Македонски легенди

Стефан Попиванов Македонович

S_popivanov

S_popivanovСтефан Попиванов Македонович (17. VII 1875 – 1932) е македонски револуционер и учител, комунистички деец, татко на македонските комунистички дејци Малина и Цеко Попиванови. Во 1922 година бил поставен за секретар на ПК на КПЈ за Македонија и бил првиот Македонец кој станал член на Политбирото на ЦК на КПЈ. Подоцна бил повикан во СССР, каде настрадал во Сталиновите чистки. Посмртно е рехабилитиран  на 28. Х 1963 година.

Стефан Попиванов е роден на 17 јули 1875 година во Кочани. Со основно образование се стекнува во родниот град, а потоа се школува во четирикласното машко училиште во Скопје. Образованието го продолжува во Солунската гимназија, каде завршува педагошки курс во учебната 1893/94 година.

Свесен за потребата од отварање на читалишта и библиотеки, како места преку кои ќе се шират револуционерните идеи, Попоиванов во статијата објавена во весникот „Новини“ бр. 61 од 31 април 1896 година  ќе нагласи: „причината за отварање на околиска библиотека е во тоа што сиромаштијата не ни дозволува секој од нас да си има своја библиотека. Таа причина не тера да бараме спас здружени…“

Во 1897 година, по каналот „Гилане“ (псевдоним на ВМРО за Кочани) во товарите со оружје за Македонија била испраќана и револуционерна литература. Ова влијаело за отварање на библиотеки и читалишта во Кочани и кочанско.

Од 1897 до 1899 година Стефан Попиванов работи како гимназијален учител во Солун, каде всушност ја започнува вистинската револуционерна дејност. Непосредно по Солунските атентати, во април 1903 годнина, Попиванов бил уапсен од турските власти.

По ослобувањето, од 1903 до 1905 година Попиванов работи како учител во Педагошката школа во Скопје. Во 1905 година учествува во создавањето на Револуционерен кружок, поради што бил протеран од училиштето. Прогонуван од турските власти тој се засолнува во Бугарија.

Во 1908 година, Попиванов станува член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (БРСДП – тесни социјалисти) и дејствува во софискиот регион. Поради учество во атентатот над бугарскиот министер за просвета Михаил Такев во Софија, Попиванов и неговото семејство (ќерката Малина и синовите Цеко и Иван) биле уапсени во 1918 година. Во јуни 1920 година, Попиванов со семејството  пребегнува во новоформираното Кралство СХС.

Во Белград се приклучува во дејноста на Југословенската комунистичка партија. По неуспешниот обид за атентат на групата на Спасое Стеиќ врз кралот Александар I Караѓорѓевиќ во јуни 1921 година, Попиванов заминува во Македонија каде во 1922 година бил избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. На оваа должност останува се до 1924 година и за тоа време учествува во формирањето на Месниот комитет во Скопје, Куманово, Штип, Прилеп, Битола, Кавадарци и Гевгелија. Истовремено неговата ќерка Малина била член на МК на КПЈ во Скопје, а синот Цеко секретар на СКОЈ (1926).

Стефан Попиванов бил првиот Македонец кој станал член на Политбирото на ЦК на КПЈ. Од 9 до 12 мај 1923 година учествува на Втората конференција на КПЈ, на која критички се осврнува на работата на членовите на поранешното раководство во Македонија. На ова Конференција било прифатено и барањето за автономна и независна Македонија, а Коминтерната подоцна го поддржува барањето, а решавањето на македонското прашање го гледа во рамките на создавањето на Балканската федерација.

По повторното апсење на 26 октомври 1923 година, Попиванов лежи во затвор до јануар 1924 година. Во април 1924 година, Попиванов бил избран за областен секретар на Македонија на Независна работничка партија на Југославија, формирана во јануар 1923 година, која претставувала легелен облик на работа на тогаш забранетата КПЈ.

Во јуни истата година под псевдонимот Шуменковиќ учествува на Петтиот конгрес на Комунистичката интернационала, Коминтерната (КИ).

Во меѓувреме, властите во јули носат одлука да се забранат партиските гласила „Работник“ и „Борба“, а потоа и одлука за забрана на партијата. На 18 декември 1924 година Попиванов бил уапсен и одлежал една година затвор. По судскиот процес, ослободен бил на 26 декември 1925 година, а веќе наредната 1926 година, во месец ноември заминува заедно со Димче Зографски во Виена на средба со ЦК на ВМРО (Обединета) со цел формирање на комитетите на Организацијата и развивање на активностите во Македонија.

Во 1929 година Стефан Попиванов бил повикан да ја напушти Кралска Југославија и да замине за СССР. Во Советскиот сојуз пристигнал за време на Сталиновите чистки и под сомнение дека бил провокатор, на 1 октомври  1929 година бил уапсен во Москва. На 3 март 1930 година бил осуден за шпиунажа, а три дена потоа, на 6 март бил стрелан на московските гробишта.

Постои и друга верзија во која се вели дека по пристигнувањето во Советскиот Сојуз, Стефан Попоиванов извесно време престојувал со руски брод на Балтичкото Море, по што од советската полиција ГПУ, која работеше по налог на Сталин, бил уапсен и убиен во 1932 год.

На 28 октомври 1963 година, со одлука на Воениот колегиум на Врховниот совет на СССР, бил рехабилитиран како невин, заедно со својата ќерка Малина Попиванова, под името Стефан Поп Иванов – Македонович (Стари).

Дури шест години потоа, неговата рехабилитација е објавена во СФР Југославија (1969).

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top