Македонски легенди

Владимир Полежиноски

vladimir-polezinovski

Разумот и мудроста на Народно-ослободителното дело

vladimir-polezinovskiД-р Владимир Полежиноски, доктор на Сорбона, човекот што го понесе антифашистичкиот отпор во Кичевско, еден од творците на актите на АСНОМ и голооточки затвореник.

Владо Полежина е роден на 30 мај 1913 година во Кичево од татко Јонче и мајка Стефанка. Основно образование завршил во Кичево, а гимназија во Битола во 1932 година. По завршување на гимназијата во есента 1932 година се запишал на Правниот факултет во Париз, каде што со успех ги завршил студиите, а потоа одбранил и докторат на универзитетот Сорбона во март 1939 година на тема „Фондови за изедначување на девизните курсеви”. За време на студиите во Париз активно се вклучил во студентското демократско движење, а во 1937 година станал и секретар на студентското друштво во Париз.

Полежиноски бил повикан на отслужување на воениот рок во стара Југославија и служел во Требиње, каде што го затекнала и капитулацијата на кралството СХС. Во овие тешки години тој се вратил во родното Кичево, каде што токму тогаш Кузман Јосифовски-Питу го формирал Месниот комитет на КПМ во Кичево, во октомври 1941 година. Во почетокот Кузман не се сложил Полежина да влезе како член на МК, бидејќи сметал дека партијата е на работничката класа, а интелектуалците каков што бил Полежина, доктор на правни науки, не може да бидат членови. Сите кичевски првоборци се залагале за Полежина да биде член. По заедничката средба и разговор, Кузман Јосифовски-Питу сфатил дека Владо како убеден демократ и антифашист треба да биде член на МК.

Владо бил скромен и станал политички секретар во кичевската организација. Работејќи на подготовките во Кичево, заедно со повеќе свои другари бил затворен од италијанските окупаторски власти. Во мај 1943 година бил пренесен во концентрациониот затвор Порто Романо во Албанија. Во затворот останал се` до капитулацијата на фашистичка Италија на 8 септември 1943 година. По враќањето во Кичево, активно се вклучил во Народноослободителното движење во првоослободениот град Кичево (11 септември 1943) во НОВ. Благодарејќи на неговата активна работа и резултати како и потребите бил повлечен да работи во Главниот штаб на Македонија на терен во Дебарца.

По Преспанското советување, Кузман Јосифовски-Питу требало да замине во Скопје за да се извршат подготовки за свикување на АСНОМ. Токму во силните борбени дејствија и завршните борби за ослободување на Македонија, Главниот штаб на НОВ и ПОМ се нашол во Врановци на слободната територија. Командантот Апостолски предлагал да се организира заседанието во манастирот Свети Отец Прохор Пчињски, бидејќи сметал дека е безбедно место и дека единиците на НОВ ќе го обезбедуваат собранието. Тука биле Ченто, Полежина, Глигоров, Апостолски, како и Темпо и многу други раководители и членови на ГШ. Според сеќавањата на Киро Глигоров за придонесот на д-р Владо Полежина во создавањето на македонската држава, Глигоров вели: „На слободна територија, разговаравме за формирање на државата. Не знаевме што да формираме, сите се погледнувавме меѓу себе. Тогаш Полежина рече дека Русите имаат президиум, па и ние да формираме президиум и така и стана, вели Глигоров. Сите работевме, но се разбира Полежина имаше големо познавање и даде голем придонес во создавањето на актите на АСНОМ“.

Иако Полежина целосно се вклучил во создавањето на македонската држава во власта и секако бил потребен во Македонија, веќе во март 1945 година бил коптиран во воена мисија на ФНРЈ во Франција, а од декември 1945 година во воена мисија на Југославија во Германија. Полежина бил шеф на воената мисија на Југославија при контролното собрание за Германија, при главниот штаб на англо-американските сили во Франкфурт на Мајна. Тој тогаш бил унапреден во чин потполковник во југословенската војска.

Полежина како шеф на воената делегација во периодот од ноември 1947 година па до резолуцијата на Информбирото во 1948 година, активно работел во Франкфурт во Германија. Во август 1948 година бил повикан на разговор кај шефот на руската воена мисија и оттогаш почнала голготата на Полежина. Набргу тој бил повлечен од Германија и демобилизиран од војската. Паднал во голема немилост, принуден сам да се снаоѓа за да преживее со семејството.

Во јануари 1951 година без судски процес бил лишен од слобода и протеран на Голи Оток на “Мермер”, каде што останал се` до април 1954 година.

По затворот се вратил во Белград и се вработил во Народната банка, а по кусо време и во Институтот за економски работи. Поради семејни причини во 1965/1966 година дошол во Скопје и се вработил во економскиот институт. Тука се сретнал, и работел во иста канцеларија со академик Никола Кљусев. Во кусиот разговор што го имав со академик Кљусев еве што тој ми рече: „На Заседанието на АСНОМ добро се сеќавам иако бев дете. Шетав во дворот на манастирот и ги посматрав загрижените борци. За Полежина знаев од документите, од прогласот на Президиумот, а кога дојде во институтот во Скопје особено бев радосен. Се сретнав со човек што знаеше многу. Од него научив многу работи. Беше мирен, тешко разговараше за поминатото време во Голи Оток, само понекогаш евоцираше спомени за Петре Пирузе и Лазар Соколов“.

Полежина до крајот на својот живот беше благодарен на своите соборци од Кичево, Борис Грујоски, Борис Алексоски – Карче, Пецо Чингоски, Драгољуб Прјоски, Илија Топалоски Аврам, кои сторија многу тој да ја добие Партизанска споменица 1941 што ја заслужил.

Во јуни 1980 поради нарушеното здравје починува Владо Полежина еден од авторите на Декларацијата на АСНОМ. Во Кичево неговото име го носи основното училиште “д-р Владимир Полежиноски”, како и улицата каде што е роден и живеел Владо. Починал на 16.06.1980 година.

Кичево.мк

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top