Култура и туризам

РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО И СЛАВНО СЕЛО СМИЛЕВО – РОДНОТО МЕСТО НА ПЕТАР СТАМАТОВ (3)

1gal6

1gal6

ИСЕЛЕНИЧКАТА ФОНДАЦИЈА „ПЕТАР СТАМАТОВ“ НА УКИМ

Смилево е типично македонско, мијачко, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се здомиле ширум светот. Тоа е родното место на Петар Стаматов кое му било често во мислите и многупати го сонувал, а во исто време се интересирал и читал за родното место. 

Во живописните предели на селото Смилево, родното место на донаторот Петар Стаматов, очите се отвораат повеќе од било каде на друго место. Таму, во тоа планинско место длабоко се чувствува чистиот воздух што доаѓа од високите убави елки и борови и буковите шуми на Бигла, Утоец и Голем Камен. Тоа е предел кој за секој посетител отвора широк хоризонт, го мами со сета своја убавина и е на дофат на секој вљубеник на природните реткости на македонска земја.

Таму, во пазувите на Бигла Планина, на 10 километри од патот Битола – Демир Хисар, од левата страна, на 880 м надморска височина се наоѓа живописното село Смилево. Тоа е типично македонско, мијачко, печалбарско место од кое, како и од голем број села под Пелистер, многумина заминале и се здомиле во САД, Канада, Австралија и во некои земји на Европската Унија.

Меѓутоа, одреден број вработени на различни места во Македонија доаѓаат во Смилево – нивното родно место кое ги привлекува со невидена сила. Тие доаѓаат на дедовските корени за да воздивнат во своите стари домови, да ги реновираат старите или да изградат нови куќи, да ги обноват спомените од младоста, од минатото…

Инаку, Смилево е единствено мијачко село во Демирхисарско. Населено е со Мијаци, дојдени од мијачкиот предел кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, бегајќи од големите зулуми и грабежи. Легендата вели дека до денешната населба на селото Смилево постоела населба од Брсјаци. Тоа место се нарекува Старо Смилево. Новопристигнатите Мијаци продолжиле да се занимаваат со сточарство, но кога и таму се јавиле грабежи и несигурност го напуштиле сточарството и се ориентирале кон ѕидарскиот занает. Набргу станале најголемите мајстори – ѕидари во Битола, Ресен и пошироко.

Карактеристично за мајсторите-ѕидари од Смилево е тоа што тие имале„Таен јазик на смилевските ѕидари“. Јазик распространет помеѓу мајсторите-печалбари по потекло од Смилево. Истиот јазик, со некои несуштествени разлики, се сретнувал и во Папрадиште и во Ореше. Тајниот јазик бил користен од луѓето кои заминувале на гурбет, со цел непречен разговор на тајфите помеѓу муслиманите.

Јазикот се појавил со засиленото заминување на печалба низ отоманските провинции и другите балкански земји. Неговиот развој траел неколку децении, а како главна карактеристика е дека неговите зборови главно припаѓаат на менливите морфолошки форми: глаголи, именки и придавки.

1gal67Илинденски борци во Смилево

Смилево е најубаво, највесело и најпривлечно на Илинден, на тој величествен ден на сенародниот македонски копнеж за борба и слобода, на најголемиот празник од сите празници во Македонија. Тоа со гордост го истакнува своето бурно минато исполнето со непокор и борба за опстанок. Во илинденскиот период таму се случиле бурни и драматични настани, а во текот на фашистичката окупација, Смилево било едно од жариштата на револуционерното движење и прва ослободена територија во Битолскиот крај.

На Илинден во Смилево се чувствува топло гостопримство и срдечност кај сите оние што доаѓаат да се сретнат со своите роднини, пријатели, познати… Зашто на Илинден во Смилево се собираат голем број смилевчани кои живеат надвор од татковината, иселеници од прекуокеанските земји, од европските земји, смилевчани што живеат низ Македонија, како и гости и иселеници од другите села и бројни повратници од Демир Хисарско и Битолско.

Смилево, како и многу македонски села, е од збиен тип; со тесни улици, стари македонски куќи изѕидани со камен, поделени на неколку маала. Смилевци биле познати мајстори на кои, како и на вевчанци, каменот им бил специјалност. Скоро на сите куќи висат пространи балкони, а дворовите се оградени со камени огради. Населението е со мијачки корени, како во Галичник и околните села. Тоа е единствено мијачко село на тие битолски простори.

Селото Смилево е родното место на Петар Стаматов. Тоа за донаторот било и сон и јаве, и желба и замаглена слика, и  љубов и тага, и минато и вечност. Затоа Смилево му било често во мислите и многупати го сонувал, а во исто време се интересирал и читал за родното место.

Денес селото Смилево административно е во состав на општината Демир Хисар, или порано познато под името Железник или Мургашево, во кое живееле околу 3.000 жители.

Општина Демир Хисар се наоѓа на ридско-планинската област што се простира во југозападниот дел од Република Македонија, или, поблиску одредено, северозападно од пелагониската низина, околу горниот слив на Црна Река со нејзините притоки.

Во составот на Демирхисарската општина влегуваат 38 населени места во кои, според пописот од 1981 година, живеле 14..414 жители, а според пописот во 1994 година во општината имало 7.716 жители. Рапидното намалување на бројот на населението, особено во селата е големата миграција во други земји.

Инаку, името на ова подрачје потекнува од зборот Сидеро-Кастрон, што значи железна тврдина. Многу подоцна Турците го нарекле Демир Хисар што всушност претставува само превод на првото име. Најверојатно ваквото име го добило поради планинскиот карактер и индикациите на железната руда која се појавува речиси на целиот простор на ова подрачје.

По своите релјефни карактеристики, Демир Хисар е ридско-планинско подрачје, со средно високи планини, кои се шумовити и на места оголени. Во релјефот на ова подрачје најдобро се оцртуваат планините: Бигла, Плакенска и Илинска Планина кои се гранични планини со Преспанската и Охридската Котлина, со највисокиот врв Плакенски Врв (1990 метри).

Подрачјето Демир Хисар е релативно ретко населен простор со потпросечната републичка густина. Ова подрачје е населено со етничката група Березити – Брсјаци и во етнички поглед е мошне чисто, со незначителен процент од други етнички групи. Бидејќи подрачјето е претежно планинско, шумовито и богато со пасишта, ги нуди потребните услови за развој на сточарството, поради што и главни занимања на населението од овој крај биле сточарството и земјоделството.

Планинскиот карактер на подрачјето, бујните шумски комплекси им одговарале на комитите од овој крај и во нив тие наоѓале сигурни засолништа во горите и во бројните пештери длабоко засечени во варовниците.

Во втората половина на ХIХ век, подрачјето на Демир Хисар било опфатено со народносната преродба на македонскиот народ. Македонците од ова подрачје почнале со отворена борба за отфрлање на грчкиот јазик од училиштата, од службата по црквите и манастирите и за негова замена со словенскиот (месниот македонски јазик). Во тој период избувнала и прочуената Брсјачка буна во Демир Хисар која се проширила и во соседните делови на Македонија.

Осман­лиските власти ја задушиле буната, но не и борбениот дух на населението од ова подрачје. ТМРО и ВМРО создале мрежа и на ова подражје. Меѓу први­те организатори на месните комитети се истакнал Стојан Донски, а подоцна во овој крај дејствувале и најистакнатите македонски револуцио­нери и идеолози: Дамјан Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, па дури и самиот Гоце Делчев кој во 1901 година го посетил мијачкото село Смилево.

1gal68

Зградата на Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес

Секако, најзначаен историски момент за Смилево, родното место на донаторот Петар Стаматов, е одржувањето на Смилевскиот конгрес на битолската револуционерна област, во мај 1903 година. На него била потврдена одлуката од Солунскиот конгрес за дигање на Илинденското востание. Со борбените дејства на околу 1.000 востаници од овој регион раководело Реонско горско начелство, во чиј состав биле: Јордан Пиперката, поп Кузман од Село Бабино, Христо Пасков и други. Попознати настани од овој период се и борбените судири со османлиските војски во близината на Слепченскиот манастир откако било изгорено село Смилево.

Исто така, по создавањето на кралството на СХС (Срби, Хрвати и Словенци), во демирхисарскиот крај како прв организатор на месни организации на КПЈ (Кумунистичката партија на Југославија) се јавил учителот Тако Жуниќ кој учителствувал во село Смилево.

Борбениот дух на Смилево продолжил и во текот на Втората светска војна. На 2 август 1942 година, Битолско-преспанскиот одред ,,Даме Груев” извршил акција во село Смилево, при што ја нападнал окупаторската општина, го заробил бугарското раководство и ја запалил архивата.

До ослободувањето, по Бтората светска војна, Смилево, а и целата општина Демир Хисар, претставувале непознато екстензивно земјоделско-сточарско подрачје „отсечено од светот” не само по тоа што не било поврзано со сообраќајници, туку немало и никаква стопански развиена дејност. Единствено, на примитивен начин се произведувале дрвен јагле, вар и земјоделско-сточарски производи.

Во Демир Хисар немало никакви образовани и стручни кадри, а права реткост била да се сретне некое лице со средно образование. Од школски институции, во поголемите населби постоеле само училишта за основно образование.

По Втората светска војна, за Смилево посебно можело да се истакне развојот на образованието, здравствената заштита и станбено-комуналните дејности. Неписменоста кај населението била искоренета, бидејќи опфатеноста на учениците во основното образование била целосна. Во ова насока, предначело селото Смилево, родното место на донаторот Петар Стаматов.

Продолжува

1slave 1Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Најново од: Култура и туризам

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

Промоција на „Раскинување на договорот“ во „Матица македонска“ – Сотирис Минас, Гркот кој ја побара вистината и ја засака Македонија

Во присуство на бројна публика, на 19 септември во книжарницата „Матица македонска“ во Скопје беше промовирана двојазичната поетска збирка „Раскинување на договорот“ на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас – автор кој нема македонско потекло, но сам го научил македонскиот јазик и преку своето творештво отворено проговори за Македонија, македонскиот јазик, идентитетот и правото на […]

Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор

Дали на Пеленица над Драчево навистина постоел манастир со необичното име „Свети Ерусалим“? Новото истражување на Ставре Џиков отвора прашање кое води длабоко во минатото на овој стар христијански простор. Документите го потврдуваат името „Свети Ерусалим“, додека археолошките наоди сведочат дека Пеленица била значајно христијанско место уште во доцната антика. На само неколку километри над […]

To top