|
||||
Волче Наумчевски |
Волче Наумчевски (18. I 1916 - 20. III 1980) е македонски писател, автор на првата стихозбирка исцело напечатена на македонски јазик во предвоена Југославија. Објавил голем број стихозбирки за деца и возрасни.
Во 1934 година се зачленил во „Трезвена ложа“. Во 1935 година бил активен член на Културно-просветното друштво „Абрашевиќ“ во Прилеп. Во тој период ја напишал и својата прва песна „Молитва“. На почетокот на 1937 година, во врска со Граѓанската војна во Шпанија, ја напишал стихотворбата „Шпанија“. Охрабрен од приемот на неговите стихови, се повеќе пишувал и рецитирал на македонски јазик. Кон крајот на 1939 година во Битола ја отпечатил збирката од 13 стихотворби „Иди пролет“, потпишана само со Даноски. Како војник на Кралска Југославија, на 9 април 1941 година бил заробен од Германците кај Ниш и префрлен во логорот во Драгоман и Сливница. По ослободувањето кратко престојувал во Софија. Таму се запознал со Т. Павлов, В. Марковски, М. Зафировски, К. Неделковски, Н. Вапцаров и други членови на МЛК. По препорака на Павлов, се вратил во Прилеп и на 28 мај пак доаѓа во Софија со ракописот на втората стихозбирка. Книшката била напечатена во јули 1941 година, со насловна страна: В’лчо Наумчески, Македонска китка. Наумчески во Софија живеел во истиот дом со К. Рацин и К. Неделковски. Ноќта на 1. IX 1941 година полицијата чукнала на вратата кај што спиеле тројцата македонски поети. За да не го фатат жив, К. Неделковски ја активирал пеколната машина и се фрлил од шестиот кат на зградата. По пуштањето од полицијата, Рацин и Наумчески на 4 или 5 септември заедно тргнале со воз за Македонија. Веднаш се вклучил во подготовките за востание. Учествувал во оружената акција на 11 октомври во Прилеп, а кога се растурил одредот, за да ја скрие трагата, во декември 1941 година одново заминал во Софија. Во 1942–1943 година Наумчески ја напишал (на бугарски јазик) својата „Поема на злото“ (објавена на македонски во Скопје дури во 1951). Во Македонија се вратил во 1943 година и повторно заминал во партизани. За време на НОБ Волче во своите раце ја имал пушката и перото, со кое постојано пишувал и фаќал белешки. По Ослободувањето работел во МВР, оддел за агитација и пропаганда. Објавил повеќе стихозбирки за возрасни и за деца. За своите заслуги бил одликуван со: Орден на храброст, Орден за заслуги за народ и Орден на трудот, а од областа на литературата, во 1968 година ја добил наградата на Струшките вечери на поезијата за најдобра книга за деца за таа година. Добитник е и на наградата „11 октомври“ за животно дело. Волче Наумчевски починал на 20 март 1980 година во Скопје. (извор: https://www.strumski.com/books/volche_naumcheski_makedonska_kitka_1941.pdf; М.Е. Скопје, 2009, стр. 1029) Подготвил: Т.К. |