Култура и туризам

Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица) 21/8.IX

bogorodica

bogorodicaПразник на мајката на сите мајки

Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници сепак тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните покрај на Исус Христос можеле да и одадат заслужено признание и на неговата мајка

Раѓањето на Богородица не било ни случајно ни обично, затоа што идната мајка на Спасителот Исус Христос требало да се роди од родители свети, чисти и праведни. Тие, исто така требало да бидат од  двете еврејски лози од Давидовата и Ароновата, бидејќи од првата произлегувале еврејските цареви, а од втората старозаветните првосвештеници. Во тоа време меѓу малкуте праведни луѓе во градот Назарет биле и родителите на Пресвета Богородица Јоаким и Ана.

Јоаким бил токму од царскиот род Давидов, а Ана од родот на првосвештениците. И двајцата биле многу скромни, побожни и добри, ги помагале сиромасите и болните, а ги советувале младите. Од приходите што ги имале една третина задржувале за себеси, една давале на храмот, а една третина раздавале на сиромасите. Но биле многу несреќни затоа што немале деца. Во тоа време немањето пород се сметало за последица на божја казна за некој голем грев па и за нив многумина се сомневале дека во себе кријат токму таков голем грев. Јоаким и Ана постојано искрено и со солзи го молеле Бога да им даде рожба и да го симне срамот од нивниот образ, ветувајќи дека ќе ја воспитуваат во вистински благочестив дух и дека ќе ја дадат да му служи во храмот.

Луѓето без деца се соочувале и со повеќе забрани, па така не им било дозволено и меѓу првите да принесуваат жртва во храмовите. Еднаш кога на еден голем празник и Јоаким сакал меѓу првите да принесе жртва во храмот во Ерусалим, од првосвештеникот бил прекорен дека тоа не смее да го прави зашто поради гревовите Бог не го дарувал со деца. Јоаким отстапил длабоко навреден и жртвата ја принесол последен. Оттука наместо дома отишол во пустината кај своите стада каде што поминал  40 дена во строг пост и молитви. Го молел  Бога да го дарува со рожба. Во тоа време и Ана дома се молела за истата цел. Неа не само што другарките ја прекорувале, туку и слугинките и се потсмевале затоа што немала деца. Еднаш додека била во градината видела како некоја птица си ги рани своите пилиња. На тоа уште повеќе се нажалила и го молела Бога да и даде рожба, за да не биде подолу дури и од сите животни и од пилињата.

Јоаким и Ана биле убедени дека со молитви ќе го смилостиват Бога да ги дарува со рожба иако биле во поодминати години. Впрочем и Аврам и Сара, иако исто така биле во постари години со волјата Божја добиле дете. И навистина Бог ги слушнал молитвите на праведните Јоаким и Ана и по Архангел Гаврил пратил вест дека ќе добијат женско чедо кое ќе се прослави. Додека Ана искрено се молела  пред неа застанал ангел Господов и и рекол:

-Ано, Ано, твојата молитва е слушната. Твоите воздишки ги надвишија облаците. Твоите солзи капнаа пред Господа. Ти ќе родиш благословена ќерка поради која ќе бидат благословени сите  овоземни родови. Преку неа ќе биде дадено спасението на  целиот свет.  Ќе ја викате Марија.

Во истото време ангелот Господов му се јавил и на Јоакима во пустината и му ја соопштил истата вест. Му кажал уште дека Ана веќе е известена  со радосната вест и се наоѓа во храмот во Ерусалим за да принесе жртва. Јоаким веднаш пристигнал во Ерусалим каде што заедно со својата жена принесле жртва во храмот. Потоа им се родила ќерка која што поради тоа што била измолена со многу солзи и ставиле име Марија што значело горчлива вода или солза. Според други пак Марија значи висока или владетелка (владичица). Зачатието на Св. Ана црквата го празнува на 22/9 декември, токму девет месеци пред Мала Богородица.

Во чест на денот на раѓањето на Марија, идната  мајка на Господ Исус Христос Светата христијанска црква го востановила празникот Рождество на Пресвета Богородица,  празник во народот попознат како Мала Богородица што секоја година се празнува на 21 септември според новиот, односно на 8 септември според стариот календар.

Овој празник е прв не само од Богородичините празници туку и воопшто прв поголем христијански празник по започнувањето на Црковната Нова Година на 14/1 септември. Следниот ден по Мала Богородица  односно на 22/9 септември црквата го празнува и споменот на нејзините родители праведните Јоаким и Ана.

На Мала Богородица исто така се одржуваат големи народни собири во повеќе манастири што го носат нејзиното име како што е манастирот Пречиста кај Кичево, манастирот во с. Матејче, и тн.

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top