Култура и туризам

Свети Никола Летен – празник на големиот Мирликиски Чудотворец

На 22 мај православните верници го одбележуваат пренесувањето на моштите на Свети Никола од Мир во Бари – светител кој со векови е еден од најпочитуваните заштитници во македонската народна и црковна традиција.

Во духовниот живот на македонскиот народ посебно место зазема Свети Никола, еден од најпочитуваните христијански светители и заштитник на многу семејства, села и храмови. Иако кај народот попознат и помасовно празнуван е неговиот зимски празник на 19 декември, големо значење има и празникот Свети Никола Летен, кој се одбележува на 22 мај и е посветен на пренесувањето на неговите свети мошти од градот Мир во Ликија во италијанскиот град Бари.

Свети Никола е роден кон крајот на III век во Патара, во областа Ликија во Мала Азија. Наречен е Мирликиски затоа што бил архиепископ во градот Мир. Уште за време на својот живот бил познат по длабоката вера, милосрдието и грижата за сиромашните, поради што народот го сметал за вистински Божји угодник.

Според црковното предание, Свети Никола учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, каде што ревносно ја бранел православната вера. По долг и исполнет живот, се упокоил на 19 декември 342 година, оставајќи зад себе безброј сведоштва за добри дела и чуда.

По неговата смрт, гробот во Мир станал место на поклонение за илјадници верници кои барале исцеление и духовна помош. Кога во XI век овие краишта биле загрозени од турските освојувања, се појавила опасност и за светите мошти. Според преданието, самиот светител му се јавил на побожен свештеник од Бари и побарал неговите мошти да бидат пренесени на побезбедно место.

Така, во 1087 година, жителите на Бари ги пренеле моштите на Свети Никола во својот град, каде што биле пречекани со голема свеченост. Веднаш потоа започнала изградбата на величествен храм посветен на светителот, во кој неговите мошти се чуваат и денес. Во спомен на овој настан, Православната црква секоја година го празнува 22 мај како ден на пренесувањето на моштите на Свети Никола.

Култот кон Свети Никола е меѓу најстарите во христијанскиот свет. Неговото житие сведочи дека целиот свој имот го разделил на сиромашните, помагал на вдовици и сираци, ги откупувал робовите и ги советувал младите. Посебно е познат како заштитник на патниците, морепловците и рибарите.

Во македонската народна традиција Свети Никола е запаметен како господар на водите, морињата и езерата. Народните верувања зборуваат дека ги штител луѓето од бури, поплави и други несреќи на вода. Затоа рибарите и морепловците со особена почит му се молеле пред секое патување.

Марко Цепенков забележал дека „Свети Никола е на морињата – да ги чува луѓето од талазите на морето да не се удават“. Во записите од Гевгелиско и Дојранско се спомнува дека на овој ден рибарите не излегувале на вода, а пловидбата се прекинувала од почит кон светителот.

Свети Никола има значајно место и во македонското народно творештво. Во песните е опеан како „стар свети Никола“, градител на цркви и манастири и заштитник на луѓето во неволја. Во многу легенди и преданија тој се јавува како помошник на сиромашните и спасител на оние што се наоѓаат во опасност.

Особено интересна е народната приказна според која другите светци му завидувале на Свети Никола поради големата почит што ја уживал меѓу народот. Кога Господ ги испратил ангелите да го повикаат, тие го нашле среде море како спасува брод што тонел. Тогаш сите разбрале дека неговата слава потекнува од неговата постојана грижа за луѓето и добрината што ја покажувал кон секого.

Токму затоа Свети Никола останува еден од најпочитуваните светители во православниот свет, а неговиот летен празник претставува потсетник на верата, милосрдието и пожртвуваноста што ги обележале неговиот живот и дело.

Најново од: Култура и туризам

Свети апостол Тома – од сомнежот до непоколебливата вера

Црквата „Св. апостол Тома“, во с.Зубовце чиј ктитор е скулпторот Томе Серафимовски, https://mn.mk/makedonski-legendi/881-akademik-tome-serafimovski/  се издвојува со својот необичен иконостас, исто така негово дело. Како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, иконостасот ја преточува сликаната икона во скулпторски израз. Изработен во техниката барелјеф во бронза, тој претставува несекојдневен спој на православната иконографија и современото скулпторско творештво. […]

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

To top