|
||||
Христо Поп Коцев |
Христо Поп Коцев (5. I 1869 – 30. IV 1933) е македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, учител и публицист. Тој е истакнат деец на македонското револуционерно движење. Бил член на ЦК на ТМОРО (1896–1897). Учествувал на Солунскиот конгрес во 1903 година. Повторно бил член на Централен комитет во 1903–1904 година. Христо Поп Коцев е роден на 5 јануари 1869 година во Ново Село, Штипско, Учел во Ново Село и Штип. Потоа, се школувал во Солун, Белград и Софија. Во 1886 година, започнал да учи во егзархиската гимназија во Солун. По студентски бунт, бил избркан од гимназијата. На почетокот на 1888 година, со група од 19 луѓе, меѓу кои и други идни револуционери, заминал за Србија каде го продолжил своето образование во Големата школа во Белград. Незадоволен од притисокот во Србија, тој и неговите пријатели подигнале нов бунт во 1889 година и повторно биле протерани. Групно емигрирале во Бугарија, каде што се запишал на студии и во 1892 година дипломирал словенска филологија и книжевност на Софискиот универзитет. Во Софија во 1890 година е основано младинско здружение за обука на учители за Македонија со членови Дамјан Груев, Никола Наумов, Петар Попарсов, Христо Коцев, Димитар Мирчев и Никола Дејков. Поп Коцев работел како учител во Цариград, Едрене, Скопје, Штип и Солун. Во 1891 – 1892 година бил учител во Егзархиското богословско училиште во Цариград, а во исто време предавал и во четирикласното училиште во Фенер. Работел како учител во Константинопол до 1894 година, а потоа учителствувал во Скопје (1894 - 1895) и Одрин (1895 - 1896). Даме Груев го назначил, како еден од учителите на Одринската машка гимназија и член на организацијата, да биде првиот што ќе започне со изградба на револуционерната мрежа во Одринскиот револуционерен округ. Така, во почетокот на 1896 година, тој и Павел Генадиев го основале Одринскиот револуционерен комитет, чиј претседател бил Поп Коцев. Истата година бил назначен за учител во Солунската гимназија и бил преставник на Одринско на Солунскиот конгрес. Истата година бил избран за член на ЦК за периодот 1896 – 1897 година. Во 1898 година бил уапсен и во 1899 година осуден на 4 години затвор. Во јануари 1903 година, по неговото ослободување Поп Коцев учествувал на Солунскиот конгрес Во периодот меѓу 1903 - 1904 година повторно бил член на Привремениот Централниот комитет. По самораспуштањето на Привремениот Централен комитет во пролетта 1904 година, Поп Коцев трајно се населил во Варна, но продолжил да се занимава со револуционерна активност. За време на Првата балканска војна бил доброволец во Македонско-одринското ополчение. Во текот на Првата светска војна бил директор на гимназијата во Штип во 1916–1917 година и градоначалник на Скопје од 1917 до 1918 година. По војните Поп Коцев бил гимназиски професор во Провадија во 1918 – 1919 година и во Варна. Бил член на Илинденската организација и на Сојузот на македонските иселенички организации. Ги напишал своите мемоари, објавени во четири последователни броеви на списанието „Македонија“. Христо Поп Коцев починал на 30 април 1933 година во Варна. Подготвил: Т.К. |