Македонски легенди

Иван Наумов – Алабакот

ivan-naumov

ivan-naumovИван Наумов – Алабакот (1870 – 24. VIII 1907) е македонски револуционер, еден од најпопуларните војводи на ТМОРО во Илинденското востание. Како војвода на Вториот крушевски востанички одред во Илинденското востание, учествувал во ослободувањето на Крушево во 1903 година. По востанието дејствувал со чета во Велешко, Крушевско, Прилепско, Кичевско и Поречието. Во 1907 година учествувал во познатата битка на Ножот. Опеан е во македонската народна песна.

Иван (Јован) Наумов е роден во 1870 година во велешкото село Ореовец. Израснат во сиромашко семејство, Иван не може да го продолжи образованието и заминува на печалба во Солун. Работел како бакал во Драма и Кавала. Во Солун се запознава со идеите на Македонската револуционерна организација и околу 1900 година, преку првиот војвода на агитациско – организаторската чета Михаил Апостолов Попето станува член на Организацијата, кон која потоа ќе се приклучи и неговиот помал брат Павле Наумов.

Во текот на 1901/02 година Иван Наумов, наречен Алабакот, убива Турчин и бега во Софија. Во 1902 година се враќа како комита и станува војвода на чета во Одринско и во Смоленско.

Во почетокот на 1903 година бил поставен за организациски војвода во Крушевско. На 2 август 1903 година, како војвода на Вториот крушевски востанички одред, учествувал во ослободувањето на Крушево. Со неговото одделение, тој учествува во нападот и заземањето на касарната во Крушево. Во текот на Илинденското востание, кон четата се придружува Тодор Јаков, кој во реонот на Иван Наумов пренесува 25 коња натоварени со оружје и ќе остане со него до 1906 година земајќи учество во борбите кај Павлешенци, Крап, Ореше.

По Илинденското востание, Иван Наумов Алабакот преминува во Софија, Бугарија, каде извршил неуспешен атентат врз турскиот конзул. Во нападот врз пајтонот во кој се возел турскиот конзул, бил ранет неговиот гаваз, а Алабакот бил упсен и затворен. По шест месеци одлежани во затвор, без амнестија и без разгласување во јавноста, тој и неговиот соучесник Никола (Кољо) Коев Николов биле ослободени со напомена да исчезнат, по што со четата се враќаат во Македонија.    

Иван Наумов-Алабакот со Крушевската чета во која во мај се приклучува и неговиот брат Павле, дејствува во Крушевско, Прилепско, Кичевско и Поречието. Освен со турските војници четата се бори и со четите на српската вооружена пропаганда. По разногласијата кои се појавуваат во Организацијата по востанието, велешкиот војвода Стефан Димитров не му дозволува на Наумов како сарафовист да дејствува во Велешко. Но, по надминувањето на недоразбирањата, веќе наредната 1905 година година четата навлегува во Велешко со задача да се справи со четите на српската пропаганда.

Една од најзначајните борби на Иван Алабакот кој ја води со четите на српската прпаганда се води кон крајот на јули во 1905 година во близина на селото Крапа.

Повеќе од 60 четници предводени од Иван Наумов Алабакот, Ѓакон Евстатиј (Георги Шкорнов од Нестрам, Егејска Македонија), Арсо Јовев Локвички (с. Локвица, Поречие) и Панчо Константинов (Велес), даваат решителен отпор на српските пропагандни чети предводени од србоманите Глигор Соколов(иќ) (с. Небрегово, Прилепско ) и Тренко Рујанов Крапјанин (с. Крапа, Поречие). Во борбата бил ранет и Павле Наумов, братот на Алабакот, по што бил испратен на закрепнување во Бугарија.  

Иван Наумов со својата чета учествувал во една од најголемите и најкрвавите борби водена од здружените чети на Македонската револуционерна организација по Илинденското востание. Околу 150 комити и 150 селска милиција на здружените чети на Тане Николов, Михаил Чаков, Христо Цветков и Иван Наумов Алабакот, како и на реонските прилепски чети на Мирчо Најденов и Ѓоре Спирков и местната милиција и селските чети на Секула Ораовдолски и Велко Попадиски, на кои во инспекција им бил дојден битолскиот окружен војвода Петар Ацев, по предавство од просрпските агенти, на 14 јули 1907 година се судриле со многубројниот турски аскер на врвот Ножот, Попадиски Чукари и Асенова глава, во близина на селото Ракле, Прилепско. Во битката загинуваат 67 комити, од кои 45 на самиот врв.

Иван Наумов Алабокот ќе ја преживее борбата на Ножот, но, во август истата година (24. VIII 1907), на враќање од Конгресот на Битолскиот револуционерен округ на ВМРО во Пространската Планина, на кој Организацијата го избира за окружен ревизор на четите, тој бил убиен со двајца свои четници во селото Белица, Кичевско.

Постојат две верзии за неговата смрт. Една е дека тој притекнал на помош на една девојка од селото Белица која била грабната од Арнаути, па набрзо по доаѓањето на турскиот аскер, тој бил убиен. А втората верзија е дека бил предаден и загинал во борба со османлиската војска.

Иван Наумов Алабокот бил еден од најпопуларните војводи на Македонската револуционерна организација и е опеан во македонската народна песна.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top