Македонски легенди

Александар (Алексо) Василев – Паша

alekso-pasha

alekso-pashaАлександар Василев (Баракли-Џумаја, Серско, 1890 – Горна Џумаја, 12. IX. 1924) е македонски револуционер од влашко потекло, учесник во Македонското Револуционерно Движење. Познат е уште како Алеко Василев, Алеко Паша, Орфо или Орфански. Учителствувал во Серско, а четувал во Серскиот револуционерен округ под раководство на Јане Сандански. Во 1919 година бил назначен за петрички околиски војвода, главен организатор и раководител на ВМРО во Пиринска Македонија. Пашата бил близок соработник на Тодор Александров, но по 1923 се дистанцирал од Александров. Во 1924 година ги прифатил принципите на Мајскиот манифест, но бил убиен во горноџумајските убиства извршени од ВМРО на Иван Михајлов.

Алксандар Василев е роден во 1891 година во градчето Долна Џумаја, Серско, Егејскиот дел на Македонија. Се образувал во егзархиското педагошко училиште во Сер, а по 1906 година, кога го напушта училиштето, па се` до Балканските војни учителствувал во селото Ќуприја, Серско. Алеко станува приврзаник на левото крило на Организацијата кое го предводи Јане Сандански.

Во текот на Првата балканска војна, Василев бил во четата на Јане Сандански, која ги поддржува активностите на Седмата рилска дивизија, а по Втората балканска војна се населува во Петрич. Наредната 1914 година, Алексо бил поставен за началник на местната полиција. По влегувањето на Бугарија во Првата Светска Војна во 1915 година, тој бил назначен за командант на партизански вод на Единаесеттата македонска дивизија, а во 1917/18 година бил префрлен во Дирекцијата за стопански грижи и општествена предвидливост при генерал А. Протогеров.

По Првата Светска Војна, Александар Василев создава воена организација во Пиринска Македонија, која станува дел од обновената ВМРО. Во 1919 година Алксандар Василев бил назначен за петрички околиски војвода, а потоа и за полномошник на Централниот комитет на ВМРО, за Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен комитет. Како главен организатор и раководител на обновената ВМРО, тој во Пиринска Македонија ја шири револуционерната мрежа, назначува судии, полиција и собира даноци. Во август 1922 година со тајно циркуларно писмо ВМРО ја прогласува Пиринска Македонија за “држава во држава“.

Атанас Џолев, четник во ВМРО Автономистичка, во „Спомените“ за Алеко Пашата вели: „Целото раководство на Организацијата беше во негови раце. Тој ги назначуваше или ги сменуваше војводите на сите околии во Македонија… Ја контролираше касата на Организацијата, се грижеше за набавка на оружје и облека за сите чети, наредуваше да им се дава месечна парична издршка на семејствата на убиените четници или на оние што се нелегални заради Организацијата. Строго ги гонеше и ги казнуваше со смрт диверзантите, крадците, разбојницнте и шпионите… Сите организациони работи самиот ги решаваше во име на ЦК и подоцна ги запознаваше неговите членови со извршеното, коишто наполно го одобруваа. Никогаш од никого немаше ништо да се слушне дека имало несогласувања меѓу него и Централниот комитет, недоразбирања и судири. Со еден збор, тој беше се` и сешто во Организацијата во Пиринска Македонија и затоа некои го крстија Алеко Паша“.

Ваквата положба на Организацијата во Пиринскиот дел на Македонија по Првата Светска Војна ја овозможи коалиционата влада во Бугарија во која истакната улога имаше Земјоделската партија (БЗНС) и нејзиниот лидер Александар Стамболиски, кој уште како официјален делегат на Бугарија на мировните преговори во Париз 1919 година се залагал за образување на посебна македонска држава. Тоа ќе го овозможи делувањето на обновената ВМРО, но и за создавање на Федеративната и Илинденската македонска организација. Меѓутоа, неговите настојувања за југословенско-бугарско зближување на штета на македонската кауза ќе ги разгори внтарешнопартиските несогласувања, како и пресметките меѓу македонските организации.

Во октомври 1922 година, Александар Василев и Георги Атанасов ја спроведуваат т.н. Неврокопска акција на ВМРО. Тие со 1.000 луѓе го завземаат Неврокоп и ги протеруваат четите на Федералистите предводени од Тодор Паница. Подоцна, објаснувајќи го овој чин Пашата вели: „ …Оттаму е вратата за заминувањето за Драмско. Ни пречеа и отидов за да го расчистам патот“. Неврокопските настани предизвикуваат политички притисок од страна на Грција, која обвинува дека нападот е скроен со цел Бугарија да го покрене прашањето за автономија на Македонија.

Воениот преврат и падот на владата на Стамболиски во јуни 1923 година ги зголемува разликите и пресметката меѓу десницата и левицата на Македонското Револуционерно Движење во Пиринска Македонија. Погрешниот курс на Бугарската комунистичка партија (БКП) во овие настани бил осуден од страна на Коминтерната, која препорачува да се превземат мерки за востание против новиот режим на Александар Цанков, но и да стапат во преговори со раководителите на ВМРО за да се осигура нивна неутралност. Во постигнатата спогодба било договорено: ВМРО да остане настрана за време на востанието предводено од Бугарската работничка партија и организацијата на БКП во Петричкиот округ да не учествува во востанието, бидејќи во таа област и` се признаваше надлежност на ВМРО.

Меѓутоа, еден дел од комунистите, како и дел од левото крило на Организацијата, не ја почитувале спогодбата и го поддржале востанието во Пиринска Македонија. Откако водачите на Септемвриското востание увиделе дека тоа не било кренато или било задушено во поголем дел од Бугарија, доаѓа до преговори со ВМРО при што била донесена одлука тие да го предадат оружјето и да им бидат поштедени животите. Иако за животот на поголемиот дел од востаниците гарантирал Алеко Василев Пашата, некои од нив биле убиени. Тоа ќе доведе до негово дистанцирање од Тодор Александров.

Александар Василев Пашата во 1924 година ги прифатил принципите на Мајскиот манифест, кој бил потпишан од Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Но, набргу, под притисок на бугарските владеачки кругови Александров и Протогеров се откажуваат од манифестот. Веднаш потоа, на 31 август 1924 година, кај селото Липово на Пирин Планина, бил убиен Тодор Александров, а Алеко Василев Пашата бил осомничен дека е нарачател на убиството. Според сведочењето на Динчо Мицев Сугарски, извршители на убиството на Александров биле пријателите на Алеко, Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, додека неговиот телохранител Панзо Зафиров бил убиен од страна на Динчо Балкански.

Најчесто како мотив за убиството на Александров, а кој ги поврзува Алеко Василев Пашата и Георги Атанасов како главни нарачатели, се истакнува нивното меѓусебно несогласување, потоа обидот на двајцата да создадат силна опозиција против главниот раководител на Организацијата, како и да ги соочуваат високите позиции во ВМРО и касата, кои лесно можеле да ги изгубат на претстојниот Серски окружен конгрес.

Сепак, иако сите показатели насочуваат кон Пашата, сигурни докази за заговор од страната на Пашата и Атанасов нема. Тие што го познаваат Пашата го опишуваат како крупен, силен, интилигентен добро образуван, одличен оратор и организатор, строго морален, дисциплиниран идеалист, следбеник на Јане Сандански. Оттука постојат сомнежи дека сведочењето било изнудено под присила, а како можни други нарачатели се посочуваат повеќе страни, меѓу кои и групите околу Алеко Василев и Георги Атанасов, Александар Протогеров, Иван Михајлов, потоа владата на Цанков, бугарските комунисти и Комунистичката Интернационала.

Иван Михајлов, новиот член на ЦК на ВМРО, за убиството на Тодор Александров ја обвинил левицата во Организацијата и решил да се пресмета со водачите Алеко Василев и Георги Атанасов, како и со Илинденската организација. За таа цел, тој иницирал средба со Пашата, Атанасов и со раководителите на Илинденската организација во Горна Џумаја, под изговор за зачувување на единството во Организацијата и за да се спаси ВМРО од распаѓање.

На 12 и 13 септември 1924 година, во Горна Џумаја биле извршени повеќе ликвидации како резултат на длабоките поделби во Организацијата. На 11 септември дошло до првата средба меѓу Петар Шанданов, Алеко Пашата, Атанасов и Протогеров, која поминала во затегната атмосфера. По доаѓањето на истата вечер на раководителите на Илинденската организација, можело да се спроведе намерата на Михајлов, која ќе биде вовед во серија убиства во Горна Џумаја. На средбата која се одржала на 12 септември 1924 година, Петар Шанданов и Кирил Дрангов го ликвидираат Александар Василев Пашата.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top