Култура и туризам

ГРАНИЦИ ИМА ВО СЕ’, книга од Марија Емилија Кукубајска, за моралот кај децата

1aus6

1aus6

Горјан Петревски

Проф. д-р Марија Емилија Кукубајска, уште од својата рана младост, како една од најталентираните поетеси во генерацијата на која ѝ припаѓа, се искажа преку стихот, преку есеистика и наука, за да остане своја на својот простор, за да се потврди во сѐ што ќе науми. Тоа го одржува со децении, долго време престојувајќи во далечни земји, образувајќи се и истражувајки,  но и враќајќи се во поднебјето што се именува како Татковина, во Македонија, во родниот и знаменит Штип, градот од кој, сепак, никогаш не се оддалечи, иако ја доживуваме како жител на сета планета.

А за мене сакам да биде Марија, генерациски, но и духовно, да ми остане како пријател, како драга поетеса, една од најнадарените преку поезијата со која се појави во самиот почеток на седумдесеттите од минатото столетие. Овој пат, на мое задоволство, еве, како автор не останува должна да навлезе и во светот на детето, во оној простор кој е раскошен и богат за да се истражува, но и да се предизвика на начин како што тоа го прави таа со уште една, поточно две книги: „Имињата на времињата“ и „Граници има во сѐ“. Детето расте и ќе биде еден ден ГОЛЕМ ЧОВЕК, па затоа уште од ранина треба сериозно да му се пристапува. Марија Емилија Кукубајска тоа го прави, би рекол, безгранично и тоа преку книгата „Граници има во сѐ“, која ќе ја доживееме на добредојден начин како појаснување на поими и поимања кои се апстрактни за децата.

„Граници има во сѐ“ всушност ни понудува необични есеи за деца, нешто што не е практика во нашата литература наменета за најмладата читателска популација. Рационална во искажувањата, но умешна во разјаснувањата, ќе успее да ги разграничи поимите кои се (не)разбирливи за детето, но постојано врзани за животот. А на овој начин пристигнува и нивното толкување пред кое малиот човек ќе се подзамисли, но притоа и ќе му се отворат вратите кон нови сознанија и спознанија, кон загатливост и одгатливост, за да се убеди дека и самото умее да размислува, а со тоа да биде и во „рамноправност“ со оние што се повозрасни од него. Не е едноставно, а е препорачливо да се разјаснат поимите знаење, способности, можности, успеси со кои детето се соочува, а не може да си ги протолкува, а и колку што му се јасни авионите, возовите, бродовите и морињата, толку повеќе ќе го заскокотка што е, всушност, јадењето, пиењето, спиењето и размислувањето, но и водата, воздухот, копното… И уште бактериите, вирусите, паразитите, потоа зрачењето, а и да се откријат границите на боите, но и постојаните потреби од самопослуги, банки, театри, чекалници, но и замоци и вили, деца и дом, куќа и покуќнина, документи, забрани, студенти, јазици и култури, вери, разграничување на добри и лоши луѓе…

Тоа е главно темелот врз кој е поставена книгата „Граници има во сѐ“ од Марија Емилија Кукубајска, со соодветно толкување на секојдневноста, онаа во која детето уште од најрана возраст постанува истражувач. Книгата, прилагодена да се доживее во мини есеистичка форма, е прикладна за најмладите, се доживува како прирачник за животот, како соочување со она што е постојано околу нас и пред нас, и во нас како мисла, чувство, како прво детско искуство.

Истакнатата авторка Марија Емилија Кукубајска изнашла начин како да објасни, а со тоа во својот мозаик да вгради уште еден вонредно прифатлив проект, во оваа пригода, за најмладиот читател.

МАРИЈА ЕМИЛИЈА КУКУБАЈСКА

ЗНАЕЊЕ, СПОСОБНОСТИ, МОЖНОСТИ, УСПЕСИ

Се’ има граници, и сласт и власт. Сѐ треба да има црвени линии, јасни и чисти. И учителите нема догодина да ни бидат исти. Ни водителите на емисии, на градови и држави. И знаењето има свои граници. Лани знаев помалку од сега. И двојката е за ограничено знаење кое за до петка не се стега да научи. На Олимписки игри се надминуваат границите на шампионите. А птиците не може да ги надминат висините на авионите. И орелот е ограничен – не може да лета од планета до планета.

АВИОНИ, ВОЗОВИ, БРОДОВИ, МОРИЊА.

Авионите имаат граници, на писти да слетаат, не во остри планини. Возовите одат по вградени шини, колите по патишта, но, со ограничени брзини. Граници имаат и бродовите по реките и океаните, да не заглават во плитко, во карпи или санти мраз, како Титаник. Така и малите деца не смеат да пливаат над ограничени морски длабочини, и ширини.

ЈАДЕЊЕ, ПИЕЊЕ, СПИЕЊЕ, РАЗМИСЛУВАЊЕ

И јадењето треба да ни биде во здрави граници, да не сме дебели непријатели на своето тело, ниту слаби, болни, мрзеливи, безволни… А цигари, дрога, алкохол – не во граници, туку ни-ка-ко, никакоооо Да не пробаш, другар мој!!!. Самите ли себе да се убиваме??? Забрането, оградено, опасное е: не влегувај во поле со дрога. Слушаш!?

ЖИВОТНИТЕ – ВОДА, ВОЗДУХ, КОПНО

И животните имаат граници во исхраната, не јадат отровни билки, или отровни риби. Рибите се ограничени да живеат во вода. Камили, слонови, еленчиња … само по копното пасат и одат. А китовите? Имаат ли ограничени средини каде да се родат? Дааа. А жирафите: пливаат ли во морето? Е, па не. Граница има за секој и за сѐ.

БАКТЕРИИ, ВИРУСИ, ПАРАЗИТИ… ЗРАЧЕЊА

И бактериите граници имаат, на чисти раце не се примаат. И вирусите не напаѓаат секого. Некои од нив се пуштени од епрувети. Па некој некому да му се освети, можеби… нечовечна причина, неморал без разум. Паразитите се ограничуваат на некого друг да растат. И болестите граници не гледаат, дури ни преку мувлосани кикирики и зелки, болни мачиња, кучиња, желки! Но, ние пред се’ самите треба да се гледаме.

ВО ГРАНИЦИТЕ НА БОИТЕ

Граници има и во боите; црвената не е плава, жолтата зелена не е, иако светлината со боите иста песна пее. Но окото разликува. И хоризонтот е ограничен. А таму каде завршува градот, почнува природно поле. И автобусот има граници – нема седишта за сите одделенија, само за едно. И часот има тек, има граници… лекцијата не трае цела ноќ, цел век.

САМОПОСЛУГИ, БАНКИ, ТЕАТРИ, ЧЕКАЛНИ

Во самопослуга? Кој смее да зема, да купува без пари. Границааа! И во банка границите се како на станиците: мали деца таму не купуваат пари. Па ни луѓето стари. Немаш книшка? Стоп, граница! И на лекар да си, и во театарска сала: има ред, и граници; има чекање: карта ќе купиш, па ќе влезеш, без да се туркаш. Имај граници, со трпение и со поведение.

ЗАМОЦИ, ВИЛИ, КУЌИ, ДЕЦА …

На едно блиско море летувавмеее. И, се заигравме. Влеговме некаде смокви да набереме. Но,  некој со пушка по нас децата пукна, во воздух. Ние – умревме од страв. Не’ стигна тој, рака дигна на нас. Уау, леле. Старец, лош? Тој ја бранел вилата, имотот на богатиот. Ете, граници има и таму, меѓу замокот нечиј, и меѓу нас. Детеее!

КУЌА, ДОМ, ПОКУЌНИНА, СОБИТЕ НАШИ

Какво летување! Ни во апартманот стравот ми немаше граници. Дури дома, во нашата мила, мирна куќа, во нашата земја – се смирив. Во мојата, само моја соба, само мојот детски, ама светски убав, топол кревет. Home, sweet home, така рецитиравме во градинка. Но, граници има и овде. Во кујната едно се прави, во купатило друго. Не се смеј!

ГРАНИЦИ, ДОКУМЕНТИ, ЗАБРАНИ, СУДИРИ

Се сеќавам и на други граници: меѓу нашата и туѓата земја. Не можеш од каде сакаш да влезеш, да излезеш, да возиш. И камиони гледав, со денови чекале да ги пуштат, ем платиле. А нас, без документи? Сигурно би не вратиле. Нема другарство! Нема ни пријателство, ако не прифатиш нечии закони? Е, па немало!

ЈАЗИЦИ, КУЛТУРИ, ВЕРИ, ЕРИ

Има 6.000 и повеќе јазици на овој свет. Но, еден е јазикот на човечноста. На пример, кога чичко ми беше во Мачу Пикчу, се одвоил од групата, наишол на лоши луѓе. Сѐ му украле, а потоа на нивниот јазик си кажале: Сѐ што е негово е наше. Тој останал без сѐ свое. Но, се спасил – го нашле другарите, го оградиле од (нај)лошото.

ЛОШИ И ДОБРИ ЛУЃЕ – ГИ РАЗГРАНИЧУВАМЕ ЛИ?

Е па лоши луѓе секаде и секогаш имало на нашата планета. Но, јас во добрите и понатаму верувам, од нив учам, со нив си играм науки. Никола Тесла, Илон Маск, Мичио Каку, Марија Кири, Валентина Терешкова… космички граници надминуваат, со бои на небото му даваат старосни граници. Но, и науката е ограничена. Само љубовта на мама и тато, дада и бато – граници немаат.

1aus66

Илустратори на мини есеите, Ангела Стојанова,Лана Ракиќ, 6 одд. и Ангела Арсова, 4 одд. ООУ Димитар Влахов, Штип.

Издавач ЕМАРИ Институт, Штип, 2019. Рецензенти, Проф. д-р Јованка Денкова, Филолошки факултет, УГД, Штип и Горјан Петревски, писател.

Најново од: Култура и туризам

Света великомаченичка Злата Мегленска

Непоколеблива вера и духовна сила пред насилството На 26 октомври, односно на 13 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го чествува споменот на света великомаченичка Злата Мегленска. Нејзиниот живот и маченичкото страдање остануваат силно сведоштво за верноста кон Христа и за достоинството што не се покорува пред насилството. Според нејзиното житие, […]

„Што заборави Европа“ – сведоштвото на Мито Алексовски Клавчов повторно пред читателите

Виктор Бивел Книгата „Што заборави Европа: Борбата на Егејските Македонци“, чиј автор е Мито Алексовски Клавчов, денес е достапна како бесплатна е-книга. Со тоа, сведоштвото на еден прогонет Македонец повторно се отвора пред читателите и пред јавноста до која било упатено: Европа што зборува за еднаквост, слобода и достоинство. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател […]

Архиепископот Доситеј – првиот поглавар и возобновител на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Од духовните средишта во Преспа и Охрид до возобновувањето на древната архиепископија, македонската црковна историја сведочи за истрајноста на верата и за стремежот кон сопствен духовен дом. Во таа вековна приказна, архиепископот Доситеј зазема исклучително место. Историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е длабоко поврзана со духовното и културното наследство на Македонија. Во […]

Пожаране – селото на „Благуно дејче“, вековните преданија и духовните светилишта

Пожаране е село во областа Горни Полог, во Општина Врапчиште, сместено на источните падини на Шар Планина. Со својата вековна историја, богато духовно наследство и име опеано во македонската народна песна, тоа живее во паметењето на многу поколенија. Иако иселувањето испразнило многу од неговите домови, песната „Благуно дејче, пожаранче“ и селските храмови остануваат силна врска […]

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

To top