Македонски легенди

Аргир Маринчев

ArgirMarinchev

ArgirMarinchevАргир Маринчев (1870 – 31. VIII. 1903) е македонски револуционер, член и војвода на Македонскота Револуционерна Организација. Учествува во Илинденското востание 1903 година и се истакнал во крвавите борби кај Рашанец и Грмешница. За жителите во Охридско тој е пример за храброст и верност кон македонските идеали од Илинденското востание.

Аргир Маринчев или Маринов е роден во 1870 година во Охрид. Основно образование и прогимназија завршил во родното место, а учител му бил и Григор Прличев. Потоа учителствувал во Струга, Охрид и други места. Додека учителствувал во родниот град Аргир станал член на Македонската Револуционерна Организација. Во текот на 1902 година, по влошувањето на односите со егзархискиот владика, тој се повлекол во илегала, а во пролетта 1903 година бил назначен за самостоен војвода.

Од 2 до 7 мај 1903 година, Аргир Маринчев учествувал на Смилевскиот конгрес како делегат од Охридскиот реон, заедно со Лука Групчев, Христо Узунов, Тасе Христов и Дејан Димитров. На Конгресот на кој е донесена одлуката за кревање на востание,  било формирано Подвижно горско начелство за Охридскиот регон кој го предводи Христо Узунов. По враќањето во Охридскиот крај, Горското начелство извршило нова терторијална поделба на околијата на шест реони, а по добивањето на Одлуката за кревање на востанието, истото го донело планот за борбените дејствија.

Охридското реонско раководство, за разлика од Крушевското, Кичевското и Ресенското, не планирало ниту фактички, ниту демонстративни нападни дејства против градовите. Раководството предводено од војводата Христо Узунов предвидувало востанието да опфати осумдесетина села и да се води партизански начин на војување. За начинот на водењето на востанието Х. Узунов му дал упатства на војводата Аргир, кој бил назначен за раководител во Езерскиот реон.

Маринчев бил војвода на територијата меѓу Охрид и Дебарца, со база Копарница, Исток Планина и Илинска Планина. Во првите денови на востанието, во Езерскиот реон според планот се предвидувало извршување на одбранбени и диверзантски дејства. Дел од реонските сили (осум селски чети) на чело со војводата Аргир Маринчев ги разурнале телеграфската линија и патот Охрид – Ресен, а потоа го блокирала патот и успеала да заплени два големи контингенти со прехранбени артикли (65 товари брашно) кои биле наменети за охридскиот гарнизон. Два дена потоа, кај селото Опеница запленил уште 10 товари со сапун и други стоки кои ги однел во востаничката болница во селото Брежани.

Востаниците на Охридскиот револуционерен реон кај месноста Рашанец, планинска долина помеѓу селата Куратица, Речица и Свињишта, за да го спасат населението од терор и колеж формирале бегалски логор. По започнувањето на воените дејствија и по опожарувањето на селата во Охридско, во бегалскиот логор се засолниле околу 2.000 мажи, жени и деца, од 18 села. Логорот бил обезбедуван од околу 120 востаници од четите на војводите Аргир Маринчев, Никола Митрев, Цветко Стојанов и други. Востаничките чети биле слабо вооружени и не биле доволни да се спротивстават на турската армија и башибозукот.

На 30 и на 31 август 1903 година логорот бил опколен од 3.000 – на турска армија и башибозук, која од страната на Куратица разместиле пет планински топови. Востаниците веднаш отвориле оган, а борбата траела повеќе од единаесет часа, дури до вечерта. Турците ја запалија планината и уште во текот на денот, аскерот се приближил до првите линии кои ги држеле востаниците. Првите редови востаниците ги задржале четири часа, а потоа се префрлуваа од едно место на друго, барајќи засолниште во пештерите и зад карпите.

Додека четата на Маринчев го задржувала аскерот, стотина востаници и дел од населението се извлекле од обрачот. Се` додека имале муниција, востаниците на Маринчев давале отпор. Пред да бидат фатени од турскиот аскер, Маринчев и неговите востаници се самоубиваат.

По кратко време битката се претворила во вистински колеж. Околу 190 жени, мажи и деца биле убиени, речиси секоја жена и девојка била обесчестена, храната и другиот имот во складовите биле уништени. Во тој крвав бој Турците имале околу 200 загинати, а востаниците имале 41 загинат. Покрај војводата Аргир Маринчев, меѓу загинатите биле Андон Узунов, брат на Христо Узунов, Наум Златарев и др. Најмногу настрадало населението во логорот.

Опишувајќи ги во детали драматичните крвави настани и безизлената ситуација во која се нашле востаниците, еден од сведоците на масакрот кај Рашанец, војводата Дејан Димитров од Дебрца, Охридско, во своите спомени вели:

„Имаше и деца убиени: видов едно дете на 6 месеци од Опеница, отепано. Имаше деца намерно фрлени од карпите, распарчени. Во една пештера имаше заклани жени, цело семејство, 9 души, беа заклани и потпалени со газија. Аскерот помина низ семејствата и однесе се` што можеше да однесе, обесчести се` што можеше да обесчести… Додека се водела борбата семејствата биле в средина, во долината. Турските куршуми паѓале и врз нив. Тие дури и намерно пукаа во невините жени и деца. Иако турски бимбаши им наредил на војниците да не пукаат во жените и во децата, тие не го слушале, а тој и со ремен удирал да престанат да пукаат во долината. Кога видел дека не го слушаат, дигнал раце и натажено извикал: ’Алах, алах’!”.

Аргир Маринчев можел да се извлече од обрачот, заедно со другите востаници. Останатите востаници го убедувале да се повлече, но тој останал до крај заедно со голоракиот народ. На  барањето да се повлече со четата тој им одговорил: „Мене местото ми е овде, со народот“ и продолжил да се бори до последниот куршум, кој го зачувал за себе.

Аргир Маринчев е погребан на местото каде што загинал. Неговиот гроб е симбол на величенствената борба на македонските востаници од Охридско и Струшко за време на Илинденската епопеја.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top