Култура и туризам

Солунските браќа свети Кирил и свети Методија

Славе Катин

Славе Катин

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечил, заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму му се придружил и Кирил (Константин Филозоф).
Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивните мисии ги извршиле со голем успех, со цел да ги описменат словенските народи.
Константин, кој е познат со своето монашко име Кирил, за разлика од Методиј, не тргнал по стапките на неговиот татко Лав. Тој уште од детските и ученичките години својот животен пат го насочил кон совладување на наставните предмети кои подоцна му овозможиле длабоко да навлезе во тајните на повеќе научни дисциплини и да се нареди меѓу најучените луѓе на својата епоха.
Лав и Марија му овозможиле на талентираниот Константин да се школува во солунските училишта во кои учеле децата од богатите семејства.
По завршувањето на студиите на Цариградскиот универзитет во 847 година, Константин бил задржан на служба во Цариград. Станал библиотекар на Цариградската патријаршија, извршувајќи ја истовремено и функцијата секретар на патријархот.
Меѓутоа, библиотекарско-секретарската должност не му лежела на срце на младиот филозоф Константин. Уште во 847 година ја напуштил должноста библиотекар и се засолнил во еден од манастирите близу Цариград. Но, византискиот царски двор не сакал да се лиши од услугите на Константин.
Тој бил наговорен да прифати да биде професор по филозофија на Цариградскиот универзитет. Константин со задоволство ја прифатил професорската служба, зашто своите сестрани знаења можел да им ги пренесува на своите студенти. Истовремено можел почесто да дискутира по многу научни прашања со Лав Филозоф, Фотиј и другите учени луѓе.
За кратко време Константин стекнал голема популарност кај своите студенти и во цариградската учена средина. Нему му бил доделен епитетот „Филозоф“ и станал познат како Константин Филозоф. Наскоро византискиот царски двор почнал да го ангажира и во извршувањето важни државни мисии.
Брегалничката мисија и словенската писменост
Првата мисија на Константин Филозоф била извршена меѓу Словените во Македонија во првата половина на IX век. Во науката таа е позната како Брегалничка мисија, затоа што главно се одвивала меѓу Словените кои живееле по текот на реката Брегалница.
Тие биле дел од племето Струмјани што тогаш ги управувал Методиј. Константин Филозоф како мисионер требало да му помогне на својот постар брат во придобивањето на немирните Струмјани на византиска страна, во борбата против Бугарите.
Повеќегодишната мисионерска дејност на Константин Филозоф меѓу Словените по текот на Брегалница била крунисана во 855 година со создавањето на словенската азбука – глаголицата.
Ова епохално откритие Константин го постигнал со помошта на својот брат Методиј. Создадената словенска азбука, која најпрво била наменета за Словените во Македонија, се состоела од 38 букви, од кои, како што запишал Црноризец Храбар, „едни биле составени по образец на грчките букви, а други, пак, според словенскиот збор“.
Во почетокот Константин создал 32 букви, а потоа придодал уште шест. Тоа се случило уште додека дејствувал меѓу Словените во Брегалничката област, а особено во градот Равен, кој исто така лежел по течението на оваа река.
На тој начин, во овој дел на Македонија, Константин Филозоф заедно со својот брат Методиј ги поставиле темелите на словенската писменост.
За животот и дејноста на словенските просветители најголем број податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие“ од Теофилакт, „Климентовото житие“ од Хоматијан и „О писменах“ од Црноризец Храбар.
Мисијата во Велика Моравија
Во историските документи за свети Кирил и Методиј, меѓу другото, е запишано дека Ростислав, кнезот на Велика Моравија, испратил молба до византискиот император Михаил III да испрати епископ и учител кој ќе им ја објаснува на нивниот јазик вистинската христијанска вера.
Изборот паднал на светите браќа. Тие биле речиси подготвени и за оваа мисија, зашто голем број од светите книги веќе ги превеле на словенски јазик. Избрале достојни ученици и помошници и тргнале во Моравија.
Таму биле пречекани со голема радост и со големи почести. Набргу потоа отвориле училиште во кое ги подготвувале идните учители за западните словенски народи. Тука наишле на голем отпор од германските свештеници кои ги обвинувале за ерес.
Затоа биле принудени да појдат во Рим и да го докажат своето правоверие. Во Рим биле примени со големи почести од папата Адријан II. Тој ги одобрил словенските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата „Санта Марија Маџоре“, а во три римски цркви богослужбите да се вршат на словенски јазик.
Кирил во Рим тешко се разболел и починал на 14 февруари 869 година. Методиј епохалното мисионерско дело меѓу западните Словени го продолжил сам, со помош на своите ученици, кои во Рим биле ракоположени во свештенички чин.
Непријателството од германските свештеници не престанувало. Истоштен од напорите и измачувањата, свети Методиј починал во 885 година. Неговите ученици биле подложени на измачувања и прогони, а некои од нив биле распродадени како робови.
Делото продолжува преку свети Климент и свети Наум
Делото на светите браќа по смртта на свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните најдаровити ученици – свети Климент и свети Наум, охридските светители, чудотворци, учители и просветители – останало живо и продолжило да се шири.
Светите браќа Кирил и Методиј успеале да станат апостоли на Словените. Тие сакале да му служат на доброто на сите словенски народи и на единството на Универзалната црква.
За овие свои заслуги, папата Јован Павле II на 31 декември 1980 година ги прогласил за копокровители на Европа.
Македонија му оддава почит на свети Кирил во Рим
Во пресрет на 1969 година, кога се навршувале 1.100 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил Солунски, се родила идејата на 24 мај секоја година во Рим, со пригодна свеченост од името на македонскиот народ, да му се оддава должната почит на свети Кирил за неговото епохално дело.
Во познатата базилика „Сан Клементе“, каде што се наоѓа гробот на свети Кирил Солунски, започнала да се одржува церемонија во присуство на претставници на Македонија, Македонската православна црква-Охридска архиепископија, италијанските државни и верски органи, организации, институции, новинари, културни работници и бројни почитувачи на делото на свети Кирил.
Свечената церемонија започнува со чинодејството што го изведува делегацијата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. По пригодната беседа, на гробот на свети Кирил се положуваат венци и свежо цвеќе во знак на почит кон неговото дело.
Сè до 1978 година само СР Македонија подготвувала програма поврзана со чествувањето на свети Кирил. Потоа манифестацијата добила нов и поширок организациски карактер, под наслов „Југославија во чест на свети Кирил“.
По осамостојувањето и сувереноста на Република Македонија, во манифестацијата редовно учествуваат делегација на МПЦ-ОА, како и претставници од областа на политиката, културата и науката.
Престојот во Рим, мотивиран пред сè од желбата да му се укаже достојна почит на свети Кирил, воедно претставува можност за воспоставување непосредни контакти на Република Македонија со претставници на Република Италија и Светата столица.
Досегашниот историјат на манифестацијата покажува дека престојот и програмата на Македонската културна делегација и делегацијата на Македонската православна црква-Охридска архиепископија се одржуваат на високо ниво, продолжувајќи ја традицијата на оддавање почит кон големото и трајно дело на свети Кирил и свети Методиј.

Најново од: Култура и туризам

Моштите на св. Климент: Черепот на светецот му припаѓа на Охрид, а не на туѓи земји

Ако чесната глава на свети Климент може да патува од Грција до Бугарија за поклонение, зошто не може да биде донесена во Охрид – градот во кој тој живеел, творел и бил погребан? Постојат историски неправди за кои не смееме да молчиме. Една од нив е прашањето за моштите на свети Климент Охридски, просветителот чие […]

Митрополитот Наум – вториот македонски владика по обновувањето на МПЦ

Името и делото на митрополит Наум – вториот владика Македонец е тесно поврзано со Македонската православна црква и со духовно-црковното и националното обединување на Македонците во Македонија и во дијаспората. Митрополитот Наум е хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ. Треба особено да се нагласи дека Македонскатаправославна црква одиграла првостепена улога за […]

Климент – првиот македонски митрополит и прв Преспанско-битолски архиереј

Митрополит Климент чие световно име пред хиротонијата за архиереј на MПЦ му беше Никола Трајков, е прв македонски митрополит преспанско-битолски, прв архијереј во Битола по обновувањето на Македонската православна црква и втор македонски архијереј потписник на соборската Одлука од 1967 година за обнова на афтокефалниот статус на Македонската православна црква (денес МПЦ – ОА). Како […]

Зачнување на свети Јован Претеча и Крстител

Празник на надежта, молитвата и довербата во Божјата милост На 6 октомври, односно на 23 септември по јулијанскиот календар, Македонската православна црква — Охридска архиепископија го празнува Зачнувањето на свети Јован Претеча и Крстител. Овој празник нè потсетува на евангелското сведоштво за свештеникот Захарија и неговата сопруга Елисавета. Иако двајцата биле во поодминати години, во […]

На 6 октомври 1928 година — Од љубовта кон Раца се родило поетското име Рацин

Картичката што Кочо Солев ѝ ја испратил на Рахилка Фирфова останала значајно сведоштво за потеклото на едно од најголемите имиња во македонската книжевност. На 6 октомври 1928 година Кочо Солев испратил картичка до Рахилка Фирфова — Раца, во која ѝ соопштил дека го зема нејзиното име како свое. Со тој личен и емотивен чин, младиот […]

Горан Благоев, бугарски новинар и историчар: Бугарија ѝ предала на Грција и реликвија од Охридската архиепископија

Акт од 28 ноември 1916 година, посочен во извештаите за тврдењето на Горан Благоев, наведува 84 црковни старини од Охрид испратени на „привремено чување“ во Софија — меѓу нив и сребрена кутија со моштите на света Матрона, попишана како сопственост на градот Охрид. Бугарија ѝ предала на Грција и охридска реликвија во размената за останките […]

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија

Светите маченички Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија На 30 септември Православната црква го празнува споменот на една мајка и нејзините три ќерки, чии имиња и денес зборуваат за верата, надежта, љубовта и мудроста. Според црковното предание, Софија живеела со своите ќерки во времето на римскиот император Адријан. Била христијанка и сама ги […]

1908 – Во Солун излегува весникот „Единство“

На 27 септември 1908 година во Солун излегол првиот број на весникот „Единство“. Во неговото уредување учествувал Димитар Влахов, а весникот ги изразувал ставовите на дел од македонските револуционери. „Единство“ се појавил по Младотурската револуција, во време кога се отворил простор политичките идеи да се изнесуваат и преку јавниот печат. Неговите страници биле дел од […]

To top