Култура и туризам

Ѓурѓовден

zubovce

zubovceЃурѓовден во Зубовце

Ѓурѓовден се слави на шести мај. Значи тој е неподвижен празник, не го менува датумот, туку само денот во неделата. Се слави како именден во сите куќи каде што има крстени со името Ѓорѓија, Ѓоре, Ѓуро, но се чествува и како сведен, домашна слава. Со Ѓурѓовден се празнува и се одбележува будењето на природата.

Спроти Ѓурѓовден се оди по билки. Сите заедно низ полето берат растенија од штотуку расцутените плодни дрвја и цвеќиња.

Се берат билки и се пее:

Слагај билке од планина,

билјаро, билјаро.

Зар ти плачет машко дете,

билјаро, билјаро.

Ако плачет, нека плачет,

билјаро, билјаро.

Качите го на нишалка,

билјаро, билјаро.

Ќе му дувнет тивко ветре,

билјаро, билјаро.

Ќе заросит ситна роса,

билјаро, билјаро.

Ќе заспиет машко дете,

билјаро, билјаро.

Младите невести и девојките прават венчиња од полски цвеќиња и се кршат зелени гранки

од расцутените плодни дрвја.

При берењето на билките, покрај другите, се пее и оваа песна:

Ајде билке на билје, билјаро,

билјаро, билјаро.

Билки да си береме,

билјаро, билјаро.

Венци да си виеме,

билјаро, билјаро.

Кобли да наредиме,

билјаро, билјаро.

Бутин да наредиме,

билјаро, билјаро.

Куќа да закитиме,

билјаро, билјаро.

Со набрано зеленило се закитуваат влазните порти на куќите, самите куќи и клетовите како и кортарите каде што е сместен добитокот. Со венчиња се китат коблите и бутините, лонците каде што се преработува домашното млеко. Со ѓурѓевденскоото зеленило се најавува родна и бериќетна година, здрав и плоден добиток, среќа и напредок во фамилијата.

Од книгата „Зубовце“ од Гале Фиданоски  2008.


Ѓурѓовден во Малешевијата

Тој ден пред сонце, стануваат сите деца (и машките и женските), а и возрасните, и одат на реката да се мијат. (Во струмичкиот крај и денес девојките наутро одат низ полето и пеат). Со себе носат садови во кои наливаат вода, а кога се враќаат дома носат и гранки од врба. При миењето на реката се прскаат со вода, а тоа трае доста долго. Меѓу себе се прскаат, (потураат) обично врсници (девојки, момци, деца). Многумина го очекуваат тоа прскање поради што на реката доаѓаат полесно облечени. И муслиманите заедно со своите були доаѓаат на реката каде што се мијат и гледаат што се прави. (Во селото Вирче, Царево-селски срез, постои на Ѓурѓовден еден обичај на кој  потеклото треба да му се бара во првите векови на христијанството. Во тоа место и денес (1928 г.) постои големо свето дрво, наречено Ѓурѓов-даб. Веруваат дека е стар до илјада години. Обемот му е 15,15 м. Внатре е шуплив од дното до врвот. Во неговата шуплина можат да седнат неколку луѓе. На него има суви гранки за пет коли. Тие гранки, дури и тие што од него сами паѓаат не смеат да се собираат (ова го почитуваат и муслиманите). Кај локалното население постои  народно верување дека оној што од тие дрва ќе земе гранки за оган, ќе му изгори куќата (имаше еден таков случај) или некој од фамилијата ќе му умре. Христијаните од селото Вирче и денес доаѓаат кај тоа дрво на Ѓурѓовден и на Спасовден каде што колат волови или овни, од кои готват ручек. По ручекот тука се веселат цел ден. Секој од дома си носи коливо (варено жито) и леб и им дели на сите присутни. Тоа е еден вид давање жртва. Кога ќе помислиме на далечното минато, на времето пред христијанството, веројатно е дека кај тие дрва им биле принесувани жртви на боговите. На оваа мисла не наведува и фактот што во близината на ова место се наоѓа селото Тработивиште, кое во нашите стари записи се споменува како Трјеботиште (Трјебиште);  а тоа е име на она место каде што имало жртвеник.)

Тој ден секој коли јагне и од тоа му се дава на свештеникот плешката (десната) и кожата (мешината). За време на турската управа по една јагнешка плешка му се давала и на полјакот – Турчин ( а денес на полјакот не му се дава ништо).

Во Берово народот се собира кај поранешната црква „Св. Ѓорѓија“ кај еден голем брест стар неколку векови кое турците како бележено место за христијански верски обреди го викале „Каурски брест“) и тука носат храна (и темјан). На ој собор сите жени застануваат во ред а свештеникот по богоосветувањето им пријдува и ги кади. Потоа меѓусебно си делат храна од која поголем дел се дели и му се дава на свештеникот.- на таа прослава можат да дојдат и тие жени кои се скоро венчани или имаат мало дете.

Од книгата „Малешево и Малешевци“ од  Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г.


Ѓурѓовден во Дримкол

Во селото Луково на третиот ден Велигден и на третиот ден Ѓурѓовден (кој се слави три дена) се играат Дервиши.  Играта ја изведуваат само млади момчиња. Се облекуваат во стара облека која повеќе не се носи, било поради тоа што е искината или што и е помината модата. Едно од момчињата се маскира како „жена“, а друг како „мож“. Двајцата по лицата се исцрнуваат со крпа црепнарка.  Мажот уште зема јатаган пиштол и торба со пепел. Жената јава на магаре кое го води некое снаодливо момче меѓу собраниот народ во соборот. На постарите што седат и пијат вино мажот им вели: „Селам алеќ“, а тие му одговараат: „Иќи селам! От каде си море дервишине?“ Тој им одговара дека е од Топузово, а на прашањето што бара, вели дека видел луѓе собрани па и тој дошол. Потоа ќе го прашаат: „Умееш ли да ни напишиш книга за од глава (срце или нешто друго).“ – „Умеам, како да не!“ Потоа вади „дивит“ и хартија и божем пишува. Присутните го честат со вино. За тоа време некој ќе му ја одведе „жената“ и ќе ја сокријат. Тој почнува да ја бара. Ја зема торбата што му виси на сиџимот (конец) со раката и со неа удира каде ќе стигне, а пепелта му се истура по облеката. Тоа предизвикува смеење. Кога ќе ја најде „жената“ ја кара што пошла со друг, а него не го сака. Кога ќе се врати во „соборот“ пак ќе му ја земат и одведат „жената“. Тогаш тој ќе го земе пиштолот и божем нишани по жената и пука на неа. Таа паѓа и се прави како да е мртва. Мажот, повикува некој лекар и тој ја лекува на начин што предизвикува силно смеење кај присутните. Откако ќе му ја оживи „жената“ ќе стави на главата ѓум полн со вода и ќе го прицврсти на главата со појасот кој воедно ќе му претставува и чалма и така доаѓа во „соборот“. Откако ќе ги разгледа тие што седат и пијат му приоѓа некому и му вели: „Збогум, јас одам. Дај да ти бакнам рака“, по што се наведнува и со водата од ѓумот го потура. Невестата пак му приоѓа некому да се ракува и му вели дека ќе го бакне, по што со своето лице го трие неговото и така го исцрнува.

На Русовна среда се оди од Луково и од другите села на Дрим да се мијат. Тоа истото се прави и на Ѓурѓовден.

На пролет се носат крсти и се прават литии. Во Луково и во Модрич тоа го прават на Ѓурѓовден. Во Луково тогаш пеат:

Крсти носиме, Бога молиме, Господи помилуј!

Да даит Господ дар и бериќет, Господи помилуј,

Да даит Господ жито и вино, Господи помилуј!

Да даит Господ мед и масло, Господи помилуј!

На Ѓурѓовден се става потка на вратата од куќата: се зема глава од кокошка заклана на Месни Поклади низ која е провлечено дрвце така што минало низ устата и со помош на него се става на вратата. Таа потка треба да брани во куќата да не влегува злото.

Од книгата „Дебарски Дримкол“ од Миленко С. Филиповиќ, Скопље 1939.

(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top