Македонски легенди

Блаже Крстев – Биринчето

Blaze Birinceto

Blaze Birinceto

Блаже Крстев – Биринчето (1873 – 21. V 1911) е македонски револуционер и крушевски војвода, учесник во Илинденското востание. Во востанието се борел во четата на војводата Питу Гули. По востанието бил четник во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов- Пљакот. Од есента 1904 година до смртта дејствувал како крушевски војвода. Води борба со четите на српската воружена пропаганда и во едно писмо до нивен војвода пишува: „Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме“.

Блаже Крстев е роден во 1873 година во крушевското село Бирино. Таму се вклучува во ТМОРО и организира сопствена чета. Учествува во подготовките за Илинденското востание, а во востанието се борел во четата на војводата Питу Гули.

На 2 август 1903 година, заедно со одделението на Иван Наумов Алабакот, учествува во освојувањето на турската касарна во Крушево. По освојувањето на градот, Блаже Крстев – Биринчето учествува во одбраната на градот и под раководство на Питу Гули,  четите одбиваат шест напади на Крушево, при што турскиот аскер има големи губитоци.

Блаже Крстев – Биринчето е еден од малкумината македонски војводи кој по Илинденското востание останува во Македонија, за да го заштити населението од зулумот на турскиот аскер и башибозукот. По распуштањето на четите и прогласената амнестија, тој се вратил во родното место. Меѓутоа, поради насилството кој го правел еден Турчин, тој го убил и повторно станал нелегален.  

Во 1904 година Блаже Крстев – Биринчето се вклучува во четата на крушевскиот војвода Ѓурчин Наумов – Пљакот и е негов заменик. По доаѓањето на Дамјан Груев и Герги Сугарев од Ресенско, четите се упатиле кон Поречието. На 23 сепетмври 1904 година, во борбата со турскиот аскер кај село Сланско, во која загинал војводата Ѓурчин и секретарот на Сугарев, Блаже се истакнал со својата храброст.

По смртта на војводата Ѓурчин, Блаже Крстев – Биринчето се до 1911 година дејствувал како крушевски војвода. Цели шест години тој го води овој реон, а само за два месеци, додека бил отсутен, бил заменет од војводата Петар Јуруков. Во овој период тој се борел против вооружените чети на српската пропаганда во Велешко.

Во 1905 година заедно со четите на Ѓорѓи Сугарев, Иван Наумов Алабакот, Стефан Димитров и Панчо Константинов во Пореч и Азот, водат серија битки против српските вооружените чети предводени од Јован Бабунски и Глигор Соколо(иќ). Во едно свое писмо до војвода на чета на српската вооружена пропаганда, Блаже Крстев – Биринчето  вели:

“Македонски борачи бевне и до крај ка се бориме за македонскио народ, а не се бориме за Бугарија или за Србија и Грција, тија сат слободни и си живеат меѓу ними и си пијат по ладните меани, имат прао да пијат оти побрго туриле крфта. Ни треба што сме от македонската земија, треба за Македонија да работиме оти македонските браќа гинат по патиштата и македонските сестри сет обесчестени от клетио Турчин, от мрсниот Турчин… Штом сме македонски војводи, за македонскиот народ треба да работиме, тогај се види да на еден збор не сме можиле да се разбереме за да не се бијеме.”

Во 1907 година, Блаже Крстев – Биринчето, чиј секретар е Герги Ралев,  дејствува со дваесет четници. По Маладотурската револуција во 1908 година, за кратко време станува легален, но набргу се разочараува од Младотурците и ја продолжува борбата.

Во 1909 година, при обид да биде уапсен од 12 жандари, тој поведува борба и ги убива сите, по што се префрла во Бугарија. Меѓутоа, Тодор Александров го враќа во Крушевско, каде го обиколува реонот. Во овој период, многу луѓе биле уапсени и мачени поради криење на Биринчето, а девет лица ќе бидат осудени од властите на 16 и 5 години затвор.

Во 1911 година, при една обиколка на реонот, Биринчето тргнал кон Журечкиот манастир, каде била четата на Дончо Тодоров од Стара Загора кој се потурчил за време на Младотурската револуција. Во борбата која се развила меѓу нив на 21 мај 1911 година кај манастирот “Св. Атанасиј“, во близина на демирхисарското село Журче, Блаже Крстев – Биринчето загинал. Телото прво му било пренесено во Крушево, а потоа во Битола каде бил фотографиран. 

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top