Култура и туризам

ВО ЕРУСАЛИМ – ГРАДОТ НА УБАВИНИТЕ И ТРИТЕ РЕЛИГИИ (16)

kul1

kul1

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА  „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Ерусалим е градот на историската крстосница на многубројните свети места. Тоа е град со мултиетничко население, со посебна архитектура обликувана исклучиво од ерусалимски камен ваден од пустината со ритчеста конфигурација од чии височинки може да се види Мртвото Море. Инаку, постои закон уште од времето на Британците со кој се регулира изградбата на сите згради, куќи и други објекти, да бидат исклучиво со бел делкан камен.

Ерусалим е град на вечните убавини и на светите места. Низ милениуми населението на Ерусалим, но и тие што доаѓале и доаѓаат да му се поклонат, го воспевале и го воспеваат како град на вечноста, како центар на светот, како главен град, како град со голема политичка моќ… Според тоа тој има повеќе имиња што му се дадени во Светото писмо, во Мојсиевите записи и во литературата. Израелците го нарекуваат Јерушалаим, од каде потекнува и денешното негово име – Ерусалим, што значи “град на мирот”.

Меѓутоа, за постоењето на Ерусалим – градот на Христовите маки, смрт и воскреснување, во текот на последните два милениуми не е врзан поимот мир. Ниту на едно свето место во светот не потекле толку потоци крв како овде. Никаде толку жестоко не се борело, никаде толку длабоко не се мразело и напаѓало како во овој свет град што се сместен на ладните и сиви карпи на планината Јуда. Трите светски религии – еврејската, христијанската и муслиманската, од градот направиле центар на раздорот. Истовремено, никаде не се кажале толку многу молитви како во Ерусалим.

Овој свет град го обожаваат и Евреите и христијаните и муслиманите. Како и речиси се’ друго во овој древен свет град, и самата историја на Ерусалим е проткаена со неизвесности и спротивности. Но, во едно историчарите се согласуваат дека тој е многу постар од 3.000 години, колку што се одбележаа како годишница од неговото постоење.

Неговата големина се менувала со менувањето на генерациите, од кој секоја на свој начин му давала свој печат, пркосејќи на се’ она што со себе го носела трговијата, снабдувањето со вода, патната мрежа и другите општи добра што влијаеле врз менувањето на неговиот физички изглед во секој период од неговиот развој. Денешниот Ерусалим е круна на таа долгогодишна историја на градот како крстопат на светот. И Стариот и Новиот град се израз на таа вечна потрага по светото, по мирот и хармонијата, по подобрата иднина.

Приказната за Ерусалим почнува кога моќниот крал Давид го купил ридот над градот. Целта му била да изгради свет храм каде што би бил сместен Заветниот ковчег во кој се чувале плочите со Десетте заповеди што Господ, преку Мојсеј, им ги објавил на децата на Израел. На кралот Давид, моќниот творец на првата еврејска држава, сепак не му било дозволено да го изгради Храмот, неговите раце биле крвави. Таа света должност ќе стане аманет на неговиот син Соломон.

Уште од Мојсеј, од колено на колено се пренесувал споменот на илјадниците Евреи кои останале затрупани под камењата на египетските пирамиди. Градењето на светиот Храм како трајно седиште на Заветниот ковчег, би требало да биде паментик  за годините на ропството, но и решеност никогаш повеќе да не се градат кули за туѓите господари или бесконечно да се талка по пустините. Со Храмот, Евреите се пронаоѓаат самите себе, на својата земја, под сенката на светилиштето која ќе биде печат на нивниот сојуз со Бога.      Ерусалим станува свет град, а Храмот светост над светостите.

Секоја светост, за да остане трајно во колективното сеќавање и да биде вечна инспирација на новите генерации, мора најпрвин да биде осквернавена. Храмот во Ерусалим бил разурнат од вавилонскиот крал Набукодоносор, а Евреите биле протерани како робови во Вавилон. Од тогаш потекнува псалмот кој со текот на времето се претвора во заклетва. Тој гласи: “Ако те заборавам Ерусалиме, нека ми се исуши десната рака, јазикот нека ми се залепи со непцето, ако те заборавам, ако ти, Ерусалиме, не ми бидеш најголема радост”.

Името на Ерусалим за прв пат се споменува во престарата книга “Постанок”, во која се вели дека “Мелкиседек, крал на Салем донесол леб и вино и така тој станал свештеник близок до Бога”. Мелкиседек, всушност му се восхитувал на Абрахам за неговата победа 4.000 години пред тоа. Во историјата се познати и записите на Исак, приврзаник на Абрахам, кој им зборувал на граѓаните на Ерусалим дека “Господ гледа”, а кралот на Салем на тоа  додал “Го нареков Ерусалим, кој ќе го види него, видел се”. Овој запис е регистриран од времто кога Евреите дошле во ветената земја Канаан од Египет и кога градот уште не бил основан.

Во времето на Хошуа, Евреите се бореле против кралот на Ерусалим, но тој сепак останал во власта на Хебусит. Така било речиси до 1.000 година пред новата ера кога кралот Давид го освоил Ерусалим и тој станал главен град на израелското кралство. Од тоа време се нарекува и Давидов град. Кралот Давид поставил гувернер на Ерусалим и го опколил со нови ѕидишта.

kul12


Ерусалим

Историјата на човештвото е оградена со ѕидови. Меѓу нив, три заземаат посебно место: Кинескиот; граница меѓу цивилизацијата и варварството; Берлинскиот, сведоштво за една умисла да се пресече живото европско ткиво на два дела, и Ѕидот на плачот, симбол на секојдневната средба на Евреите од целиот свет со својата судбина.

Западниот ѕид, наречен од британската мандаторска управа “Ѕид на плачот”, поради секојдневните, честопати со солзи накапени молитви на Евреите свртени со лицата кон ѕидот, се смета за последен остаток за најголемото светилиште во јудеизмот. Тоа е Храмот кој на едно возвишение во Ерусалим го изградил Соломон, синот на кралот Давид, пред 3.000 години.

Околу 950 година пред новата ера со Ерусалим владеел Соломон. Подоцна, односно “480 години откако децата на Израел го напуштиле Египет”, веќе е изграден и првиот храм во градот. Потоа, Соломон го разубавува со изградба на палати и други згради и уште повеќе ги зајакнал ѕидиштата на градската крепост, со што Ерусалим прераснува во религиозен и политички центар на Израелците. Меѓутоа, во 922 година пред новата ера, синот на Соломон го поделил кралството на два дела: Израелско кралство на север и Јудејско кралство на југ.

Ерусалим продолжува да се развива во Јудејското кралство. Во 702 година пред новата ера, кралот Хезекија, подготвувајќи се за борба со Персијците, го утврдил градот со нови високи ѕидови и спровел вода преку тунели. Тоа придонело успешно да се одбиваат нападите на Асирците и на Вавилонците. Но, во 538 година пред новата ера, сепак, потпаѓа под власта на Вавилонците, кои со него владееле околу 50 години.

Во нивно време почнува обновата на престолнината и се гради уште еден храм чии остатоци и денес ги има во дел од темелите на новата базилика. Подоцна Езра или Ездра, еврејски писател кој се вратил во Израел од вавилонското ропство на Персиското кралство, составил и градски правила за развој на Ерусалим. Меѓу другото тој ги забранил мешаните бракови.

Ерусалим бил освојуван од бројни воини, меѓу нив и од Александар Македонски. Меѓутоа, особено интересно е тоа што градот доживува значаен процут за времето на Александар Македонски, кој овде дошол во 332 година, пред новата ера, протерувајќи ги оттука Персијците. Во неговото време, како и во времето на неговиот наследник Птоломеј, Ерусалим јакнел како религиозен центар и станал израз на духовната хегемонија на Израелците.

Со доаѓањето на Римјаните во 63 година пред Христа, кои овде останале се’ до 324 година после Христа, се подигнале бројни замоци, паркови и јавни згради. Храмот, делумно бил обновен по победата на персискиот крал Кир над Вавилонците. Меѓутоа, конечно го обновил еврејскиот крал Ирод, за што  Јосиф Флавиј ќе рече дека Храмот бил највеличествената градба на тогашниот свет.

Светиот Храм конечно исчезнал во огнот на римските легии на Тит Флавиј, во 70 година. Се наведува дека на советувањето пред решавачката битка за Ерусалим, Тит Флавиј и неговите најблиски соработници, решиле да го поштедат Храмот, како сведоштво за возвишеноста на човековиот градителски гениј. Воениот жар, меѓутоа, има свој резон: местото посветено на Бога го проголтале огнените јазици на омразата. Останал само еден потпорен ѕид – денешниот Ѕид на плачот.

Легендата вели дека ноќта кога Ерусалим бил осветлен од огновите кои отворале нова страница во историјата на Евреите, свештениците ги фрлиле клучевите од Храмот кон небото, со зборовите: “Боже, чувај ги сега ти овие клучеви”. Ветерот на историјата го развеал пеплиштето на Храмот низ Јудеја, а Евреите низ целиот свет.

За време на долгите векови прокоба низ туѓиот свет, сеќавањето на Ерусалим и Храмот бил поттик за Евреите да ги издржат сите неволи, но и верба дека еден ден повторно ќе се вратат на својата земја. При градбата на секоја синагога, секаде каде што живееле Евреите, се оставал еден необоен камен во ѕидот – сеќавање на Ерусалим. Секоја синагога е завртена во правец на Светиот град. Со мислата за Ерусалим почнувал и завршувал денот на секое еврејско семејство. Правило кои и ние Македонците од секаде во светот треба да ги применуваме со вртење кон македонскиот Ерусалим, вечниот Охрид.

Во историјата тешко може да се најде друг пример за толкава поврзаност на една заедница со прадедовската земја и со своето духовно извориште. Долгите векови на перманентен егзодус, понижувања, страдања и истребувања во силните налети на антисемитизмот, само уште повеќе ја зацврстиле таа врска меѓу секој Евреин и Ерусалим, давајќи и аура на најсвета интимна тајна. Мислата за Ерусалим го крепела духот на прогонетите од Шпанија и мачениците од Аушвиц. Со Ерусалим се живеело; со Ерусалим и смртта била полесна.

Жалта за Ерусалим не можела да биде потисната и во миговите на најголемата среќа; за време на свадбен ритуал, младоженецот – Евреин со десната нога ја здробува чашата, како симбол на уривањето на ерусалимскиот Храм. Потоа следува молитвата – со задолжително споменување на Светиот град, за дури потоа да настапи славјето кое исто така не е лишено од помислата на Ерусалим; секој нов дом, секоја нова генерација е на чекор поблиску на остварувањето на сонот над соништата – враќањето во Ерусалим.

За време на прославувањето на големиот еврејски празник – Пасха, од уста на уста на еврејската заедница се пренесувал заветот: “Догодина во Ерусалим”. Сите знаеле дека тоа “догодина” значи децении, векови. Никој, меѓутоа, не се сомневал дека Денот ќе дојде. И денот дојде. “Ако тоа го сакате тогаш тоа не е сон – да живеете како слободен народ во својата земја”, зборуваше Теодор Херцл, таткото на национизмот, сееврејско политичко движење чија цел беше создавање на државата Израел. Од крајот на минатиот век, илјадници Евреи од сите делови на светот купуваа билет за еден правец: за земјата за која не знаеја ништо и за која не ги врзуваше ништо, освен паметењето и заветот – “Ако те заборавам Ерусалиме…

Продолжува

1slavek1 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН    

Најново од: Култура и туризам

Крстовден – празник на верата, надежта и силата на Чесниот Крст

Именден празнуваат: Крсте, Крстинка, Кристина, Христина, Кристијан… Денес, 27 септември, православните верници го празнуваат Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст, во народот познато како Крстовден. Ова е еден од големите празници во црковниот календар, ден кога верниците со молитва и почит се поклонуваат пред Крстот Христов. Црквата празнува два празника поврзани со чесниот крст, зимскиот […]

Во Охрид прикажан филмот „Македонецот“ и претставена изложбата „Мајко мила“

Во присуство на заменик-амбасадорката на Република Полска, Ана Каспрзак, претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, потпретседателот на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Мане Јаковлески, и членката на Управниот одбор, Лилјана Мизрахи, на 24 септември во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа манифестацијата „Патување кон корените“. Пред публиката […]

Пред преполна сала во ФХЕМ промовирани филмот „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“

Пред преполна сала, на 22 септември во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа првата промоција на документарниот филм „Македонецот“ и изложбата „Мајко мила“, проект на Петро Алексовски, Македонец кој живее во Полска. На настанот присуствуваа амбасадорот на Република Полска во Скопје, Петро Алексовски, членови на дипломатскиот кор, министри, пратеници, градоначалници и […]

На 19 септември 1992 година, во селото Стајковци, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата православна црква посветена на светите браќа Кирил и Методиј.

Со поставувањето на камен-темелникот започнала изградбата на нов духовен дом за православните верници од Стајковци – храм посветен на сесловенските просветители, чие дело оставило неизбришлива трага во духовната, културната и писмената традиција на Македонија и на словенските народи. Светите Кирил и Методиј, родени во Солун во IX век, се меѓу најзначајните личности во христијанската и […]

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил […]

Македонскиот рубин – камен што го носи името на Македонија

Македонскиот рубин не е само скапоцен камен. Тој е природно богатство создавано во длабочините на македонската земја, минералошка реткост поврзана со прилепскиот крај и скапоценост што денес го носи името на Македонија во светот. Во белите мермери во околината на Прилеп природата оставила нешто навистина необично – кристали на корунд со розова, малинова и црвеникава […]

Струшки книжевни средби – 2026“: Празник на македонскиот пишан збор и книжевноста

На 20 септември се одржаа традиционалните „Струшки книжевни средби – 2026“, меѓународна книжевна манифестација што секоја година ги собира авторите и љубителите на литературата во Струга и Вевчани. Во градот на поезијата, каде што македонскиот пишан збор има длабоки корени и богата традиција, „Струшките книжевни средби“ и годинава живееја во ритамот на литературата, создавајќи простор […]

Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица

Дваесет и први септември е датум што во македонскиот историски и културен календар е поврзан со повеќе значајни личности и настани, а воедно има и особено место во духовниот живот на македонскиот народ. На овој ден Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележува Рождеството на Пресвета Богородица, во народот познато како Мала Богородица. Според […]

To top