Македонски легенди

Анастас Јанков

atanasjankov

atanasjankovАнастас Јанков (1. VIII. 1857 – 15. IV. 1906) наречен Македонски Гарибалди или Јанко Паша е македонски револуционер и врховистички деец во македонското народноослободително движење. Иако бил офицер на бугарската армија и член на Врховниот македонско-одрински комитет (ВМОК), каде се смета дека Македонија и Одринско не можат да бидат ослободени со општо востание, туку со помош на бугарската војска и дека ова прашање е во рамките на бугарското национално прашање, тој покажува јасно изразен македонски идентитет.

Анастас Динков Јанков е роден на 1 август 1857 година во познатото македонско костурско село Загоричане, Егејскиот дел на Македонија. Основното образование го стекнува во своето родно место, а подоцна учи во егзархиското училиште во Цариград. По завршувањето на школувањето во 1875 година, време кога се наѕираат револуционерните настани во Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Македонија, Јанков бил затворен, но бега во Одеса, а потоа во Србија.

Во 1876 година како доброволец во српската армија Јанков учествува во Српско – Турската војна. По битката кај Гредетин е награден со српски орден и добива офицерски чин. За време на Руско-Турската војна (1877 – 1878), повторно како доброволец учествува и во борбите за ослободување на Бугарија. Во борбите кај Шипка и Шејново бил тешко ранет, а за покажаната исклучителна храброст бил одликуван со висок орден на Руската империја „Георгиевски крст“.

По војната останува во новосоздаденото кнежество Бугарија и од ноември 1878 година учи во Военото училиште во Софија. По завршувањето на военото образование во 1880 година, како подпоручник служи во IX Берковска дружина. Во 1885 година како поручник на Харманлијската дружина учествува во Српско – Бугарската војна, во која се истакнува во борбите за освојување на Димитровград и Пирот. Од 1886 до 1901 година напредува во службата и добива чин полковник на бугарската армија. Истиот ден кога добил унапредување, Јанков бил отпуштен од армијата и до крајот на својот животот тој го поминува во редовите на Врховниот македонско – одрински комитет (ВМОК).

Во 1902 година, како искусен револуционер и учесник во две војни, Анастас Јанков извршил обиколка во Македонија за да ја провери готовноста на населението за подигање на востание. Во родниот крај оди со голема чета, но поради различните ставови на ВМОК и ТМРО, тој имал неуспешен обид да крене востание во Костурско и Леринско. Гркоманот Павле Киров од костурското село Желево кој за Организацијата пренесувал оружје од Грција, а потоа по Илинденското востание со Коте Христов станаа андартски капетани, во изјава за британски новинар зборувајќи за различните ставови на челните луѓе на Организацијата вели дека освен Сандански, единствено Јанков на народот им говорел за „Македонија на Македонците“.

Македонски Гарибалди или Јанко Паша својот став го потврдува пред почетокот на Горноџумајското востание во есента 1902 година со издавање на проглас до населението кое е објавено од тогашните весници, а во кое се вели: „Македонци! Сетете се за светскиот победител, за свет­с­ката слава на Македонија – великиот Александар Маке­донски! Се­тете се за храбриот цар Саму­ил, македонскиот великан, за прек­расниот Марко Крале, општо­славјанска слава – дека во нив течела македонска крв. Тие сега од небесните височини бдеат над нас и го благословуваат нашето започнато дело. Да се по­кажеме како нивни достојни потомци; да им ги зачуваме славните имиња; и ние да го зачудиме светот со нашата храброст, умешност и самопожртвуваност; да го отресеме од себе срамниот јарем што не гуши пет века“!

По решението на Солунскиот конгрес во јануар 1903 година за кревање на востание, дејците на Врховниот комитет постигнаа договор со Внатрешната организација за учество во востанието. Со дозвола на Задграничното претставништво на територијата на Серскиот револуционерен округ навлегуваат четите на ВМОК. За време на востанието Јанков е член на Востаничкиот штаб во Разлошко. Со чета од 400 души под негова команда војува со турската војска кај с. Пирин и с. Белица. По востанието Јанков накратко преминува во Бугарија и потоа повторно се враќа во Македонија и дејствува во Серскиот округ. Тука влегува во конфликт со четите на Организацијата, кои сакаат да ги прогонат врховистичките чети од реонот.

При средбата со врховистите Јане Сандански изјавил дека: „Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците… Вие ја сакате слободата на Македонија… како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас – внатрешните и Вас – врховистите“.

По враќањето во Бугарија во зимата 1903 година Анастас Јанков веднаш бил уапсен и интерниран во Варна. Во овој период, тој дава интервју (“Штампа”, 01.12.1903) и во врска со неговиот врховизам и неговото национално чувство вели: „Јас не сум Бугарин, туку Македонец и на Македонија и` поса­кувам слобода и самоуправа. Тоа е целта на сите вистински Македонци… Ние Маке­донците не сме кадарни сами да го направиме тоа, но кадарни сме да кренеме востание во Македонија за да ги увериме Големите сили  што го потпишаа Берлинскиот договор дека тие треба да го исполнат она што им го ветија  на христијаните во ев­роп­ска Турција… Особено мораме да побр­заме за да го направиме тоа пред да се спогодат Србија и Бугарија за Маке­донија. Таа спо­годба, според мене, би била кобна за Македонците, бидејќи Буга­рија и Србија, откако ќе се спогодат за нашата татковина, ќе ја по­делат Македонија и тие делови ќе си ги присоединат кон своите држави“.

Анастас Јанков повторно навлегува со четите во Македонија. Но на враќање за Бугарија, на 15 април 1906 година, загинал со целата чета во борба со турските војници во маалата Пољана во селото Влахи, родното место на Јане Сандански.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top