Култура и туризам

Бржданскиот манастир

BogorojcinaKrasta4

BogorojcinaKrasta4

Бржданскиот манастир кој се наоѓал во месноста „Богоројчина краста“ претставува енигма до денешни дни. Податоците за неговото постоење се оскудни, повеќето се од усни преданија. Локалитетот е неистражен и за жал се забележливи дупки од диви копачи кои бараат вредни предмети. За воља на вистината, никому оваа авантура не му донела среќа, но за тоа во друга прилика.

Манастирот кој најверојатно е посветен на Света Богородица се наоѓа на еден рид помеѓу селата Брждани и Свињишта, задскриен од погледите на минувачите кои поминуваат по патот Кичево-Битола. Локацијата е околу 10 километри од градот Кичево. До него стигнавме од селото Брждани. Оддалечен е околу 30 минути пешачење. Може да се стигне само пешки. Искрено, бев доста возбуден од самата помисла што одам на толку свето место. За самото место се испреплетени многу легенди, меѓу кои и за чудната светлина која селаните често пати ја гледале како патува од местото на некогашниот манастир до селската црква или кон манастирот Св. Богородица Пречиста (Кичевска) која се наоѓа на спротивната планина, кон Кичево. Одејќи по тесно козјо патче пред нас се покажаа урнатините од некогашниот манастир. Не е премногу голем. Контурите се јасни, влезот, олтарот… читај повеќе>>>

Насекаде се расфрлени камења. Камењата се варовник и се доста лесни и веројатно погодни за градба. По кажувањата на мештаните, носени се од подалеку, зашто во близина нема такви варовнички карпи. Од местото се пружа прекрасен поглед на течението на Беличка река, а во подножјето на ридот се простира село Свињишта. Природата го одзема здивот. Околу манастирот се забележваат дупки од гробови во кои најверојатно биле погребувани монасите кои тука служеле на Бога. Како што ми кажаа моите пријатели кои потекнуваат од тука, до пред некоја година имало остатоци од фрески. За жал, поради незаштитеност истите се уништени. На нивното место сеуште се заблежува малтер. Малтер има насекаде во внатрешноста на обектот. Приметувам дека кога се влегува внатре, нивото е пониско од останатата околина. Ова укажува дека околното земјиште со време со време се затрпувало додека тука бидејќи било покриено останало на исто ниво. При истражувања има и што да се открие и веројатно може да се оди на длабочина до 1 метар. Всушност тука и се откриени предмети и крстови од страна на мештаните кои се чуваат во селото, но како што реков никому кој се осудил да однесе нешто оттука му се нема случено нешто добро. Света земја. Владее силна енергија на ова место, нема кој неможе да го почувствува тоа. Манастирот е доста стар, сигурно има најмалку 500 години. Неофицијално истиот му бил претходник на денешниот Св. Богородица Пречиста пред да биде преселен. Но ако се знае дека Бржданскиот манастир е изгорен и уништен од Турците (значи после 1385 година), а манастирот Св. Богородица Пречиста е изграден околу 1316-1320 година тогаш оваа претпоставка не е баш најточна. Се знае дека Турците наишле на силен отпор при обидот да го завземат овој манастир. Преданијата велат оти манастирот бил опкружен со бедеми. На соседниот рид исто така се претпоставува оти се наоѓала тврдина. Ова е доста веројатно со оглед на тоа дека од оваа локација се овозможува добар поглед и контрола на значаен пат. Исто така преданијата зборуваат за некакви подземни тунели преку кои монасите бегале пред налетот на Турците. Овој манастир, манастирот Св. Богородица Пречиста и уште еден, трет манастир кој не е откриен но постои според преданијата (се претпоставува дека се викал Св. Никола), оформуваат некаков триаголник. Зошто е ова вака и што сакале со ова нашите предци да обележат, останува енигма. Во близина на овој манастир, во планинскиот венец кој започнува од Баба планина, па преку Илинска (Беличка) планина завршува кај денешното село Подвис, минува стар римски пат, веројатно еден крак од Виа Егнација и понатаму продолжува во насока на Дебар. Така, на некои места кога одите сред густата шума одеднаш ќе излезете на улица, широка по 5-6 метри поплочена со огромни камења. Каде има пат, таму има и живеалишта. Патокази и ден денес се наоѓаат. Како и чудни обележја на околните карпи. За ова во друга прилика. Ќе има и слики и видео запис.  Во близина на манастирот постојат римски гробишта, што само потврдува за континуираното живеење на луѓе во овие села.

Сонцето веќе беше зајдено. Малку тешко ми падна што го напуштам ова место. Линкот со минатото тука е многу силен, пораката од нашите предци многу јасна. Или можеби само јас го гледам јасно она време кое одамна поминало. Како и да е, еве тука ви го пренесувам. Преку зборот и сликата почувствувајте го. Аманет е овие духовни извори да се возобноват. Мудроста тече од душата и срцето, раката ја материјализира, окото ја прима назад. И така од човек на човек, од генерација на генерација, од цивилизација на цивилизација. Можеби е најпаметно сами да го посетите, со добра намера како и јас, ова место и да го видите она што зборовите можат само да го зачнат. Сакам да смогнеме сили да ги обновиме овие светилишта. Посебно ако се знае дека и Христијаните и Муслиманите од Кичево и регионот имаат подеднаква почит кон нив. На крај на краиштата за исто се молиме, а нашите заеднички предци ги граделе. Да ја најдеме и продолжиме нашата врска со минатото кон иднината, зашто баш ова е тоа што сме ние самите! Без него сме никој и ништо. А знам дека ќе го направиме вистинскиот избор. За нас и генерациите после нас.

 Види снимки од местото:

–http://www.youtube.com/watch?v=9oWaoNbJAi0
–http://www.youtube.com/watch?v=ZF1QySx9Odc
–http://www.youtube.com/watch?v=atMEarJ_dKM
–http://www.youtube.com/watch?v=ebb3zWTr4ZU
–http://www.youtube.com/watch?v=-P9bw4o5nfs
–http://www.youtube.com/watch?v=ZV3nRwejnjY 

PS- Во книгата на впечатоци добив интересна порака: „ daj be nesto stavi na blogov,veke edna nedela stoi istoto.Vidi tamu stavi i nekoja slika ova ne odi vaka..Ova svatigo kako sakas..
Pozdrav
“

Го сватив КРАЈНО ПОЗИТИВНО! Навистина ми значи што некој искрено редовно го чита и цени ова, што не сум сам и споделуваме некои работи. Без гајле, „музите“ ми ги немаше минатава недела. Како и да е, се извинувам и уште еднаш апелирам слободно да се вклучите во уредувањево. Праќајте што имате
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
, коментирајте, барајте… А пораката погоре многу ми значи и ама баш ништо од таков тип пораки не сваќам негативно. Напротив!

brzdanski-manastir-1
Ридот

brzdanski-manastir-2
Поглед од местото

brzdanski-manastir-3
Природа која го одзема здивот

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top