Култура и туризам

Тодорова Сабота (Тодорица)

todorova

todorovaПразник на приврзаноста кон велигденскиот пост

Именден празнуваат: Тодор, Тодорка, Божидар (доаѓа од Тео-Бог и дар)

Јавувањето на Св. Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на царот Јулијан Отстапник биле повод да се востанови празникот Тодорова Сабота, што се празнува во првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка.

Споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон се празнува на  1 март/17 февруари. Но, кај нашиот народ попознат е другиот празник поврзан со овој светител, а тоа е Тодорова Сабота (Тодорица), подвижен празник, што се празнува во првата сабота од Велигденскиот пост.

Педесет годни по смртта на Свети Теодор во Цариград владеел царот Јулијан Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин, а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите средства ги прогонувал христијаните Таа година сакајќи на некој начин да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот пост особено првата недела по која некои и се причестуваат, царот наредил сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Торон и му рекол да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде испоганета со крв. Наместо тоа цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од Велигденските пости е наречена Тодорова сабота, тогаш се оди во Црквата и се носи жито.

Според едно предание од Гевгелиско Свети Тодор бил војник во царевата војска и кога дознал за намерата на еврејскиот цар да го укине христијанскиот пост трчал со коњот од место во место за да ги храбри христијаните да издржат зашто, како што претпоставувал, Евреите до првата сабота морале да попуштат. Тоа негово предвидување се покажало точно поради што црквата го прогласила за светец.

Во спомен на овој подвиг на Теодор Тирон се празнува празникот Тодорова сабота во народот познат како Тодорица. Овој празник спаѓа во оние празници што немаат постојан датум туку зависат од Велигден. Секогаш се паѓа на една недела по Прочка, поточно првата сабота по овој празник што значи дека тој е на крајот од првата недела од големите Велигденски пости.

Иако Тодорова сабота е црковен празник, а на тоа упатуваат повеќето обичаи што се изведуваат во црквата, сепак, на овој ден се изведуваат и повеќе обичаи кои очигледно водат потекло од многу постари времиња.

Најголемиот број обичаи поврзани со овој ден се изведуваат вечерта спроти празникот. Во повеќе краишта на Македонија тогаш во црквата се носи т.н. Тодорички леб или Тодоречка погача, а К. Шапкарев забележал дека во охридските села носеле колаци со четири проскурчиња „за воловско здравје”. Овој обреден леб од горната страна е украсен со разни фигури: волови, плуг, јарем, коњи, коњски плочи, трло со јагниња и сл. Во црквата лебот се става во чинија врз која има варена пченица и пченка и бидејќи лебот во средината има дупка низ неа се забодува свеќа која што се запалува. Подоцна откако свештеникот ќе отпее молитва и ќе го благослови лебот и другите продукти свеќата се гасне под мишка и се чува цела година за лекување разни болести и за одврзување магии. Во црквата од лебот се раздава „за мажо здравје”, „за воловско здравје”, „за коњско здравје” и тн.

Во записите од Гевгелиско направени на почетокот на овој век од Н.Д. Рачев се вели дека за заштита од магии, но и за иницирање живот и здравје на луѓето и добитокот се правело „мамило”. Тоа се правело од варена пченица и пченка кои се носеле во црквата каде што попот им пеел молитва. Потоа дома на сите и на луѓето и на стоката им се давало да каснат по малку но строго се внимавало ниту едно зрно да не падне на земјата зашто во спротивно ќе се случела голема несреќа и на луѓето и на добитокот.

Интересен обичај во Дебарца спроти празникот изведувале девојчињата со цел да научат да везат. Тие дома подготвувале кесиња направени од крпчиња и врз нив само започнувале да везат, а потоа ги полнеле со пепел. Додека биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска кесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви кесиња на враќање ги фрлале во некоја вода (извор, река, поток и др.) со благослов: „Како што брза водата така и девојчињата да научат да везат”.

На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар. Тоа го правеле на следниов начин: Во крпчиња врзувале варена пченица и пченка и три пати ја префрлале преку олтарот од црквата. Потоа вечерта пред спиење ја ставале под перницата, заедно со првиот касај добиен во црквата „за мажо здравје”. До креветот ставале и дуле полно со вода за кое го врзувале појасот кој со другиот крај го ставале под перницата. Притоа наречувале: „Кој ми е речен да ми дојдит на мостов, да поминит по појасов, да го видам во сонот”.

Вакви обичаи забележал и М. Цепенков. „Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види на сон кое момче ќе си го земи за маж да је биди. – еве како ќе напраи: ќе седни да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе го изваи од уста и ќе го чуа за коа ќе си легни да го клаи под перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојде тоа момче што и је наречено за да ја земи. Ако види некое момче што го знаи, него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи”. Сличен на овој обичај М. Цепенков забележал и во Битола: „Во град Битола спроти Тодорица праат мајките на ќерките еден маривет да познаат кое момче ќе и ја земи ќерката. Ќе појди една мајка в црква и ќе земи три зрна пченица, падната што има наземи. Коа ќе седнат да вечераат, ќе и го укради мајката на ќерката првиот залак и коа ќе си легни девојчето да спие, ќе и клаит под перница. Спиејќи девојчето, ќе го сонуала кое момче ќе го земела, убао ќе го видела, очи со очи ќе се виделе и бездруго тоа момче ќе го земела. Утрото со душа ќе ја чекат мајка е да стани од спиење за да ја праша што сон сонуала. Ако е страмежливо некое девојче и неќи да е кажи на мајка си, таа ќе и нагодуа за соно што го видела и за момчето што го видела. Ете од трите зрна пченица и еден залак леб, клаени под перница ќе си го виделе на сон кое момче ќе земи. Ако е вистина ашколсун јас ќе му речам.“

Со празникот Тодорова сабота се поврзани и други обичаи и верувања. Во Гостиварско пченката што ја враќале од црквата утрото на самиот празник ја носеле во полето и ја фрлале по нивите и бавчите велејќи: „Господе, колку зрна, толку тоари, толку дар и бериќет да ни даеш”.

Стефан Верковиќ запишал дека во с. Мачуково, (Долновардарско) „Спроти Сфити Тодур момите раздават на црквата пшеница и пчиничка бркано, и чис леп. В лебут замесуват една глава лук и сус неа го печат; го извртуве сус се леп, ка ќ’ оде на црквата; дупката што ќе се чине на лебут, туруваат пшеница и пчиничка, да напкум сус них зарануват добитоците, а кукешните си апнуваат за здраве”.134

Интересен обичај на празникот Тодорица се изведувал во селото Лазорополе. Тие што тримереле оделе надвор од селото во местото Сливине, носеле со себе варено жито и вода осветена на Свети Трифун. Со таа вода ги прскале ливадите. Од житото што го носеле девојките еден дел им давале на момчињата и роднините за здравје, а потоа оделе кај своите ливади и фрлајќи од житото викале: „Киш, киш, кртови, / на чупоски вртови”. Чуповци, пак, викале: „Киш, киш кртови, / на росочки вртови”! Овие обичаи започнувале околу десет часот претпладне и завршувале околу три или четири часот попладне.

Очигледно е дека иако празникот Тодорова сабота или Тодорица е пред се црковен празник, иако повеќето од обичаите се изведуваат во црквата и се поврзани со споменот на Свети Теодор Тирон, особено житото, сепак, во овој празник се контаминирале и поголем број пагански обичаи поврзани со доаѓањето на пролетта и со разбудувањето на вегетацијата. (Подготви Марко Китевски)

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top