Култура и туризам

Соборен Храм „Свети Николај“ – Штип

sveti-nikola-stip

sveti-nikola-stip

Во XIX век турската империја значително ослабува. Во градовите во источна Македонија значајно се развила трговијата и занаетчиството, кои условуваат економско јакнење на христијанскиот свет и создавање на младата боржуазија. Збогатениот слој занаетчии и трговци со помош на еснафите и христијанското население во градовите, на местата на позначајните урнати манастири градат пространи големи верски објекти од базиликален тип, со што градот Штип станува значаен стопански центар со богата сакрална, градителска и уметничка активност. Покрај другите градби во Штип и штипско, на местото на старата Сифиева црква Св. Никола, која се споменува во еден летопис од XIV век, или поточно во 1341 година, подигната е монументалната базиликална црква „Св. Никола“, изградена од градителот Ѓорѓи Новаков – Џонгар. За обновувањето – подигањето на црквата сведочи и натписната мермерна плоча вградена над главниот западен влез, чиј текст зборува дека црквата била изградена во времето на митрополитот ќустендилски и штипски Игнатија ( обновисја от основание свјатиј храм, обштим иждивением и помошчју: при пастиреначелства митрополита кестендилска и штипски г-на Игнатија, родом Адрианополитани:маја 10:1867 ). Пред да отпочне со градењето на црквата, во 1863 година е формиран Иницијативен одбор, кој издал писмен проглас за благодејанија во пари, материјали и работна рака низ цела Македонија, од Пешкопеја ( Албанија ) до Атос ( Света Гора ) и од Ќустендил до Солун, од што може да се види влијанието на Штип што го имал во минатиот век. Градителот Ѓорѓи Новаков – Џонгар инспириран од оствареното архитектонско наследство на Андреја Дамјанов и угледувајќи се на ренесансните и барокни влијанија, изградил повеќе цркви во Македонија, Србија и Бугарија, од кои позначајни се: црквата во Гњилане, 1861 година – Србија; Св. Спас и Св. Никола Нови во Софија – Бугарија и црквата во Ѓуришкиот манастир – светиниколско. Црквата „Св. Никола“ во основа е решена како трикорабна базилика, опкружена со тремови од западната, северната и јужната страна кои на катот преминуваат во галерии. На западната страна галеријата е на два ката. Централниот кораб е нагласен и е покриен со три куполи, а страничните со полуцилиндрични сводови. Од источната страна завршува со три полигонална апсида. Сводната конструкција, куполите и страничните полуцилиндрични сводови се изведени во дрвена конструкција и обликувани во рабец, а потоа малтерисани и живописани. Вратата е изрезбарена, а над неа во камен песочник е изведена фигуративна и вегетабилна декорација. Внатрешноста на црквата е украсена со живопис на сводовите, фреско икони по ѕидовите, голем иконостас со икони работени од познатиот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки, во 1869 година; фрескоживопис во олтарниот дел работен од зографот Костадин Иванов Вангелов од Штип, како и копаничарските дела од кои посебно место му припаѓа на богато украсениот балдахин во олтарниот дел на црквата и владичкиот трон во наосот на црквата, работени во ажурна резба. Во 1977 година, во западниот двор на црквата, започнато е со градба на училиште, кое по изградувањето во месец мај 1878 година го добило името на светите браќа Кирил и Методиј. Во ова и во Новоселското училиште во учебната 1894 – 96 година работи Гоце Делчев. Поради изградбата на патот што води покрај западната страна на црквата во 1982 година училиштето е урнато. Галеријата сместена во репрезентативниот простор на црквата Св. Никола е формирана во 1990 година и во неа е сместен богат фонд на уметнички творечки дела, не само од оваа црква туку од црквите и манастирите на Брегалничката област. Галериската поставка, збогатена со иконите од големиот иконостас од наосот во црквата, фреско живописот и богато резбарениот бадахин, претставува вистинска претстава за историското и црковно минато на овие простори. Во контекстот на застапените зографи на Постојаната галерија на икони, посебно место им припаѓа на иконите на големиот олтарен иконостас во наосот на црквата, работени од познатиот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки во 1889 – 1890 година. Во галериската поставка се презентирани и неколку икони од Данаил Коцов Штиплијата работени за црквата „Св. Никола“, и тоа икона Св. Пророк Данаил, работена 1895 година, Исус Христос, работена 1895 година, Успение на Пресвета Богородица, работена за црквата „Св. Никола“, с. – Крупиште. Зографот Данаил во експонираните икони ја одгледува конзервативната линија, држејќи се на местото во чии рамки создава стабилна композиција, типизирани ликови и колористички склад со помалку употребени тонови. Штипскиот зограф Костадин Иванов Вангелов претставува значајно име во македонското сликарство од овој период. Неговите дела не заостануваат по своите сликарски вредности зад делата на неговите современици. Во неговиот сликарски опус, за црквата Св. Никола во Штип изработил неколку икони, денес експонирани во галеријата на икони во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Ново Село и фреско живописот во апсидниот простор во црквата „Св. Никола“ во Штип. Прикажаното црковно творештво на мајсторите и зографите, кои твореле на овие простори претставува голем придонес кон афирмација на македонското културно наследство. Нивните дела, односно изградбата на црквите по архитектонско – техничките и уметничките квалитети, претставуваат најголемо постигнување во ова време на Балканот. Иконите на зографите, базирани врз богатите традиции на старите зографи, достигнуваат одредени уметнички вредности. Иконите како и изведените фрески сведочат за големата творечка активност на македонските зографи и иконописци. Црквата „Св. Никола“ по формата и градбата, делува монументално, а внатрешно импозантно, останувајќи засекогаш обележје на нашето културно и историско минато. Јереј Никола Ѓорѓев Виш кустос Никола Панзов.

Најново од: Култура и туризам

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

To top