Култура и туризам

Св. Климент Охридски, Св. седмочисленици, Св. Пантелејмон

sv-kliment-ohridski

Голем македонски и општохристијански празник

Денеска се празнува споменот  на Св. Климент Охридски кој е упокоен на денешен ден 916 година. Исто така, на денешен ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици. Денеска светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон.

sv-kliment-ohridskiГолемиот македонски и сесловенски просветител Свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година.  Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како Свети Седмочисленици (Св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни  заеднички празник.

sv-pantelejmonСветиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во се“, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив“. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, која што од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така, со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.

Пантелејмон секој ден го посетувал својот учител Евстрогиј. Патот минувал покрај една бедна куќичка во која живеел еден стар свештеник по име Ермолај. Тој посакал Пантелејмона да го воведе во вистинската вера. Најпрвин го повикал и го распрашувал за неговите родители и за неговото верување. Тој му раскажал за се искрено дека мајка му била христијанка и додека била жива го воспитувала во тој дух, а дека татко му е паганин зашто сака да остане во служба на царот. Потоа свештеникот му зборувал на Пантелејмон за вистинскиот Бог Исус Христос, за неговите чуда, за исцелувањето болни, за воскреснувањето мртви итн. Тие раскажувања го потсетиле на зборовите на мајка му за вредностите на вистинската вера и кај него се разгорела љубовта кон Бога. Така кога почнал да лекува Пантелејмон се повикувал на Господ. Еднаш на враќање од кај учителот на патот видел мртво дете каснато од змија, која што лежела покрај детето. Пантелејмон најпрвин се исплашил но кога се сетил на зборовите од свештеникот дека Господ е семоќен се наведнал над детето и побарал за него лек повикувајќи ја Божјата сила. Тогаш детето се разбудило, а змијата умрела. Потоа Пантелејмон веднаш отишол кај свештеникот и се крстил. Подоцна лекувал и слеп човек кого не можел да го излекува ниту еден лекар во империјата. Кога и него го излекувал кај свештеникот дошол и татко му и и тој се крстил.

Свети Пантелејмон бил многу популарен лекар што лечел од разни телесни и душевни болести. Кога умрел и татко му имотот го раздал на сиромасите, а тој лечел бесплатно. Особено внимателно ги лекувал христијаните што имале рани од мачењето. Поради завист од лекарите бил наклеветен  кај царот кој најпрвин се обидел да го врати во идолопоклонство, но Пантелејмон му одговорил дека ниту по цена на животот нема да се откаже од својот единствен Бог Исус Христос. За да му докаже на царот кој е вистинскиот Бог побарал од царот еден безнадежно болен што требало да го лекуваат идолските жреци, односно лекарите неверници. Откако тие не успеале да го излекуваат Пантелејмон и над него го повикал името на  Исус по што болниот веднаш оздравел.

По тој настан популарноста на Пантелејмон уште повеќе пораснала, а многумина поверувале во Исус Христос и се крстиле. Тоа пак уште повеќе ги разгневило лекарите кои од царот побарале да го погуби за да не привлече многумина во Христијани. Поради тоа бил мачен, бесен, гребан по телото со остри предмети и горен со оган, а потоа фрлен во казан со растопено олово, но сето тоа јуначки го поднесол. Најпосле царот наредил да се исече со меч заедно со свештеникот Ермолај. Откако бил осуден на смрт, не со страв туку со радост тргнал кон губилиштето пеејќи ги Давидовите псалми. Потоа клекнал да се моли, а во тоа време џелатот замавнал со сабјата и го удрил по вратот, но на општо изненадување на насобраниот народ сабјата се искршила на безброј делови. Додека се молел Пантелејмон џелатот не можел да го погуби, иако повеќепати се обидувал. Дури откако ја завршил молитвата самиот побарал да го погубат. Тоа се случило во родното место  Никомидија на 27 јули според стариот (или на 9 август според новиот) календар во 305 година.

На Света Гора има голем манастир посветен на свети Пантелејмон во кој според преданието се наоѓаат дел од моштите на светецот.

Тропар

Свети великомаченик Пантелејмон

Страдалнику Свети и Лекару Пантелејмоне, моли го милостивиот Бог да ни дарува прошка на гревовите на нашите души.

(Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top