|
На почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Македонија. Во тоа време Византиската империја доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун. Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на високиот службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа бил Лав со својата сопруга Марија, по народност Македонци. Тие имале повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј и најмалиот Константин. Костантин уште од својата младост се интересирал за теологијата, философијата и за другите световни науки, а посебно внимание посветувал на изучувањето на делата на свети Григориј Богослов и на Дионисиј Ареопагит. Токму заради тоа неговиот татко го испратил во Цариград за да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки се изучувале и граматиката, аритметиката, географијата, астрономијата, музиката, поезијата, реторика и т.н. Покрај овие науки Константин ги изучувал латинскиот, еврејскиот и сирискиот јазик, што покрај мајчиниот македонскиот и познавањето на грчкиот јазик, многу бргу направило од него сериозен и ценет полиглот. Неговата дарба за јазици ќе дојде до израз подоцна, кога со благослов на Цариградскиот патријарх ќе појде во повеќе мисии меѓу разни народи, проповедајќи и ширејќи го христијанскиот начин на живот. Надарениот Константин, откако го завршил своето високо образование, бил назначен за библиотекар при црквата Света Софија во Цариград, а потоа бил избран и поставен за професор по философија во училиштето каде што го завршил своето образование. Од тогаш тој и го добил името Константин Философ. Успехот меѓу Македонците во Брегалничката област не останал незабележан во Патријаршијата и во седиштето на Царството. Токму заради тоа Константин и Методиј ќе добијат друго послушание, а тоа е да ја возобноват македонската азбука, а потоа и да ја применат преведувајќи ги богослужбените книги на јазикот на Македонците од Солунско и да се подготват за мисионерско патување кај западните Словени во Моравија. Со вакви клевети тие биле принудени да појдат во Рим за пред папата да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почести од папата Адријан II. Откако папата одблизу се запознал со дејноста на светите Константин и Методиј и откако ја увидел нивната вера и добра намера самиот ги одобрил и благословил нивните богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре и да бидат служени богослужби на македонски јазик во три римски цркви. Константин во Рим тешко се разболел, овдека го примил и монашкиот потстриг, добивајќи го името Кирил, според името на свети Кирил Римски, чии мошти Светите браќа ги пронашле и ги донеле во Рим, а набргу потоа и се упокоил во Господа на 14 февруари 869 година. Методиј, сега како Архиепископ Моравски заедно со своите следбеници – сега православни свештеници, се вратил во Моравија и го продолжил своето епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени. Во Моравија, Методиј бил дочекан со уште посилно и пожестоко непријателство од страна на германското свештенство. Истоштен од напори, заточенија и измачувања, Свети Методиј се упокоил во градот Нитра во 885 година. Неговите ученици исто така биле подложени на измачувања и прогони, а некои од нив биле распродадени и како робови. |
Охридската книжевна школа
По смртта на свети Климент и свети Наум книжевната школа ја продолжиле нивните ученици. Тие главно се занимавале со препишување на творбите на светите учители. Многумина од нив од смирение, понизност и почит пред нивното големо дело останале анонимни и непознати. Меѓу непознатите автори се и составувачите на нивните житија. Ова експлицитно е наведено од анонимниот биограф на свети Наум, кој вели дека по наредба на Деволскиот епископ Марко, се зафатил со пишување на житијата на охидските светители и просветители.
По повод годишнината од смртта на свети Климент еден друг анонимен автор составил Служба, мошне поетска, која претставува ретко убав споменик на нашата книжевност од овој ран период.
Меѓу непосредните ученици на свети Климент и на свети Наум е и Константин Презвитер, подоцна епископ Преславски. Тој е познат по неговите творби „Азбучна молитва“ и „Проглас кон Светото Евангелие“. Негови се и делата „Поучно Евангелие“ и преводите на „Четирите слова против аријанството“ од свети Атанасиј Велики и „Катехизисот на св. Кирил Ерусалимски“ и многу други.
Црноризец Храбар, чие вистинско име е непознато е исто така продолжувач на делото на свети Климент и на свети Наум. Негови дела се: „О писменех“, кое е апологија на македонската писменост и тој овде ја брани македонската азбука и го заштитува македонското културно дело од страна на горделивите грчки асимилатори. Тој во ова дело напишал: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек, а грчките ги создале Елините, кои биле пагани и незнабошци“.