Македонски легенди

Ефрем Каранов

Efrem-Karanov

Efrem-Karanov

Ефрем Каранов (28. I. 1852 – 6. XII. 1927) е просветен деец, книжевник, историчар, фолклорист, етнограф, преведувач, учител и учесник во македонското револуционерно движење. Од 1875 до 1877 година работел како учител во Штип, но поради страв дека е московски агент, Турците го протеруваат. Се занимава со собирање фолклорен материјал, стари ракописи, книги, монети и др. Го основа и го раководи Македонското братство во Ќустендил (1895). Се дружи со Трајко Китанчев и учествува во подготовката на чети на Македонскиот комитет, а по расцепот се става на располагање на Македонската револуционерна организација. Одржува блиски врски со Гоце Делчев, Јане Сандански и особено со својот ученик Димо Хаџи Димов.

Ефрем Цветков Каранов е роден на 28 јануари 1852 година во македонскиот град Кратово. Неговиот татко Цветко Стојанов кој бил кратовски чорбаџија и трговец со памук. Тоа му овозможува младиот Ефрем да се образува прво во родното место, а потоа во периодот од 1864 до 1866 година, заедно со својот постар брат Иван Каранов да учат во Цариград. По завршувањето на прогимназијата во Цариград, Ефремов се школува во Одеса, Русија. Таму завршува класична гимназија во 1872 година, а потоа и славјанска филологија на Новорусискиот универзитет во 1874 година.

Уште додека студира во Одеса, Ефрем Каранов започнува да се занимава со книжевна дејност и собирање на фолклорен материјал. Материјалите почнал да ги собира во 1873 година во Кратовскиот крај, Северна Македонија и Бесарабија, а во јануари 1875 година нуди 240 македонски и 16 безарабиски песни за да бидат објавени во „Периодичното списание“ на Бугарското книжевно друштво (БКД) во Браила, Романија, кое подоцна ќе стане Бугарска академија на науките (БАН). Дел од песните ќе бидат објавени во списанието, а истата година тој ќе стане дописен член на друштвото.

По завршувањето на студиите во јуни 1875 година, Ефрем Каранов се враќа во Македонија и работи како учител во Штип. Меѓутоа, Турците се сомневаат дека е руски агент и во 1877 година го протеруваат. По Руско-Турската војна (1877 – 1878), со својот брат зема учество во Македонското востание уште познато како Кресненско востание (1878 – 1879), а потоа останува да живее во новоформираното трибутарно кнежевство Бугарија.

Ефрем Каранов од 1879 до 1881 година управува со Самоковската семинарија, а од 1881 до 1885 година бил учител и директор на Средното педагошко училиште во Ќустендил, каде развива активна општествена и научна дејност. Тој го основа месното читалиште и музеј и во 1884 година станува полн член на БКД. Од 1885 до 1887 година учителствува во Софиската класична гимназија, за потоа постојано да се насели во Ќустендил.

Во 1895 година, Ефрем Каранов е еден од основачите и претседател на Македонското братство во Ќустендил (Благотворително друштво „Македонија“). Како претседател на македонското друштво „Македонија“ тој е во врска со Македонскиот комитет на Трајко Китанчев и учествува во подготовката на четите кои се испраќаат во Македонија. Неговиот дом се користел за одмор и снабдување на востаниците пред да ја преминат границата.

По расцепот во Македонскиот комитет, Ефрем Каранов се ориентира кон Македонската револуционерна организација и станува близок со Гоце Делчев, Јане Сандански, Пејо Јаворов, како и со Никола Зографов кој во есента 1895 година бил назначен за пунктов началник и раководител на Организацијата во Ќустендил. Тој му го предава целото оружје кое било складирано во неговиот дом на Зографов за потребите на Организацијата.

Ефрем Каранов во текот на животот се занимавал освен со собирање фолклорен материјал, со собирање на стари ракописи и книги, стари монети и сл. Како соработник во „Периодическо списание“ и „Сборник за народни умотворени, наука и книжнина“ публикува дел од собраниот фолклорно-етнографски материјал, а планираниот подготвен зборник на песни и прозни народни умотворби од Кратово и Кратовско, по подолги напори за печатење, не е публикуван.

Тој е автор на повеќе студии, како и на кратката монографија за Румена војвода (Софија, 1886). Во тогашните книжевни и научни кругови големо внимание предизвикуваат неговите преводи (на кратовски говор) на рускиот еп „Слово за полкот Игорев“ (Ќустендил, 1900) и на Мицкиевичевиот „Пан Тадеуш“ (Софија, 1901).

Ефрем Каранов како општествен и културен деец соработувал особено со својот ученик Димо Хаџи Димов, потоа македонскиот револуционер Иван Кепов, чешкиот историчар Константин Иричек, како и други видни бугарски дејци.

По смртта на неговите синови Бојан (1913) и Радивој (1925), Ефрем Каранов се повлекува од општествениот живот. Подготвува свои спомени во кои ги опфаќа раните години и школувањето во Цариград. Спомените не ги завршува поради болест. Умира на 6 декември 1927 година во Ќустендил.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top