Култура и туризам

Ваташа – Моклишки манастир Свети Никола

vatasa-manastir

vatasa-manastir

Моклишкиот манастир се наоѓа на пет/шест километри јужно од селото Ваташа по течението на реката Луда Мара. Точни податоци за неговата изградба нема на пишан документ, а се смета дека е изграден помеѓу 15 от и 16 от век, што го потврдува плочата поставена на северната страна на влезот во манастирот. Според написот, манастирот е фрескоживописан од Кир Никола од Тимјаник со неговите три сина, а се смета дека исто така е изграден од Кир Никола. Манастирот располага и со конак на два спрата по четири соби, а на секој спрат има по еден магацин. Манастирот Свети Никола е еднокорабна црква изградена еден дел од тесан и речен камен. Димензиите на манастирот се 15 метри во должина и 5,3 метри во ширина. На источната страна, апсидалниот дел е издаден околу 1,4 метри. Влезната врата е од северната страна, додека на западниот дел од манастирот има балкон во кој се влегува преку вратата од јужната страна. Балконот е изграден од камен и има димензии од 5 метри должина и исто толкава ширина. Во манастирската црква има живопис од двата временски периоди и тоа од времето кога таа е подигната, односно од 16-от век и од 1879 година и е живописан на сите четири страни. На јужниот ѕид во првата зона се: Св. Никола, непознат светец, Св, Антоние, Св.Астрал, Св. Онуфрие, Св. Макарие и Св. Кузман и Дамјан. На западниот ѕид, јужно од вратата е Св. Архангел Михаил, на северната страна Св. Константин и Елена а над влезот е зачуван горниот натпис. Во втората зона се: Патот на Голгота, Св. Евстратие и Св. Евгение, а меѓу хаковите се двајца евенгалисти. Во третата зона се насликани сцените: Христос пред Кајафа, Христос пред Пилат, Качувањето на Крстот и Распетие Христово. Во олтарната апсида лево се: Св. Грегорие и Св. Василиј а десно Св. Јован Златоуст и Св. Кирил Александриски. Втората зона го илустрира Причестувањето на апостолите, а над него е Богородица Ширшаја. На јужниот ѕид во олтарот се насликани Св, Спиридон а во нишата е Св. Ѓакон Роман. Во втората зона е Св. Василиј а на лакот е Св. Ахилиј и Св. Герман претставен како убаво момче. На сводот се фреските живописани во 1879 година. Тука е изработена композицијата под наслов: Колежот на Витлеемските деца. Тука е прикажана жена со гол грб и една града откриена. Циклусот почнува со Средбата на Марија и Елисавета, Јосиф и Марија, Рождество Христово, Поклонение на тројцата мудреци и Бегството Мариино во Египет. Во манастирската црква денес се зачувани четири икони кои потекнуваат од 19 от век. Тоа се иконите: Св. Богородица со Христос, Исус Христос, Св. Јован Крстител и Св. Никола. Сите икони имаат исти димензии: 82x64x2 сантиметри. Манастирот по 2006 година имала провизорно направен иконостас, и со благослов на Митрополитот Повардарски Агатангел, дозволено е да се направи нов иконостас со црковните канони. Во еден запис на старословенски јазик од 1716 година се вели: „Овој божествен минеј од Полошкиот манастир го донел Арсениј во Моклишкиот манастир. Беше пусто Полошко во летото 1716 година а го попишав јас грешниот Исаија Полошки. Кој ќе ја земе таа книга од Полошката црква да е проклет и анатема. Кога ќе дојде некој калуѓер од Полошко да ја врати во Полошко. А од раѓањето Христово 1716 година“. Од ова се гледа дека се водела некаква грижа за прибирање на книгите од запуштените манастири и чување во овој манастир. И благодарение на тоа како и препишувачката активност во овој ретко убав манастир е создадена огромана манастирска библиотека. За жал, оваа убава колекција на книги со текот на времето ќе биде уништена од несовесните и нерародните калуѓери. Во кругот на манастирот има фурна и чешма посветена на Свети Никола. Зад конакот постои уште една постара чешма, која во летото 2008 ма година е целосно обновена, изграден е пристап со бетонски скали и осум канделабри за осветлување. Манастирот Свети Никола има и воденица која во минатото била користена. Манастирот располага со 600 декари земјиште, повеќе од 100 декари шума и пасишта и од 2004 година има засадено и ново лозје од 12 декари. Во минатото во манастирот се одгледувало и крупен добиток. Манастирот во минатото бил доста богат а во него опстојувало и монашко братство кои се грижеле за економијата и за манастирот. Последниот монах во овој манастир во бил во 1945та година кој се грижел за истиот. Што се однесува до посетеноста на манастирот, помасовна посета се забележува од пред неколку години на празникот Богојавление кога Светиот крст се фрла на браната Моклиште а исто така и на Свети Трифун, денот на лозарите. Манастирската слава на овој манастир е летен Свети Никола, а најголемата посетеност е на празникот Успение на Пресвета Богородица. Манастирот Свети Никола е под раководство на старешината, свештеникот Борче Богоевски со манастирско настојателство кои се грижат за опстанокот на манастирот. Како што изјави свештеникот Богоевски, постоела опасност од манастирската река која поткопала дел од брегот, но сето тоа е санирано во 2008 година, а истата година е санирана и фурната, поплочен е балконот на конакот  кој има површина од 140 м2. За 2009 та година, предвидено е да се започне со изградба на манастирската камбанарија. Моклишкиот манастир Св. Никола е под заштита на државата.

Најново од: Култура и туризам

Света великомаченичка Злата Мегленска

Непоколеблива вера и духовна сила пред насилството На 26 октомври, односно на 13 октомври според јулијанскиот календар, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го чествува споменот на света великомаченичка Злата Мегленска. Нејзиниот живот и маченичкото страдање остануваат силно сведоштво за верноста кон Христа и за достоинството што не се покорува пред насилството. Според нејзиното житие, […]

„Што заборави Европа“ – сведоштвото на Мито Алексовски Клавчов повторно пред читателите

Виктор Бивел Книгата „Што заборави Европа: Борбата на Егејските Македонци“, чиј автор е Мито Алексовски Клавчов, денес е достапна како бесплатна е-книга. Со тоа, сведоштвото на еден прогонет Македонец повторно се отвора пред читателите и пред јавноста до која било упатено: Европа што зборува за еднаквост, слобода и достоинство. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател […]

Архиепископот Доситеј – првиот поглавар и возобновител на Македонската православна црква – Охридска архиепископија

Од духовните средишта во Преспа и Охрид до возобновувањето на древната архиепископија, македонската црковна историја сведочи за истрајноста на верата и за стремежот кон сопствен духовен дом. Во таа вековна приказна, архиепископот Доситеј зазема исклучително место. Историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е длабоко поврзана со духовното и културното наследство на Македонија. Во […]

Пожаране – селото на „Благуно дејче“, вековните преданија и духовните светилишта

Пожаране е село во областа Горни Полог, во Општина Врапчиште, сместено на источните падини на Шар Планина. Со својата вековна историја, богато духовно наследство и име опеано во македонската народна песна, тоа живее во паметењето на многу поколенија. Иако иселувањето испразнило многу од неговите домови, песната „Благуно дејче, пожаранче“ и селските храмови остануваат силна врска […]

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

To top