Македонски легенди

Сава Михајлов – Савата

SavaMihajlov

SavaMihajlov

Сава Михајлов – Савата (25. XII 1877 – 1. III 1905) е македонски револуционер, гевгелиски војвода и учител. Многу рано влегува во револуционерните води и учествува во сите важни случувања за македонското ослободително дело. Како учител и револуционер дејствувал во с. Ракита, Неготино, Гевгелија и Горна Џумаја. Учествувал во аферата Мис Стон, се борел против врховизмот, бил учесник на Софиското советување на МРО и Илинденското востание во 1903 година. Тој е тврдокорен македонски револуционер, кој во 1905 година, во борба со османлиската војска кај с. Смол, Гевгелиско, за да не падне жив во нивни раце, испил отров.

Сава Михајлов е роден на 25 декември 1877 година во селото Мачуково (денес Евзони), Гевгелиско, Егејскиот дел на Македонија. Со основно образование се стекнува во родното село, а од 1889 до 1892 година учи класно училиште во Цариград. Образованието го продолжува во Солунската гимназија, која ја завршува во 1895 година. Истата година, станува член на ТМОРО.

Во учебната 1895/1896 година бил назначен за учител во Кавадарци, потоа една година учителствува во село Ракита, Кајларско. Во 1897 година, кога се случува Виничката афера, учителствува во Неготино, а во 1898/1899 во Богданци, Гевгелиско. Наредната учебна 1899/1900 година учителствува во Гевгелија, а од 1900 до Коледе 1901 година во Горна Џумаја.

Во своите спомени за овој период Савов ќе вели: „Уште како ученик во Цариград кај мене се роди идејата за независност од Османлиите, но посуштински таа созреа во Солун, каде што имавме ученички кружок и дознавме дека нешто се работи. Знаевме дека Даме Груев, кој беше тогаш во Штип, работи нешто против Османлиите, но дека има некаква организација, не знаевме… Кога заминав во Кавадарци како учител, уште не бев посветен на делото… Од крајот на 1895 го дина станав член на Организацијата.”

Откако бил посветен на делото, во сите места каде што учителствува, Сава Михајлов ја шири организациската мрежа. Во 1900 година по наредба на ЦК на МРО, тој работи како учител во Горна Џумаја и станува реонски раководител на Организацијата. Во 1901 година, следен од властите, тој станува илегален и влегува во четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев, со која учествува во аферата Мис Стон. По добивањето на откупот, тој со Сандански и Крсте Асенов  се повлекува во Софија, каде останува до 24 јануари 1902 година.

Во март 1902 година, Сава Михајлов заедно со Сандански, заминува на Пирин, каде што остануваат до крајот на мај, кога повторно се враќа во Софија. Во овој период, тој дејствува во Горно Џумајско и учествува во конфликтот со Врховниот комитет. Во почетокот на 1903 година учествува на Софиското советување на МРО, а потоа заминува со Борис Сарафов преку Ќустендил и Кочанско, со чета од десет души во Гевгелиско и се вклучува во припремите за Илинденското востание.

Сава Михајлов како реонски началник во Гевгелиско активно учествува во Илинденското востание, извршувајќи повеќе вооружени акции заедно со четата на Аргир Манасиев и Иванчо Карасулијата. На почетокот на Востанието, заедно со Аргир Манасиев организираат диверзија на железничкиот мост на Вардар кај Гевгелија, потоа кон крајот на август двете чети водат борба кај Клисура, а на почетокот на есента четата на Сава Михајлов  и Кукушката чета води борба кај Башбунар на Пајак Планина.

По Илинденското востание, Сава Михајлов се префрлил во Бугарија. Во 1904 година, тој на Љубомир Милетич му ги пренесува спомените од својата револуционерна дејност. Во овој период Сава дејствувал во Бугарија и Србија, а најмногу во својот роден крај.

Во текот на февруари 1905 година со четата на Апостол војвода навлегува во Гевгелиско. Четата била забележана од овчари арнаути, кои ги известиле турските власти. На март 1905 година, Сава Михајлов – Савата го имал последниот судир со османлиската војска. Турската војска и башибозукот ја опколила четата крај гевгелиското село Смол (денес Микро Дасос), на височината Голема Рудина. Во првите утрински часови борбата се водела само со аскерот од Гевгелија и од Дојран и со башибозуците од гевгелиските села. По извесно време во престрелката се вклучила и војска од Солун.

Во нерамноправна борба која траела околу 12 часа, од 42-ца македонски револуционери се спасиле само ранетиот во пета Апостол војвода и еден револуционер. По херојскиот отпор, 28 годишниот Сава останал на бојното поле. Откако видел дека тешко ќе се извлече од обрачот и дека нема повеќе муниција, за да не падне жив во рацете на Османлиската власт, тој испил отров. Дека се отрул укажува белешката која била напишана лично од него на мало ливче, а која по битката ја пронашле  османлиските офицери. Потврда за ова е сведочењето на селаните од Мачуково, кои при погребот на убиените, на телото на војводата не забележале рани од куршум. Сава Михајлов лежел мртов  со пена на устата. Радосни што го нема повеќе познатиот војвода Сава Михајлов – Савата, турската влада ги наградува своите војници со чинови и пари.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top