Култура и туризам

Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица)

rozdenstvo-na-presveta-bogorodica

Празник на мајката на сите мајки

rozdenstvo-na-presveta-bogorodicaРождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници сепак тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните покрај на Исус Христос можеле да и одадат заслужено признание и на неговата мајка.

Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.

Македонскиот народ како впрочем и сите христијани со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи. Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови. Така македонскиот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.

Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери.  Така на пр. во Разлошко како што запишал М. Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: “Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.” Откако пак жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: “Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата”. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.

Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал  Миленко С. Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.

Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди  од родители свети, чисти и праведни. Тие, исто така требало да бидат од двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората старозаветните првосвештеници. Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана. Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите. Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков голем грев. Јоаким и Ана постојано искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.

Луѓето без деца се соочувале и со повеќе забрани, па така не им било дозволено и меѓу првите да принесуваат жртва во храмовите. Еднаш кога на некој голем празник Јоаким сакал меѓу првите да принесе жртва во храмот во Ерусалим, од првосвештеникот бил прекорен дека тоа не смее да го прави зашто поради гревовите Бог не го дарувал со деца. Јоаким отстапил длабоко навреден и жртвата ја принесол последен. Оттука наместо дома отишол во пустината кај своите стада каде што поминал  40 дена во строг пост и молитви. Го молел  Бога да го дарува со рожба. Во тоа време и Ана дома се молела за истата цел. Неа не само што другарките ја прекорувале, туку и слугинките и се потсмевале затоа што немала деца. Еднаш додека била во градината видела како некоја птица си ги рани своите пилиња. На тоа уште повеќе се нажалила и го молела Бога да и даде рожба, за да не биде подолу дури и од сите животни и од пилињата.

Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба иако биле во поодминати години. Впрочем и Аврам и Сара, иако исто така биле во постари години со волјата Божја добиле дете. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Додека Ана искрено се молела  пред неа застанал ангел Господов и и рекол:

-Ано, Ано, твојата молитва е слушната. Твоите воздишки ги надвишија облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка поради која ќе бидат благословени сите овоземни родови. Преку неа ќе биде дадено спасението на  целиот свет.  Ќе ја викате Марија.

Во истото време ангелот Господов му се јавил и на Јоакима во пустината и му ја соопштил истата вест. Му кажал уште дека Ана веќе е известена  со радосната вест и се наоѓа во храмот во Ерусалим за да принесе жртва. Јоаким веднаш пристигнал во Ерусалим каде што заедно со својата жена принесле жртва во храмот. Потоа им се родила ќерка која што поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија што значело горчлива вода или солза. Според други пак Марија значи висока или владетелка (владичица). Зачатието на Св. Ана црквата го празнува на 22/9 декември, токму девет месеци пред Мала Богородица.

Во чест на денот на раѓањето на Марија, идната  мајка на Господ Исус Христос Светата христијанска црква го востановила празникот Рождество на Пресвета Богородица,  празник во народот попознат како Мала Богородица што секоја година се празнува на 21 септември според новиот, односно на 8 септември според стариот календар.

Иако, како што пишува Св. Андрија Критски овој празник може да се земе како „почеток на сите празници“, сепак тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури кога ослабнало паганството, христијаните покрај на Спасителот Исус Христос можеле да и оддадат заслужено признание и на неговата мајка.  Во народното сфаќање, односно во народните верувања, оваа врска на Богородица со нејзиниот син, односно нејзиното мајчинство се смета за света работа. „Ако на запад, во западното христијанство, во центарот на почитувањето на Марија секогаш бил Нејзиниот образ како дева, девственоста, која не била нарушена од мајчинството, за православниот Исток таквата негова срдечна љубов кон Марија, Нејзиното созерцание и – ќе повторам уште еднаш – радосниот восхит од погледот кон Неа, од самиот почеток бил и останува нејзиното мајчинство, Нејзината крвна врска со Исус Христос.”

Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај македонскиот народ. Многу цркви што го носат нејзиното име се изградени по соништа, а има и голем број преданија за чудотворни икони со ликот на мајката божја. Стефан Тановиќ сведочи дека во  Гевгелиско празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа  икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела. Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на  камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш  селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица која што тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон и носеле  една литургија. Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее.  Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.

Марко К. Цепенков забележал повеќе преданија за чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица. Според едно од овие преданија „Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во таа црква се наоѓа една икона чудотворна. Иконата је од мушама и је со лицето на Св. Богородица; таа икона била најдена горе на планина од една фамилија од селото Коњче. На ден Св. Цареи (Елена и Костадин) било кога ја нашол чоеко некоаш таа икона и од тоа време до ден денеска излегуаат селаните на истото место кај што се нашла иконата, на ден Св. Цареи. Не само Кончани одат тамо, ами и од друзите села што се дојдени тамо одат и тамо свеќаваат вода за здравје и за бериќето што је по поле Богоројца да го чуа“.  Цепенков уште забележува дека таа икона кога ќе ја оставеле на местото каде што била најдена „ќе се испотела и со тоа веруаат оти била животворна и чудесна“.

Запишувачот на ова предание уште сведочи дека на празникот Спасоен во селото Коњче се собирал многу народ, поседнувал поземи, некој што не можеле да дојдат праќале  нишани „за да му падни иконата на нив”. Откако сите ќе поседнеле од црквата ќе излезел еден човек од фамилијата што ја нашла иконата, ја носел иконата во рацете, „ама не како да оди тој, ами како да го носи иконата, и не полека да оди помеѓу луѓето, ами како да го носат ветришта, се ќе трча и со двете раце ќе ‘а врти иконата и надесно и налево, ќе ‘а навали на глаата на некој чоек, со ќошот од иконата.” Така иконата одела од еден човек на друг и секој таксувал по нешто „ја ока вино за манастиро, ја педеседрам масло, ја печеесе пари”, и потоа минувала на друг. Арно ама, ако некој сакал да такса многу пари  „од шеесе пари нагоре не примала иконата и нестануала од глаата на чоеко, тики сака-неќи малце пари ќе таксуа, да така да стани.” Цепенков сведочи дека многумина виделе добро од иконата, а и бериќетот во полето бил богат додека го изведувале овој обред. „Мнозина болни што оделе во с. Коњче во времето коа паѓала иконата оздравуале и мнозина болни оздравеле коа му ‘и однесуале кому капата, кому кошулата и друзите работи. Се забележуало од селаните оти од вадењето на иконата и по луѓето имало здравје и по полето му се чинел бериќето”.

Цепенков во своите записи пишува уште и за други чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица како што биле таа  во Велес потоа во  селото Магарево (Битолско), за чудотворна икона во кичевскиот манастир Света Пречиста итн.

Овој празник е прв не само од Богородичините празници туку и воопшто прв поголем христијански празник по започнувањето на Црковната Нова Година на 14/1 септември. Следниот ден по Мала Богородица  односно на 22/9 септември црквата го празнува и споменот на нејзините родители праведните Јоаким и Ана.

На Мала Богородица исто така се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, потоа во Осоговскиот манастир и тн.

Тропар

Рождество на Пресвета Богородица

Твоето раѓање Богородице Дево,  радост му јави на целиот свет, зашто од тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш; уривајќи ја клетвата, ни даде благослов; уништувајќи ја смртта, ни дарува живот вечен.

Марко Китевски

Најново од: Култура и туризам

Свети великомаченик Димитриј Солунски – Митровден

Именден слават: Димитар, Димитриј, Димитрија, Димитрие, Диме, Димо, Митре, Митко, Мите, Димитрина, Димитрија, Димка, Митра и Митка На 8 ноември, односно на 26 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Празникот, кај народот познат како Митровден, со векови зазема значајно место во духовниот и […]

Свети апостол Јаков, брат Господов – првиот епископ на Ерусалим

На 5 ноември, односно на 23 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети апостол Јаков, брат Господов. Според православното предание, свети Јаков бил син на праведниот Јосиф од неговиот претходен брак. Називот „брат Господов“ се поврзува со неговото место во семејството на Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица. […]

Пренос на моштите на свети Јован Рилски – празникот и историјата на Рилскиот манастир

На 1 ноември, односно на 19 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го одбележа преносот на моштите на свети Јован Рилски. По повод празникот, потсетуваме на неговото духовно наследство и на историјата на Рилскиот манастир — светилиште во чија изградба и украсување учествувале истакнати градители, зографи и копаничари. Свети Јован Рилски […]

manastir-selo-sogle

Манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ кај Согле – духовен мир во срцето на Азот

Во прекрасен планински амбиент, на околу три километри од селото Согле, во Општина Чашка, се наоѓа манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“. Сместен во областа Азот, на околу 30 километри југозападно од Велес, овој храм е место на молитва, тишина и душевен спокој. За историјата на манастирот се зачувани малку пишани податоци. Според достапните записи и […]

Свети преподобен Прохор Пчињски – пустиножител и чудотворец

На 1 ноември, односно на 19 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на свети преподобен Прохор Пчињски. Во православната традиција тој се почитува како голем подвижник, молитвеник и чудотворец, кој својот живот го посветил на Бога, на постот и на молитвата. Свети Прохор живеел во XI век. Според […]

Свети апостол и евангелист Лука – животот, делото и поврзаноста со Македонија

На 31 октомври, односно на 18 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува споменот на светиот апостол и евангелист Лука. Лекар, благовесник и верен соработник на светиот апостол Павле, тој оставил трајно сведоштво за Христовото учење и за ширењето на христијанството. Според православното предание, свети Лука бил вброен меѓу Седумдесеттемина […]

Писмо и текст на македонски јазик стари 2.200 години

Македонските истражувачи Томе Бошевски и Аристотел Тентов понудија поинакво толкување на средниот текст на Каменот од Розета, тврдејќи дека е напишан на јазикот на античките Македонци Текст на египетски камен во местото Розета е дешифриран како антички македонски напис, тврдат македонските научници академик Томе Бошевски и проф. Аристотел Тентов од Електротехничкиот факултет, по неколкугодишни истражувања. […]

1maked

Македонскиот е Мајка на европските јазици

Споредбената лингвистика или позната како компаративна филологија се занимава со споредувањето на јазиците за да се дознае нивната поврзаност. Јазиците можат да бидат поврзани меѓу себе преку позајмување на зборови и преку генетска поврзаност, која означува дека поголем број на јазици потекнуваат од еден стар заеднички јазик. Компаративната лингвистика ги формира јазичните фамилии и групи, […]

To top