Култура и туризам

Записи за Света Петка

sveta-petka

Света Петка без разлика која е од трите: Света Петка – Епиватска, Света Петка – Римјанка или Света Петка Икониска) е позната по своите добродетелства и необичности. Посебно со тоа е позната во местата во кои што има нејзин храм.  Таму таа е најприсутна и луѓето знаат бројни преданија, како и зашто токму на тоа место е изградена црквата и многу добрини што тие ги почувствувале од неа како и други кои дошле тука на поклонение. Но Света Петка е присутна насекаде каде што луѓето ќе и се молат, па затоа, скоро, нема место во кое таа не е нечија фамилијарна заштитничка.

sveta-petka

За Света Петка во Вишни забележавме неколку записи.

Запалениот сноп

Славица Ристеска од Вишни родена во 1927 година, зборувајќи за чуда на Света Петка, ни го изнесе следното на 28 мај 2006 година.

Девер ми Златан Ристески со жена му бил дојден во нивниот дел од караулата. седејќи доцна во ноќта во дворот гледал нешто како запален сноп слама чукајнца иде откај црквата Свети Атанасиј кон Света Петка.

– Жено, ела! Дали и ти ќе видиш јас тоа што го гледам?! – викнал по жена му.

И заедно двајцата гледале како запалениот сноп застанува на означеното место на Света Петка, пред нивниот двор. Тука запалениот сноп постојал малу. Пак се кренал и се вратил во Свети Атанасиј.

Жената ми личеше на Света Петка

Еден жител на Скопје на празникот Свети Климент (9. август) во 2006 година ни го раскажа следното:

Кога се пензионира мојата сопруга колективот и подари икона на Света Петка, дело на нивниот училиштен ликовен уметник. Некои и рекле дека треба иконата да стои 40 дена во некоја црква за да биде осветена. Таа ја донесе иконата во црквата Св. Атанасиј во Вишни. По четириесеттиот ден си ја зеде иконата.

Со задоволство ја гледав и ја гледам иконата обесена на ѕид како уметничко дело. Пред извесно време од една издавачка куќа добив повеќе книги меѓу кои и монографијата Д’мбени. На одење дома во Скопје кај пазарчето Буњаковец се сретнав со една жена. Ми се допадна духовно и телесно. Кога таа ги виде книгите во најлончето окото и застана на книгата Д,мбени.

– Ако ја сакате, земете ја – и велам и ја поканувам, ако сака, да седнеме во блиското кафеанче.

Жената ја зеде книгата Д’мбени и си замина. Откога замина во главата ми светна дека жената имаше ист лик како Света Петка од иконата. Се свртев, сакајќи да потрчам по неа, но за миг ми се изгуби од видот меѓу луѓето.

Во вистинска смисла на зборот, јас не сум ни верник, ни неверник. Не можам да речам дека таа беше или не беше Света Петка, но жената ми личеше на Света Петка од иконата.

Од порано знаев за градба на црквата Света Петка

Многу порано пред да отпочне со градба Славко Ѓоргоски на црквата Света Петка во Вишни на сон ми се јави Света Петка.

Дома сме биле со син ми Ристо. Јас седам кај масата во дворот. Ете го епитропот од Вишни, Наум Маркоски, а под мишка држи книга. Се израдував како најаве зашто со него сме блиски роднини. Му велам:

Како ти текна Науме, да ме посетиш?

– Го прашувам дали овде или внатре ќе седнеме.

– Убаво е овде под ладов – ми вели.

Седна Наум и почна:

-Јас, Ташке, сум дојден да ти кажам дека во Вишни се прави црква Света Петка.

– Кој ја прави?

– Славко Ѓорговски – вели.

Господ да му поможи, да му поможи Света Петка и сите светии!- благословувам.

Излегува од дома син ми Ристе. Му велам:

Знаеш што синко? Чичко Славко Ѓорговски прави црква Света Петка во Вишни и чичко ти Наум збира прилози. Колку што ти се наоѓаат сега дади.

Измеша по џебовите син ми. Изваде 500 денари, велејќи дека само толку има.

– Доста се за сега? Потоа од наша страна е наша работата! – му велам на Наума.

– У, Ташке, доста е! – ми одговори Наум, ни рече Анастасија Трајковска на 13 октомври 2006 година, родена во Вишни, а сега живее во Охрид.

Заречувањето на Света Петка да се одржува

Првата рожба, синот Владо, како мал ми беше болезлив, што ќе каснеше го повраќаше. Каде не го баравме со сопругот Дамјан. Нема чаре.

Една непозната жена ми ѕвони дома. Излегов да видам кој е.

– Да ти гледам, – ми вели жената.

– Не сакам да ми гледаш, ама почекај да ти дада нешто кога веќе си дошла! – и велам.

– Да ти гледам зашто детето многу ти се разболува, а најмногу и потешко во петок. Ти треба да го држиш петок како празник.- ми рече жената и си замина со тоа што и го дадов.

-Убаво ми рече жената. Во петок ќе постам и ништо не работам – си велам и самата себе и тоа почнав да го исполнувам. Сум слушала постари дека штом излезат ѕвезди во петок вечерта, завршува петокот, односно започнува саботата па може да се работи. Почнав со игли да плетам. Само што поминав некој ред, ми дојде една мачнина, ме надоли дремка и заспав. Во сонот се најдов во една темна просторија На едно креветче имаше легнато една жена во црнина. Ја подотскрив. Двете раце и беа пресечени. Се исплашив.

– Не само рацете туку и двете нозе ми се пресечени, – ми вели жената.

– Кој ти го направи ова зло? – ја прашувам.

– Ти ова ми го стори! Цела ден бев убава, ама вечерва ти ме осакати! – ми вели жената.

Со што и го сторив тоа на жената? Со тоа што во петокот вечерта односно пред полноќ почнав да работам, а бев заречена во петок да не работам. Значи жената беше Света Петка.

По ова купив иконче на Света Петка. Пред него во петок и во други празници редовно палев и палам кандило. Оттогаш детето ми беше убаво, здраво.

Една вечер како да ми беше мака да станам, па на ќерка ми Голаба и велам да го запали кандилото пред икончето на Света Петка. Таа почна да вели дека не може ама пак го запали. Само што легна, скокна ќерка ми од сон плачејќи и ми вели.

– Леле мамо, ми дојде една жена во црно, ми вртеше со главата, ама после се насмеа и се изгуби.

– Тоа е ќерко Света Петка таа те карала зашто не сакаше да го запалиш кандилото пред нејзиното иконче, ама бидејќи пак го запали, ти се насмеала, ти опростила. – и велам на ќерка ми, ни рече Даринка Настоска од Вишни, родена 1939 година, живее во Охрид, на 6 јули 2007 година.

Од книгата „Вишенската црква Света Петка“ од д-р Стојан Ристески,  Струга 2007 година.


(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top