|
||||
| Александар Урдаревски - Станко |
|
Александар Урдаревски (1920 – 1. II 1943) е македонски партизан, учесник во Народноослободителната борба. По Априлската војна се вратил во Македонија и работел на организирањето на НОД во Скопско. Бил борец во првиот Скопски НОПО (1941), заменик командант на одред (1942) и командант на Македонско-косовскиот НОПО (1943). Загинал во борба со здружени италијанскоалбански сили. Прогласен е за народен херој на Југославија. Александар Урдаревски е роден во 1920 година во селото Чучер во близина на Скопје, како втор син на Тодор и Велика. По завршувањето на основното училиште, посетувал гимназија во Скопје. По матурата, се запишал во земјоделско училиште во Неготин, каде почнал активно да соработува со скоевците. Во 1938 година бил примен за член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија (СКОЈ) и станал секретар на младинскиот актив во училиштето. Кон крајот на 1939 година бил примен за член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Во есента 1940 година се запишал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Белград. Како комунист, тој активно учествувал во сите акции организирани од Комунистичката партија на Југославија. По една демонстрација, полицијата го уапсила и го одвела во Главњача. Во затворот, тој ја издржал тортурата и не признал дека е комунист. Кога бил ослободен од затвор, тој продолжил со својата политичка активност. По Априлската војна се вратил во Македонија, се поврзал со организацијата на КПЈ во Скопје и работел на организирањето на НОД во Скопско. Кога во Скопско бил формиран Првиот партизански одред, Александар станал борец во одредот. По распушрање на одредот, тој се вратил на партиската работа на овој терен и работел на обновување на одредот. Во 1942 година одредот бил повторно формиран, а Александар бил заменик командант на одред. Бидејќи Александар веќе бил истакнат борец, бугарските судови го осудиле во отсуство и издале потерници со награда за секој што ќе го фати жив или мртов. По одлуката да се поврзат со косовските партизани, Александар ја извршил оваа задача и станал командант на заедничкиот Македонско-косовски одред на Скопска Црна Гора. Маневрирајќи на теренот на јужна Србија, Косово и Македонија, Александар се упатил кон Неродимље со група борци. На 1 февруари 1943 година, тој застанал во селото Старо Грацко, во близина на Липљан. Партизаните биле опкружени тука од здружени италијанско-албански сили, по што се развила тешка и нееднаква битка во која биле убиени сите осум члена на групата, освен еден партизан кој бил заробен. Многу години потоа, неговите останки биле пренесени во родното место Чучер, кое подоцна е наречено по него Чучер Сандево (мајката Велика од милост својот син го викала Санде). Со указ на Президиумот на Народното собрание на ФНР Југославија на 20 декември 1951 година, тој бил прогласен за народен херој.
Подготвил: Т.К. |
















