кои котлината е надалеку позната.

Малешевијата e питома, мирна и исто толку и дарежлива и сè уште неоткриен дел од природата. Тоа придонело населението во Малешевската Котлина да се одликува со традиционална гостољубивост и револуционерна прадедовска традиција, масовно приклучувајќи се кон Разловечкото, Кресненското и Илинденското востание.

1kir12301Русиново

Најголем број на патеписци, историчари и други истражувачи името Малеш го поврзуваат со лично име коешто постоело и врз основа на коешто градот го добил тоа име. Некои од научниците сметаат дека топонимите Малеш, Малешево, т. е. Малесево доаѓаат од старословенските зборови – мал лес, што значи мала шума, мала планина. Од историјата на Малешевијата, регионот Малеш бил населен уште од праисториски времиња, за коешто сведочат и остатоците од населбите и могилите.

Големиот број регистрирани археолошки локалитети не се истражувани, затоа со сигурност не може да се каже од кое време потекнуваат. Меѓутоа, се знае дека во IV век пред Христа,  Малешево било во состав на државата на Филип и Александар Македонски. Во VI и VII век по Христа, на територијата на Малешево се населиле македонски Словени.

Името Малешево за првпат во пишуваните извори е спомнато во грамотата на византискиот император Василиј II од 20.5.920 година, во која зборува за бројот и составот на епархиите на Охридската архиепископија. Кон крајот на XII век во административната поделба на Византиското Царство имало и Малешевска-Мороздвишка провинција.

По балканските војни и Првата светска војна Малешево влегува во составот на Кралството на СХС, а по Втората светска војна, еден дел од областа останал во Македонија, а другиот дел, Пиринска Македонија и‘ припаднал на  Бугарија. Денес Малешево како географски термин на територијата на Република Македонија опфаќа две општини – Берово и Пехчево.

Затоа, и јас како патеписец, кој патувал по светот, имам желба скромно да пишувам за Малешевијата, а овој пат да го претставам Русиново, родното место на Благој Механџиски-Бари и на голем број други познати и признати интелектуалци, бизнисмени и други граѓани на светот. Со подготвувањето на неговата монографија ми се укажа можност да пишувам за Малеш,  за убавото Русиново, кое е ни село ни град и e една од значајните македонски населби во Малешевијата и пошироко во Македонија.

Во историјата за Русиново е запишано дека во најисточниот дел на Република Македонија, во горниот изворишен дел на реката Брегалница се наоѓа Малешевската Котлина. Во нејзиниот југозападен дел се наоѓа русинскиот реон кој зафаќа површина од 18 000 хектари, а лежи на надморска височина од околу 850 до 1400 метри. Русиново  е македонска ридска населба која се протега на двете страни на Русинска Река, во нејзиниот среден тек. Со центарот на општината, Берово, е поврзано со асфалтен пат.

1kir123012Храмот „Света Петка Параскева“ 

Патувајќи од Берово кон Русиново, патникот првин влегува во убавото, познато и значајно село Владимирово. Инаку, Владимирово го нарекуваат село на интелектуалци. Од таму потекнуваат врвни стручнаци од сите области кои дале, даваат и ќе даваат голем придонес во македонското општество. Од секогаш владимирци котираат многу високо во општината Берово, во цела Македонија и пошироко. 

По само три километри изминати по асфалтен пат од Владимирово, откако се преминува ридот Бучавар се  стигнува во Русиново. Во село кое по многу нешта наликува на градска населба, центарот е широк и убаво уреден урбан плоштад. По асфалтираните улици можат да се видат  стари и современи куќи како да се изградени од неодамна. Таму, центарот го красат современата училишна зграда со детската градинка и забавиштето, потоа новите објекти на Здраствениот дом, Поштата и други објекти.

Русиново има богата историја. Автентично сведоштво за неговиот вековит опстој се археолошките локалитети, меѓу кои: населбите од доцно античко време: Ан, Градиште, Петрово Брдо, Плашица, Чука и Терзиевец, потоа од римското време се могилата Дунковец и населбата Долно Грамаѓе, старохристијанските цркви Црквиште I и Црквиште II, како и средновековната црква Џами Тепе.

Еден од значајните објекти во Русиново, секако, е црквата „Света Петка  Параскева“. Таа била изградена во XIX  век и е богата со икони и записи кои се однесуваат на различни временски периоди. Нема точни податоци за нејзината изградба ниту се знае кои биле зографите. Високите ѕидини околу црквата како дел од историјата и вистината укажуваат дека Русиново со векови било напаѓано и палено, а неговите жители ограбувани и убивани.

Денес,  покрај храмот „Света Петка Параскева“, која е главна селска црква, во која се наоѓаат и селските гробишта, во Русиново има уште две капелни цркви: „Свети Марко“, за која не се знае кога е изградена  и „Свети Архангел Михаил“ која датира од XIV век.

Инаку, борбата за национално ослободување од Отоманската Империја во овој крај организирано започнала многу одамна. Уште пред создавањето на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО) во 1893 година, Малешевијата била центар на многу настани од овој период.

За името на Русиново се смета дека на денешната месност Старо Село одамна постоела населба за која се вели дека од неа русинци водат потекло. Според легендата, пак,  во почетокот на XVI век за време на жетвата дошле Турци мерачи на жито и собирачи на данок. Притоа, стопанот Русе го убил Турчинот што сакал да ја обесчести ќерка му. Плашејќи се од турската потера се иселил од селото и изградил куќа погоре од реката во шумата и останал да живее таму. Настанот го потврдува камениот крст кој се смета за прв гроб по чие име населбата го добила името. Жителите на селото од маалото Буроско и Чукарско се сметаат како први жители, бидејќи нивните гробишта се веднаш до влезот на црквата.

По неуспехот на Разловечкото и Кресненското востание, Турците во овој крај спровеле голем терор и насилство врз невиното население. Така, во 1880 година, Русиново било сардисано од аскерот. Во своите спомени македонскиот револуционер Никола Петров Чукарски (Русински) овој морничав настан го опишува дека кога тој бил на седумгодишна возраст мајка му, преку ноќ, кога спиел, го однела со сите селани во боровата шума во Јановица.

 Кога се разбудил видел дека околу нив има големи огнови и вооружени луѓе со реденици патрони како да носат броеници околу појасот, и преку рамото носеле пушки. Тогаш началникот на турската војска влегол во селото, собрал 15 селани и ги испратил во скопскиот затвор Куршумли Ан, но селото не било запалено. Во чест на познатиот револуционер, основното училиште го носи неговото име, „Никола Петров–Русински“, за што русинци се горди и со почит се однесуваат кон неговото име и дело, а тоа посебно го прави бизнисменот Благој Механџиски

По многу години преку манифестацијата „Вршник“ Општината Берово го врати традиционалното прославување на Илинден во Русиново во чест на комитите и револуционерното минато. Преку „Вршник“ Општината ги врати своите искони и минато, херојството и непоколебливоста да учествува во сите револуционерни збиднувања. Овој традиционален настан има за цел да ја визуелизира традицијата, да го доближи културното наследство до современото.

 На овој настан може да се почувствува животот од минатото, да се види како изгледале војводите, но може да се почувствува и вкусот на традиционалната храна. На 2 Август, на Илинден, во Русиново пулсираат спомените за славниот Илинден, преку изведбите на старите македонски песни, препознатливото македонско оро и аматерските театарски изведби.

Продолжува

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Култура и туризам

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

Македонските просветители свети Климент и свети Наум Охридски

Свети Климент Охридски-Чудотворец е заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ, патрон на Македонската православна црква- Охридска архиепископија и најпознатиот меѓу повеќето ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Тој остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други […]

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Најнови вести

To top