Македонски легенди

Лазо Ангеловски

lazo-angelovski

lazo-angelovskiЛазо Ангеловски (10. VIII. 1925 – 19. VIII. 1948) е деец на македонското национално движење. Еден од организаторите на македонската просвета во Егејска Македонија во периодот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949). Отворил 87 македонски училишта во коишто учеле 10.000 ученици. Во 1948 година, на 23 години бил фатен, мачен и осуден на смрт од тогашните грчки власти. Пред да биде убиен во Лерин остави трогателно претсмртно писмо.

Лазо Ангеловски е роден на 10 август 1925 година во селото Гражедено, Мала Преспа, Егејска Македонија, во сиромашно печалбарско семејство. Неговиот татко, како и многумина Македонци, бил приморан да замине на печалба во Америка. Сето тоа ќе му овозможи на младиот Лазо да се образува. Завршува основно и средно образование на грчки јазик.

Уште како ученик на средното училиште во Лерин, постојано бил исмеван од наставниците кои го нарекувале „Бугарин“ или „Незнамис“ („Г-дин Не знам“). Ваквиот однос, како и секојдневниот терор кој грчките власти го спроведуваа врз македонскиот народ и другите малцинства, ќе го привлечат него кон младинската организација на Македонското биро ОКНЕ, која во февруари 1943 година се обединува со другите прогресивни младински организации во ЕПОН (Национална панеленистичка организација на младите).

Во редовите на Организацијата, младиот Лазо се издигнал во прав деец на македонското национално движење. Како член на Комисија на ОКНЕ, Лазо активно учествува во организирањето на младите во родното место за време на нацистичката окупација.

Дејствувањето на Лазо Ангеловски било откриено од грчките власти, по што бил избркан од училиштето. Сепак, тој успева да го продолжи учењето и да ја заврши гимназијата како еден од најдобрите ученици. Лазо за една година ги совладувал предметите кои со наставната програма биле предвидени за две години.

Свесен дека одговорот на грчкиот национализам лежи во образованието на мајчин јазик, во 1944 година, Лазо заминал во Битола, каде завршил учителски курс по македонски јазик. По завршувањето на курсот бил назначен за народен учител во Преспанското село Брајчино, а подоцна, со решение на Министерството за просвета на НР Македонија, бил назначен за управник во Смилевската гимназија.

Во 1946 година, Лазо Ангеловски работи во Министерството за просвета во Скопје, а истата година бил назначен и за управник на детскиот дом “Мерџан“ во Тетово. Исто така го води и Домот за деца без родители во Скопје.

По започнувањето на Граѓанската војна во Грција (30 март 1946), Лазо Ангеловски за да му помогне на својот народ, доброволно се вратил во Егејскиот дел на Македонија кон крајот на 1946 година. Во 1947 година бил избран да ја врши функцијата секретар на Окружниот одбор на народната власт во Леринско. Истовремено тој му се посветува на просветната дејност.

 Како искусен педагог, кој добро го владее македонскиот и грчкиот јазик. На Лазо Ангеловски му било доверено на слободната територија со други соработници да организира курс на македонски јазик за народните учители. Така тој станал еден од првите обучувачи на учителскиот курс „Гоце Делчев“ кој се одвивал во село Герман и Желево, Преспанско. По завршувањето на курсот на кој се обучени 120 македонски и 40 грчки учители, Лазо отворил 87 македонски училишта во коишто учеле 10.000 ученици, а потоа ја извршувал задачата на просветен инспектор.

Сериозен во својата работа, Лазо Ангеловски кој тргнувал од мотото дека „Сите македонски деца мора да бидат во можност да научат да читаат и пишуваат на својот мајчин јазик“, одел од село во село и со младешки жар неуморно работел на искоренување на неписменоста. Меѓутоа, во почетокот на 1948 година наставата била прекината поради интензивни бомбардирања од страна на војската на грчката монархофашистичка војска. Набргу потоа била донесена одлука за евакуација на децата, а Лазо бил назначен за главен координатор.

Политичката и воена организација на Македонците од Егејска Македонија Народно ослободителниот фронт (НОФ), одигра голема улога во евакуацијата и спасувањето на децата. По донесувањето на одлуката за доброволно заминување на малолетните деца, Организацијата формира посебни комисии под раководство на главниот инспектор за македонските учители Лазо Ангеловски. Пријавувањето на децата траело до крајот на февруари 1948 година, а по нивното испраќање преку границата, Лазо останал за да се бори со својот народ.

Лазо неуморно дејствуваше политички и надвор од слободната територија на ДАГ. Најмногу во костурските и во леринските села. Во почетокот на август, за време на посетата на селото Буф, Лазо се сретнал со членовите на Народниот одбор и со младинските активисти. По состаноците, додека се шетал во блиската шума, бил ранет во ногата. Иако ранет успеал да се довлечка до местото Бела Вода, каде бил фатен од грчките војници. Во текот на испитувањето бил подложен на тешка тортура, но тој се држел храбро и никого не предал. Оставил трогателно претсмртно писмо, во кое сака да каже дека: „Народ со еден одземен живот не умира, ниту се уништува, туку тој народ од духот на маченикот повторно воскреснува“.

По ѕверските мачења, на 19 август 1948 година бил врзан за џип и влечен по улиците на Лерин, по што починал.

Најново од: Македонски легенди

Мито Алексовски Клавчов – Македонецот што цел живот ги носеше Шештево и Македонија во срцето

Мито Алексовски Клавчов е роден во 1937 година во селото Шештево, Костурско, во Егејскиот дел на Македонија, а починал на 19 август 2018 година во Полска, на 81-годишна возраст. Мито Алексовски Клавчов бил долгогодишен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Полска и сведок на трагедијата на децата бегалци. Животот на […]

Перо Коробар – борец, публицист и чувар на споменот за Кочо Рацин

Перо Ангелов Коробар (29 март 1916 – 29 октомври 2004) е македонски национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Неговиот животен пат ги поврзува народноослободителната борба, изградбата на македонските културни институции и залагањето за македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија. Посебно место во неговото творештво заземаат животот и делото на Кочо Рацин, […]

Методија Андонов-Ченто – првиот претседател на слободна Македонија

Методија Андонов-Ченто е роден во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година во својот роден град, од рак на желудникот. Завршил средно трговско училиште, а во 1926 година отворил бакалско-угостителски дуќан. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучил брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Уште од младоста, Ченто […]

Андон Дончевски – легендата на Вардар и првиот селектор на самостојна Македонија

Андон Дончевски – чичко Дончо е несомнено една од најголемите фигури во историјата на македонскиот спорт, но и вистински жив синоним за патриотизам и чувар на македонскиот идентитет во дијаспората. Неговиот пат – од врвен голгетер до стратег на историски спортски успеси и обединувачка личност на македонската заедница во Мелбурн – претставува автентична македонска сага […]

Трајче Петкановски

Трајче Петкановски – учител и организатор на народноослободителната борба во Велешко Трајче Петкановски (7 октомври 1919 – 6 август 1943) е македонски учител, партизан и организатор на народноослободителната борба во Велешко. Член на првата партиска ќелија на КПЈ во Азот, тој загинал на неполни 24 години во борба со бугарската полиција и контрачетниците. Неговото име […]

Паисиј Хилендарски

Паисиј Хилендарски (1722–1773) бил православен монах и една од клучните фигури на бугарската национална преродба. Неговото најпознато дело, „Историја славјанобугарска“, завршено во 1762 година, се препишувало и се распространувало, поттикнувајќи интерес за историјата и за народниот идентитет. Паисиј е роден во 1722 година во Самоковската епархија, веројатно во Банско. Живеел во време на османлиска власт […]

Христо Чернопеев – војводата кој животот го врза за македонското револуционерно дело

Христо Чернопеев (16 јули 1869, Дерманци – 5 ноември 1915, Криволак) бил илинденски војвода и еден од истакнатите дејци на македонското револуционерно движење. Соработувал со Гоце Делчев и Јане Сандански, раководел со чети на Организацијата и учествувал во Илинденското востание. Неговото име е поврзано со повеќе значајни настани од револуционерната борба во Македонија. Чернопеев потекнувал […]

Благоја Деспотовски – Шовељ (1919–1941): Млад живот положен за слободата на Македонија

Борец на Првиот скопски партизански одред, кој на само 22 години загинал во борбата против бугарската фашистичка окупација. Благоја Деспотовски – Шовељ е роден во Дебар во 1919 година, а загинал на 7 октомври 1941 година во Скопје. Неговиот краток живот бил исполнет со работа, бунт против неправдата и решителност да се бори за слободата […]

To top