Македонски легенди

Гео Пирински

geo-pirinski

geo-pirinskiГеорги Николов Зајков (псевдоним: Гео или Георги Пирински) (15. VIII. 1901 – 7. XII. 1992) е еден од најактивните културнонационални дејци меѓу македонската прогресивна емиграција во САД. Поради македонските активности повеќепати е затворан, а со Макартиевиот Закон за внатрешна сигурност во 1950 година е осуден на 10 години затвор или екстрадиција во земјата од каде што дошол. Тој е татко на бугарскиот политичар Георги Пирински.

Георги Николов Зајков е роден на 15 август 1901 гпдина во Банско, Пиринска Македонија. Се образува во родното место и во Ќустендил каде завршува гимназија. Учествува во марксистичките кружоци, а по софискиот преврат од 9 јуни 1923 година, емигрира во САД. Георги пристигнува во САД на 2 август 1923 година и заминува кај неговиот брат во гратчето Хибинг. Поднесува барање за државјанство кое не е усвоено, но, добива „зелена карта“ и првично работи како рудар во рудниците во Северна Каролина. По една година заминува на работа во фабрика за вагони во Медисон каде станува член на КП на САД (1924–1951), а потоа работи во компанијата „Џенерал моторс“ во градот Понтијак (Мичиген).

Георги Николов Зајков, познат како Гео Пирински, во градот се сретнува со војводата на Македонската револуционерна организација Смиле Војданов, учесник во Илинденското востание 1903 година, кој емигрирал во САД по задушувањето на Охридското востание во 1913 година. Тие заедно ќе се борат светот да ја дознае правата вистина за македонскиот народ.

Во септември 1929 година заедно со 14 илинденци, тие ја формираат првата Македонска прогресивна група во Понтијак, која потоа прераснува во Македонски народен сојуз во САД и Канада (МНС). Во 1931 година војводата Смиле Војданов бил избран за претседател на ЦК на Македонскиот народен сојуз, а за секретар бил избран Гео Пирински.

На чело на МНС, кој подоцна се преименува во Македонско-американски народен сојуз во САД и Канада (МАНС), во триесетите и четириесетите години на XX век, Пирински и Војданов настојуваат да ја обединат македонската емиграција во Америка. Тие имаат јасно дефинирана национална концепција, чија цел е обединување на Македонија и создавање на независна држава на македонскиот народ и другите етнички заедници кои живеат во Македонија.

Во меѓувоениот период, Гео Пирински ги редактира најзначајните органи на МНС/МАНС, а е редактор и на годишните зборници. Во весниците: „Македонски булетин“ (1930–1931), „Балканско здружение“ (1931–1934), „Трудова Македонија“ (1934–1938), „Народна воља“ (1938–1978) се вклучени соработници од сите делови на Македонија. Тесна соработка била воспоставена со Ангел Динев и неговите „Македонски вести“.

Во овој период, Гео пишува и потпишува значајни документи за македонското движење и е организатор на годишните конгреси на МНС/МАНС. Во весниците во кои се објавуваат овие документи, Гео меѓу другото пишува за постоењето на македонска народ и македонскиот јазик, потоа дека Кирил и Методиј се Македонци, а државата на Самуил не била втора бугарска држава, како што сакаат да ја претстават бугарските историографи, туку дека меѓу бугарското царство и српското кралство таа била посебна држава на македонските славјани.

Македонскиот народен сојуз предводени од војводата Смиле Војданов и Гео Пирински реагираат пред Меѓународниот комитет за политички затвореници со седиште во Њујорк. Во јули 1936 година, трочлена делегација предводена од Војданов одат во меѓународната мисија во Бугарија со цел да им помогнат при судењето на 14 „македонски национал -револуционери“.

По избувнувањето на Втората Светска Војна, со цел да им се помогне на славјанските народи на Балканот настрадани од фашизмот, на 19 октомври 1941 година се формира Славјански комитет во САД, кој половина година потоа егзистира како Американски славјански комитет со седиште во Њујорк. Во 1942 година Гео Пирински бил избран за секретар на Славјанскиот комитет во САД и на таа позиција останува се` до неговото протерување од земјата во 1951 година.

Одушевен од формирањето на Демократска Федерална Македонија, Гео Пирински во Њујорк ја издава брошурата „За слободна Македонија“ (For a free Macedonia). Тој прави преглед на долготрајната борба на македонскиот народ за сопствена национална држава и радосно ја поздравува Декларацијата од Првото заседание на АСНОМ за гарантирање на правото за „полна слобода и еднаквост на цела Македонија, без разлика на верата, националноста и политичката припадност; правото на слобода на мислење, вероисповед и слободно образование и прогласувањето на македонскиот јазик за официјален“.

Поради македонските активности Гео бил под опсервација на властите и повеќепати затворан. Полковникот Вилијам Мајер, заменик началник на оддел Г- 2 (Воено разузнавање) за Гео Пирински вели дека тој: „имал во голема доза храброст, карактеристична за македонските комити, елементарен, чесност, еден дух на “спасител”, кој го навлекува на подвизи и дури до подготвеност за распнување“.

Со Макартиевиот Закон за внатрешна сигурност во 1950 година, Гео како комунист е осуден на 10 години затвор или екстрадиција во земјата од каде што дошол. Инаку по потекло од Пиринска Македонија, која по распарчувањето на земјата и припаѓа на Бугарија, уште при доаѓање во САД во 1923 година Гео Пирински се изјаснил како Македонец. Пред Комисијата за истражување на антиамериканска дејност, на прашањето на американскиот сенатор чиј граѓанин е Пирински, тој ќе одговари: „Јас сум роден во Македонија, кога таа беше под власта на Турција. Станав бугарски граѓанин поради поделбата на Македонија. Јас не го обновив моето бугарско државјанство, така да фактички сум граѓанин на светот“.

Гео Пирински сакал десетгодишната казна да ја оддлежи во затворот „Елис Ајленд“, меѓутоа на 2 август 1951 година, тој сепак бил репатриран во Бугарија. Иако го критикува недостатокот на демократија во САД, наредната година на прием во Москва по повод Октомвриската револуција, во разговор со дописниците на “New York Daily Worker” Харисон Солсбери и Џозеф Кларк, тој ќе изјави дека повеќе би сакал да живее во САД, отколку во Бугарија.

Сепак, по пристигнувањето во Бугарија, Гео Пирински веднаш бил ставен во служба на бугарската големодржавна политика. Во 1951 година станал член на БКП. Истата година бил поставен за заменик-претседател на Националниот комитет за заштита на мирот, а од 1969 до 1972 година бил и негов претседател. Гео бил член на Светскиот совет за мир во 1953 година, потоа член на Националниот совет на Отечествениот фронт на Бугарија (1951), член на Бирото на Словенскиот комитет на Бугарија (1952), член на Централната контролно-ревизиона комисија на БКП (1966), член на Настојателството на Комитетот за Бугарите во странство (1982), како и пратеник на V, VI и VII народно собрание на Бугарија. Во 1981 година бил прогласен за Херој на социјалистичкиот труд.

Георги Николов Зајков или Гео Пирински умира на 7 декември 1992 година во Софија. Неговиот син Георги Пирински е познат бугарски политичар кој бил кандидат и за претседател на Бугарија, но бил елиминиран од претседателската трка, бидејќи е роден во САД, а не во Бугарија како што дозволува бугарскиот устав.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top