Македонски легенди

Славко Милосавлевски

1bliz5

1bliz59

Славко Милосавлевски (28. I 1928 – 14. X 2012) е македонски социолог и универзитетски професор, дисидент од времето на комунизмот. Предавал социологија на Правниот факултет во Скопје. Во периодот од 1966 до 1969 година бил член на Извршниот комитет на ЦК на СКЈ, а од 1969 до 1972 година бил секретар на Секретаријатот на ЦК на СКМ. По смената на либералното раководство, бил приморан да даде оставка на 36-тата седница на ЦК на СКМ (јануари 1973) и во јуни 1974 е исклучен од СКМ, по што му престанува работниот однос на Факултетот. Бил основач и прв претседател на Социјалдемократската партија на РМ.

Славко Милосавлевски е роден на 28 јануари 1928 година во тетовското село Вратница. Основно училиште завршил во родното место, а гимназија во Скопје. За време на Втората светска војна, по окупацијата на Кралството на Југославија во 1941 година, се приклучил на Народноослободителната борба (НОБ). Тој се вклучил во Шарпланинскиот партизански одред. Во 1943 година бил примен во Комунистичката партија на Југославија и до крајот на војната вршел низа политички должности. Носител е на Партизанска споменица 1941.

По ослободувањето, до 1953 година бил на разни политички должности во Југословенската народна армија (ЈНА). По демобилизацијата  го продолжил своето образование. Се запишал на Правниот факултет во Скопје, на кој дипломирал во 1957 година. За време на студиите се наоѓал на повеќе должности: организациски секретар на Универзитетскиот комитет (1954); член на Градскиот комитет на СКМ во Тетово (1955); секретар на Општинскиот комитет на СКМ во Тетово (1958) и претседател на Народниот одбор на општината во Тетово (1958).

Постдипломски студии Милосавлевски завршил на Институтот за општествени науки во Белград во 1960 година, а докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1965 година. Предавал социологија на Правниот факултет во Скопје од 1961 до 1974 година. Бил предавач од 1961 до 1965 година; вонреден професор од 1966 до 1971 година и редовен професор од 1972 до 1974. Од  1967 до април 1969 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања.

Во 1964 година, на Осмиот конгрес на СКЈ, Славко Милосавлевски бил избран за член на Централниот комитет на СКЈ. Во периодот од 1966 до 1969 година, тој бил член на Извршниот комитет на ЦК на СКЈ, а од 1969 до 1972 година бил секретар на Секретаријатот на ЦК на СКМ. На Деветиот конгрес на СКЈ во 1968 година бил избран за член на Претседателството на СКЈ

Во текот на борбата со либерализмот и национализмот, како близок соработник на Крсте Црвенковски, тој се нашол на удар. На 36-тата седница на ЦК на СКМ одржана во јануари 1973 година, под притисок, тој дал оставка на сите политички функции.

Во јуни 1974 година Милосавлевски бил исклучен од СКМ, по што му престанал и нработниот однос на Факултетот. Тој останал изолиран се до воводеување на политичкиот плурализам, кога станал основач и прв претседател на Социјалдемократската партија на РМ. На чело на партијата бил до септември 1991 година.

По осамостојувањето на Македонија, од 1996 до 2003 година бил вонреден и ополномоштен амбасадор на РМ во СРЈ/СиЦГ.

Славко Милосавлевски починал на 14 октомври 2012 година во тетовското село Вратница.

Славко Милосавлевски има објавено поголем број дела, од кои позначајни се следните: „Сојузот на комунистите и самоуправувањето“ (1967); „Револуција и демократија“ (1967); „Изборниот систем и изборната демократија во практиката“ (1968); „Одлики на развитокот на движењето на СКМ“ (1968); „Социјализам и суверенитет“ (1971); „Револуција и антиреволуција“ (1972); „Вратница : Етно-социолошки приказ“ (1985); „Контрадикциите на Јосип Броз“ (1990, на српски јазик); „Страв од промени : кризата на политичкиот систем на Југославија во седумдесеттите години“ (1991); „Социологија на македонската национална свест“ (два тома, 1992 и 1997); „Југословенските социјалисти-комунисти и македонското прашање (1918-1945)“ (1992); „Источна Европа помеѓу егалитаризмот и демократијата“ (1993);

 „’Разговор’ со Добрица Ќосиќ“ (1994); „Двете лица на собитијата“ (1996); „Нашиот поглед за времето на Колишевски“ (1996, заедно со Крсте Црвенковски); „Албанците во Република Македонија (1945 – 1995)“ (1997, на македонски и англиски јазик); „Македонски контроверзи : (1990-2003)“ (2004); „Амбасадорски записи“ (2006).

(извор: М.Е. 2. Скопје, 2009 г.)

1Tiho3 Подготвил: Т.К.

Најново од: Македонски легенди

Бранко Гапо – великан на македонската кинематографија

Бранко Гапо (5 ноември 1931 – 18 ноември 2008) е еден од најзначајните македонски режисери. Со своето богато филмско творештво, како и со работата во театарот, телевизијата и радиото, оставил длабока трага во македонската култура. Роден е како Бранко Ивановски на 5 ноември 1931 година во Тетово. Неговата љубов кон филмот се развила уште во […]

Владо Черноземски – живот меѓу револуционерното подземје и Марсејскиот атентат

Владо Черноземски е роден на 19 октомври 1897 година во селото Каменица, денес дел од Велинград, Бугарија, Владо Черноземски загинал на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Франција. Неговото вистинско име било Величко Димитров Керин. Како член на ВМРО, најнапред во времето на Тодор Александров, а потоа во организацијата предводена од Иван Михајлов, останал запаметен […]

Јордан Костадинов – борец за националните права на Македонците во Пиринска Македонија

Јордан Костадинов (9 ноември 1932 – 23 август 2019) бил борец за националните права на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, политички затвореник и еден од основачите и претседател на ОМО „Илинден“. Поради своето дејствување, двапати бил затворан од бугарските власти. Јордан Костадинов Иванов е роден на 9 ноември 1932 година во селото Белица, преименувано […]

Антон Лазов Јанев – Ќосето

Антон Лазов Јанев (25. XII. 1854 – 10. IX. 1953) е македонски револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа […]

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

To top