Македонски легенди

Борис Спиров

boris-spirov

boris-spirovБорис Спиров (22. IX 1897 –  19. X 1974) е македонски лекар и револуционер. Медицински факултет завршил во Лајпциг (Германија) во 1928 година. Поради својата револуционерна дејност бугарските власти го осудиле на смрт во 1943 година, но смртната казна му била заменета со доживотна робија. Бил член на АСНОМ во 1944 година, секретар на Претседателството на Президиумот на АСНОМ, Министер за социјални грижи, претседател на МЛД (1945-1948), а во 1946 г. бил избран за претседател на Уставотворното собрание на РМ.Под негово раководство на 31 декември 1946 година бил прогласен првиот устав на Народна Република Македонија.

Борис Спиров е роден на 22 септември 1897 година во кичевското село Брждани, во земјоделско-печалбарско, но и револуционерно семејство. Неговиот татко и стрико биле селски војводи на Македонската револуционерна организација. Борис завршил основно образование во родното село, а три класа прогимназија во Кичево. Потоа заминал во Софија, каде истовремено работел и учел.

Спиров бил мобилизиран за време на Првата светска војна и учествувал на Македонскиот (Солунски) фронт. По завршувањето на војната тој се вратил во Софија каде со успех ја завршил гимназијата во 1919 година.

Две години потоа заминал да студира медицина на Карловиот универзитет во Прага, за да потоа студиите ги продолжи на Универзитетот во Лајпциг. По дипломирањето во 1928 година се вратил во Бугарија и од октомври 1928 до мај 1929 година работел како државен лекар во Плевенското село Горна Митрополија. Потоа тој станал општински и регионален лекар во Плевен, каде што исто така отворил и приватна медицинска ординација.

Во периодот меѓу двете светски војни, Борис Спиров бил политички ориентиран кон ВМРО (обединета), а потоа влегол и во Бугарската комунистичка партија (БКП). По 1941 година, тој активно се вклучил во акциите против власта. Поради неговите активности бил уапсен и интерниран во селото Скрино, област Дупница, каде што станал јатак на месните партизани.

Во мај 1943 година Борис Спиров повторно бил уапсен и осуден на смрт. Но, во јануари 1944 година, неговата смртна казна била заменета со доживотен затвор. Затворската казна тој ја издржувал во Плевен, каде што се запознал со Лазар Колишевски, на кого подоцна му станал кум во неговиот брак со Лилјана Чаловска.

По 9 септември 1944 година Спиров активно зел учество во организирањето на новата власт во Бугарија и станал привремено кмет на Плевен. На 20 септември 1944 година бил доброволец во бригадата „Гоце Делчев“ што била формирана во Софија и бил шеф на санитетска служба. Таквата должност подоцна ја извршувал и во Пехчево, во штабот на Брегалничко – Струмичкиот корпус. По завршувањето на војната заминал во Македонија, каде брзо бил издигнат на раководни позиции во новиот режим.

На 27 октомври 1944 година бил вклучен во Президиумот на АСНОМ и назначен за началник на здравството на Поверенството (Министерство) за социјална политика, народно здравје и исхрана. Истовремено бил и член на Извршниот одбор на Единствениот народноослободителен фронт (ЕНОФ), а од 30 декември 1944 година бил избран за прв секретар на Президиумот на АСНОМ, кој во април 1945 година бил преименуван во Президиумот на Народното собрание на Демократска Федерална Македонија (ДФМ)..

Во април 1946 година тој станал министер за социјални работи на ДФМ. На крајот на годината бил избран за претседател на Уставотворното собрание на Македонија. Од 30 декември 1946 до 30 декември 1947 година е претседател на Народното собрание на Македонија, а потоа бил прв потпретседател на Президиумот на Народното собрание, сè до крајот на 1950 година кога му завршил редовниот пратенички мандат. Под негово раководство на 31 декември 1946 година е прогласен првиот устав на Народна Република Македонија.

При формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје, Борис Спиров бил избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во првиот наставнички состав (1947 – 1956). Во почетоците на факултетот бил избран за продекан (1951 0 1952) и шеф на Централната медицинска библиотека (1952-1956). Тој е еден од првите 19 наставници на новоформираниот Медицински факултет во Скопје.

Борис Спиров повеќе години работел како шеф на Одделот при Хигиенскиот завод на НРМ, при што значајни се неговите епидемиолошки испитувања на заразните болести во Македонија, посебно на маларијата, тифусот и распространетоста на гушавоста во Западна Македонија. Исто така, уграл важна улога во основањето на Македонското лекарско друштво чиј прв претседател е во периодот од 1946 до 1948 година.

Поради несогласување со тогашните југословенски власти, по пензионирањето во 1960 година Спиров работел приватна пракса во Скопие. Подоцна се преселил во Бугарија, каде што ги поминал последните години од животот. Борис Спиров починал на 19 октомври 1974 година во Софија, меѓутоа по желба на семејството тој бил погребан во Плевен.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top