Македонски легенди

Петар Шанданов

petar-sandanov

petar-sandanovПетар Шанданов (4. VII. 1895 – 15. X. 1971) бил учесник во македонското револуцинерно движење и раководител на ВМРО. Учествувал во Охридското востание (1913) и бил резервен член на ЦК на ВМРО (1925 – 1928). По убиството на Александар Протогеров (1928) и по расцепот на Организацијата, станал водач на протогеровистичката ВМРО. Пред Втората Светска Војна се приклучил во Антифашистичкиот фронт на Бугарија, а по војната бил еден од раководителите на Сојузот на македонските емигрантски друштва во Софија. Во 1944 година бил делегат на Второто заседание на АСНОМ и бил избран за член на Президиумот на Народното собрание на Македонија. Поради учеството во Македонското ослободително движење бил осудуван и затворан од бугарските власти во 1936 и 1953 година.

Петар Шанданов е роден на 4 јули 1895 година во Охрид, во сиромашно рибарско семејство.  Основно образование завршува во Охрид, а потоа учи во Битолската гимназија, каде во 1912 година се вклучува во ВМРО. Кон крајот на пролетта станува секретар во четата на војводата Георги Чуранов, во чиј дом во 1903 година бил одржан Смилевскиот конгрес.

Во есента 1912 година, Шанданов со четата на Чуранов учествува во Првата балканска војна. За врема на Охридското востание во 1913 година, тој се борел во четата на војводата Петар Чаулев, по што бил заробен и осуден од Србите. По ослободувањето бега преку Албанија во Бугарија, каде од 1914 до 1916 учи во Военото училиште во Софија. По завршувањето на школувањето учествува во Првата Светска Војна како офицерски кандидат во Петтиот полк на Единаесетата дивизија.

Пред крајот на војната, Шанданов служел во Неврокоп, потоа во Бургас и гарнизонот во Русе, каде комунистичката идеја му станува блиска. Во 1921 година ја напуштил воената служба и се запишал да студира право на Универзитетот во Софија. Таму воспоставил контакти со сите крила на македонското ослободително дело, но сепак се приклонува кон ВМРО.

Шанданов кон крајот на истата година станува администратор на весникот „Македонија“, орган на Исполнителниот комитет на македонските братства кој ја поддржува ВМРО и полемизира со органот на Македонската федеративна организација „Автономна Македонија“.

Во пролетта 1922 година, Шанданов како војвода на чета влегува заедно со велешанецот Илија Кушев во Македонија. Во текот на јуни, војводите Шанданов, Кушев и Лазар Велков –Дивјански, од скопското село Дивље, по извршеното предавство, водат тешка борба кај Патетино, во која Шанданов бил тешко ранет. Тој бил пренесен на лечење во Бугарија, каде прави обид за помирување на двете крила на македонската емиграција.

Истата година преку Виена и Италија, доаѓа во Албанија, од каде работи на организацијата  на Битолскиот револуционерен округ. Во мај 1923 година, Шанданов имал неуспешен обид за влез во Битолско, по што преминува во Ресенската околија, каде се одржувале локални избори. Подоцна Шанданов се сретнал со Александар Протогеров, Ѓорѓи Поп Христов и други, а во септември на Битолскиот окружен конгрес кој се одржал во демитализираната зона на тромеѓето меѓу Албанија, СХС и Грција, бил избран за секретар на окружното тело. Потоа со Протогеров одат во Корча, каде со албанските претставници договараат зеднички дејства.

Во почетокот на 1924 година, Петар Шанданов се вратил во Бугарија, каде го изразува своето незадоволство од учеството на ВМРО во Деветојунскиот преврат и загушувањето на Септемвриското востание во текот на 1923 година. Во текот на 1924 година тој повторно договара соработка меѓу ВМРО и Албанија, а во Виена ги убедува Петар Чаулев, Димитар Влахов и Соломон Голдштајн да го пролонгираат објавувањето на мајскиот манифест.

По убиството на Тодор Александров во 1924 година, Шанданов во септември учествува во пресметката со левицата. Тој ја организира ликвидацијата на Алеко Василев Пашата за кој се смета дека е нарачател на убиството на Александров. Во 1925 година Шанданов бил избран за резервен член на ЦК на ВМРО и на таа позиција останува се` до 1928 година, кога по убиството на Протогеров и по расцепот на Организацијата, станал водач на протогеровистичката ВМРО.

Во меѓувреме, особено по убиството на Пенчо Михајлов во 1925 година, Шанданов влегува во отворен судир со Иван Михајлов, кој има намера да го превземе раководењето со партијата. Но, по влегувањето во ЦК на ВМРО во 1928 година, Шанданов заедно со другите членови на ЦК излегуваат со декларација со која се осудува самоволието на Иван Михајлов. На советувањето на 20 јули 1928 година било одлучено да се превземе базата на Иван Михајлов, но четите кои ги испратиле Шанданов и Мишо Шкатров биле разбиени.

Во ноември 1928 година, неколку здруженија на македонската емиграција, под влијание, бараат од Шанданов и другите да се повлечат од ВМРО, но наместо тоа, Шанданов се свртува кон ВМРО (Обединета). Прво оди во Цариград, а наредната 1929 година при посетата на Западна Европа, Шанданов имал средби со Никола Разлогов, Јордан Анастасов и Димитар Влахов. Обидот на Шанданов истата година да влезе со неколку чети во Македонија и да одржи конгрес во Смилево бил провален, а тој се враќа во Бугарија и во наредните две години се` повеќе ја приближува партијата ВМРО (протогеровисти) кон ВМРО (Об).

Во 1931 година се сретнува со секретарот на Балканската комунистичка федерација Ѓорги Димитров. Истата година Шанданов доживува атентат и се повлекува во илегала. Кон крајот на наредната година тој ја пропагира идејата за решавање на македонското прашање во рамките на југословенската федерација што било критикувано и од самата ВМРО (Об).

По распуштањето на ЦК на ВМРО (протогеровисти) и по падот на Владата на Кимон Георгиев во 1934 година, Шанданов бил следен од бугарските власти и повеќе пати интерниран (Карлово 1934, Разград 1935/36, Пловдив 1936/38 и во Гонда вода 1941 година).

Во август 1940 година, Петар Шанданов и Павел Шатев испраќаат меморандум до СССР, за покровителство во решавањето на македонското прашање. Во почетокот на 1941 година разговара со американскиот пратеник Доналд Даунс за положбата во Македонија, а по интернацијата во Гонда вода се запознава со видни дејци на опизицијата и се вклучува во Антифашистичкиот фронт на Бугарија.

По Деветосептемврискиот пресврт во Бугарија во 1944 година, Петар Шанданов  потпишува во Софија „Апел кон Македонците во Бугарија“ и влегува во Временото македонско претставништво во Македонскиот научен институт. Во Македонија влегува кон крајот на 1944 година со бригадата „Гоце Делчев“, а потоа во Прилеп потпишува декларација кон македонскиот народ. По ослободување на Скопје, се префла таму. Шанданов бил делегат на Второто заседание на АСНОМ и избран за член на Президиумот на Народното собрание на Македонија. По конфликтот со Колишевски се враќа во Бугарија.

На конгресот на Временото претставништво на нациналниот комитет на Сојузот на македонските емигранстки организации, одржан на 4 и 5 февруари 1945 година бил вклучен во раководството. Тој го критикува ОФ, по што паѓа во немилост и во почетокот на педесетите години бил затворен во логорот Белене каде престојува неколку години.

Петар Шанданов умира на 15 октомври 1971 година во Софија.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top