|
||||
Никола Трајков |
Никола Трајков ( 26. Ⅴ 1888 – 12. Ⅵ 1963) е македонски револуционер, историчар, дипломат. Учествувал во македонското национално-ослободително движење. Го проучувал делото на македонските преродбеници – Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Браќата Робевци, К. Мишајков. Голем интерес пројавил кон делото на Крсте Мисирков. Им помагал на младите македонски научници во ориентацијата по бугарските архивски институции. Никола Трајков е роден на 26 мај 1888 година во селото Вранешица, Кичевско. Од мал живеел со родителите во Битола. Се школувал во Битола и Софија. На Софискиот универзитет завршил словенска филологија. Склон кон јазиците, тој добро го научил турскиот, грчкиот, влашкиот и албанскиот јазик. Работел како учител, новинар, дипломат и универзитетски професор (по новогрчки јазик). Учествувал во македонското национално-ослободително движење и учествувал на турнејата на Алберт Сониксен низ Македонија. За време на Лигушевската афера од 1906 година, учествувал во неуспешниот обид да се елиминира Петар Лигушев. Бил принуден да замине во Бугарија. При избувнувањето на Балканската војна во 1912 година, доброволно се пријавил во Македонско одринско ополчение. Учествувал и во Првата светска војна. По војните две години работел како гимназиски професор во Златица и Софија, по што започнал дипломатска кариера. Од 1921 до 1940 година работел во бугарските дипломатски преставништва во Букурешт, Романија, каде членувал во Македонското братство, и во Атина, Грција, а од 1940 до 1946 година – во Министерството за надворешни работи во Софија. Никола Трајков започнал активно да се занимава со новинарство уште од 1911 година. Тој тоа го работел речиси целиот живот, пишувајќи не само за бугарски, туку и за романски и грчки периодични списанија. Истовремено, Трајков вршел историски истражувања и собирал документи за познатите македонски преродбеници Го проучувал делото на Браќата Миладиновци, Григор Прличев, Браќата Робевци, К. Мишајков. Негов важен труд му е: „Браќа Миладиновци - П р е п и с к а“ (Софија 1964), издание на БАН, во кој објавува писма од Димитрија и Константин Миладиновци, како и документи за македонската преродба (Робевци, Шапкарев, Партенија Зографски, Митра Миладинова, Киријак Држиловец и др.), како и поголем број непознати дипломатски документи околу смртта на Миладиновци. Голем интерес пројавил кон делото на Крсте Мисирков. Им помагал на македонските научници во ориентацијата по бугарските архивски институции. Никола Трајков починал на 12 јуни 1963 во Софија. Подготвил: Т.К. |