Среда, 16 Декември 2009    PDF Печати Е-пошта
Ѓорѓи Старделов


НАШЕТО ГЛАВНО ОРУЖЈЕ ЌЕ БИДЕ НАУКАТА !!!


Интелектуалец чиј збор и став имаат сугестивност и компетенција е академик Георги Старделов, актуелен претседател на Македонската академија на науките и уметностите.

Неговата основна определба се содржи во неговата изјава- „Немаме амбиции да бидеме некоја паралелна сила. Науката е таа што дава алтернативи, а политиката одлучува која од тие алтернативи е најдобра за државата. Нашата сила ќе биде во моќта да понудиме решение за некои клучни прашања за кои нема решение во нашата држава“. „Кај личностите кои имаат решавачко значење за статусот на науката и образованието во македонското општество созрева свеста дека тоа е клучната полуга за напредокот на македонското општество. Јас се надевам дека ќе наидеме на разбирање“.

Академик Георги Старделов е осми претседател од формирањето на МАНУ, во редовите на Академијата е од 1986 како дописен член, а од 1991 година е редовен член. Станува збор за врвен естетичар, есеист, ликовен критичар и теоретичар. Под негово претседателство Академијата широко ги отвори портите за промоција на проектот 130 тома „Македонска книжевност“.

Тој е роден во 1930 г. во Гевгелија. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Белград. Докторирал на Филозофскиот факултет во 1965 г. Бил професор на Филозофскиот факултет, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и македонскиот ПЕН центар, почесен член е на Асоцијацијата на шпанските писатели и на МАНУ. Старделов е плоден научен работник во повеќе дисциплини (филозофија, историја, естетика, теорија и социологија на културата и уметноста, историја на литературата.


Заложбите на Старделов за македонскиот јазик

,, Јазиците на малите народи, под жесток удар на големите јазички системи, катаден се' повеќе ја губат јазичната самостојност, бледнеат и под влијание на туѓата семантичка граѓа, се' повеќе осиромашуваат. Ние сме татковина на старословенскиот црковен јазик. Тука тој се роди и оттука се рашири на целиот словенски род. Наш долг и наше свето право е да го чуваме и постојано да го унапредуваме јазикот, зашто во јазикот ги откриваме трагите на народот. “

„ Јазичното прашање и јазичната политика воопшто се открива како фундаментално прашање на нашата епоха. Некои од нив останаа лимитирани како национални јазици во своите држави, некои станаа водечки јазици на светот, па катаден станува се појасно дека јазикот што владее во светот, всушност владее и со светот. „Голема и историска е јазичната мисија на Македонија во словенскиот и европскиот свет,  Овде, во Охрид, во нашите краишта, е создадено новото писмо и старословенскиот црковен јазик. Овде кај нас за прв пат Господ прозборе словенски, овде еден народ, разбирајќи, почна да пее ширејќи ги своите букви, својот јазик и писмо, ширум словенскиот свет, се до Волга и Висла, до Дњепар и Дњестар. Во тој чин се гледа дека оваа мала земја, која, како рече Анте Поповски, и ѕвездите ги научи да шепотат на македонски, во IX век, не беше маргинална, туку средишна европска земја, зашто просветителската мисија на Солунските браќа и нивните ученици е најкрупниот настан во културната историја на Европа во средината на IX век.“ „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува единствена наша комплетна татковина“,  „ Ние сме татковина на старословенскиот црковен јазик. Тука тој се роди и оттука се рашири на целиот словенски род. Затоа наш долг и наше свето право е да го чуваме, одгледуваме и постојано да го унапредуваме него“.


Био-библиографски податоци зa Георги Старделов

СТАРДЕЛОВ Георги, (Гевгелија, 28. VIII 1930) - филозоф, естетичар,
есеист, литературен критичар и антологичар. Завршил Филозофски факултет,
група филозофија на белградскиот Универзитет (1953). Докторирал по
филозофски науки (1965). Бил професор на Филозофскиот факултет во
Скопје (1956-1966), негов декан (1975-1977), прв декан на
интердисциплинарните студии по новинарство (1977-1981), претседател на
Друштвото на писателите на Македонија и претседател на Македонскиот
ПЕН центар. За неговиот севкупен творечки опус, на Филозофскиот факултет
во Скопје е одбранета докторска дисертација под наслов „Естетичките,
културолошките и литературнокритичките концепции на Георги Старделов“
(1977). Член е на МАНУ (1986). Бил нејзин потпретседател (2000-2004), и
раководител на Лексикографскиот центар (од 2000), а од 1.1. 2008 година е
избран за нејзин претседател. Во МАНУ, од 1993 г. го раководи
макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова
редакција се издадени 20 тома. Акад. Старделов претставува една од
централните фигури на македонскиот духовен живот и простор,
интелектуалец чиј збор и став имаат компетенција и сугестивност. Акад.
Матеја Матевски дава луцидна карактеристика за критичкото творештво на
Старделов кога вели „тој тоа го прави со занесот, ентузијазмот и стилот на
белетрист и со зафатот и сериозноста на научник“.
Најзначајни резултати тој остварува на планот на примената на
филозофската херменевтика при анализата на феномените на книжевноста и
уметноста. Всушност, примената на херменевтиката во творечкиот опус на
академик Старделов е и теориска и практична. Теориска, зашто се надоврзува
на филозофските дискурси на најзначајните филозофи на XX век, Мартин
Хајдегер и Ханс Георг Гадамер, за да создаде, во творечки дијалог со нив, и
една сопствена и самосвојна херменевтика; а практична, зашто таа
херменевтика штедро ја применува при анализата на книжевните дела.
Обемното и разновидно дело на академик Георги Старделов коешто се
оформува повеќе од пет децении, е вкотвено во темелните придобивки на
европската филозофија, култура и литература. Ова дело не само што е со нив
во постојан творечки дијалог, туку, уште повеќе, се врзува за стожерните
проблесоци на македонската и балканската култура и литература, од дамнини
па се до денес, на тој начин станувајќи и самото неодминлив дел од нејзиниот
развој. Делото на академик Старделов не само што ја следи и ја вреднува,
туку и непосредно учествува во развојот на македонската култура и тоа
најмногу на планот на нејзиното филозофско промислување. Од друга
страна, огромната љубов кон литературата нужно ја оформува и точката на
пресекот меѓу литературата и филозофијата. Тоа место каде што
најнепосредно се остварува допирот и преклопувањето, секако, е естетиката
или филозофијата на уметноста, за што сведочат најголемиот број есеи и
студии, прикази и рецензии, критики, согледби, како и повеќето од над
дваесетте досега објавени книги на академик Старделов, од првата Есеи
(1958) па сe до неодамна објавената Ноќен градинар (2006). Ова покажува
дека основната творечка преокупација на Старделов била и е естетиката, иако
и неговите истражувања во доменот на филозофијата и социологијата на
културата, историјата и теоријата на литературата, како и на литературната
критика, секако, се втемелувачки и несомнени.
Акад. Георги Старделов е носител на повеќе домашни и странски
награди и признанија.
Опусот на Старделов

Акад. Старделов е плоден автор. Тој има објавено 20 авторски книги во
периодот од 1958 до 2004 година. Во 2000 година му се објавени избрани
дела во девет томови. Ќе ги наведам насловите на неговите авторски книги:
Есеи (1958), Модерното и модернизмот (1962), Светови (1969), Антеј бара
почва (1971), Доба на противречностите (1977), Меѓу литературата и
животот (1981), Experimentum Macedonicum (1983), Изморена авангарда
(1985), Вовед во иднината (1986), Искуства, Портрети и профли, Одземање
на силата, Ѕumma aestheticae, Антеј ја допира земјата, Керубиновото племе
(Kerubin's Tribs), Величанија, Небиднината, Искушенијата на естетичкиот
ум, Балканска естетика - една друга естетика, Angelus Novus (2004), Ноќен
градинар (2006).
Акад. Старделов се смета за еден од најавторитетните антологичари на
македонската современа поезија и проза. Тој ги има подготвено
антологиските избори: Повоени македонски прозаисти, Четири поетски
круга, Слобода или смрт, Го знаеш ли поете својот долг, Камбаните на
Крушево, Современи македонски поети (на српски, бугарски и др. јазици), и
др. Акад. Старделов приредил и бројни капитални филозофски дела.
Како член на МАНУ, акад. Старделов има раководено неколку
повеќегодишни научно-истражувачки проекти со стратешки карактер и со
капитално значење за македонската културна историја: Историја на
културите на почвата на Македонија, Историја на идеите на почвата на
Македонија, историја на религиите, музиката, театарот, архитектурата и
фотографијата на почвата на Македонија.
Литература за акад. Георги Старделов
Иванчо Атанасовски, Естетичките, културолошките и литературно-
критичките концепции на Георги Старделов, докторска дисертација, Скопје,
1997; Кирил Темков, Георги Старделов, Избрани дела, IX, 2000; Иван
Џепаровски, Делото на Георги Старделов, Избрани дела, IX, 2000; Влада
Урошевиќ, Критиката како дополнување на делото, Астролаб, Скопје, 2000;
Оливера Корвезироска, Сражение на возможното и невозможното,
Отвораат ли сништата работа (1999).


Функции на академик Старделов

Акад. Старделов обавувал бројни раководни функции во МАНУ, на
универзитетот и во некои републички и меѓународни организации. Ќе
наведам некои од нив:
• Должноста потпретседател на МАНУ ја извршувал во мандатот меѓу
2000 и 2004 година.
• Должноста раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ ја
извршува од неговото основање во 2000 година.
• Бил декан на Филозофскиот факултет.
• Бил прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство на
скопскиот универзитет.
• Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
• Бил претседател на Македонскиот ПЕН Центар.
• Бил претседател на Друштвото на филозофите на Македонија и на
Југославија.
Повеќе теми се провлекуваат низ многубројните книги и проекти на
Георги Старделов: едната е балканската цивилизација и улогата на нашиот
народ во таа приказна, другата е иманентната естетика односно убавината
скриена во неискажаното и неискажливото, третата е сликата за самиот себе
во компаративното огледало на светската и балканската култура, четвртата е
естетичкиот ум на денешницата, петтата е наднесеноста над делата на
нашите највидни автори, итн. Нив, методолошки гледано, целосно ги
прекрива херменевтичкиот пристап, односно посветеноста на стварноста на
текстот, а не на неговите „критички“ односно идеолошки искривувања.
Спрема насоченоста пак, делото на Старделов е целосно во потрагата по
историските, културните и цивилизациските вертикали, така што зборот
континуитет кај него има клучно место.
Потрагата по континуитетите на Балканот е потрага по стварноста на тлото и
на луѓето кои живееле тука, а не интерпретација на желбите на „балканските
циници, планери на геноцидот“, да ги употребам острите но растрезнувачки
негови зборови. Поради тоа делото на Старделов е обединувачко за целиот
Балкан. Затоа е тој првиот што со македонската естетика ги напишал и
естетиките на Словенците, Хрватите, Србите. Затоа е тој оној што ја напишал
Балканската естетика како иманентна естетика скриена во делата на автори
од сите наши соседни земји. Затоа е неговиот проект Историја на културата
на Македонија, кој може да се нарече и Балканска цивилизација, еден од
најзначајните хуманистички проекти на МАНУ.


Преглед на Трудови

•    „Есеи“ (1958),
•    „Модерното и модернизмот“ (1962),
•    „Светови“ (1969),
•    „Антеј бара почва“ (1971),
•    „Доба на противречностите“ (1977),
•    „Меѓу литературата и животот“ (1981),
•    „Experimentum Macedonium“ (1983),
•    „Изморена авангарда“ (1985),
•    „Вовед во иднината“ (1986),
•    „Искуства“ (1987),
•    „Портрети и профили“ (1987),
•    „Одземање на силата“ (1990),
•    „Summa aestheticae“ (1991),
•    „Антеј ја допира земјата“ (1993),
•    „Керубиновото племе“ (1995),
•    „Величанија“ (1997),
•    „Керубин’с Трибс“ (на английски, 1998),
•    „Небиднината“ (2000),
•    „Искушенијата на естетичкиот ум“ (2003),
•    „Балканска естетика – една друга естетика“ (2004),
•    „Ангелус Новус“ (2004).


Антологии:

•    „Повоени македонски прозаисти“ (1960),
•    „Четири поетски круга“ (1974),
•    „Слобода или смрт“ (1978),
•    „Го знаеш ли, поете, својот долг“ (1981),
•    „Камбаните на Крушево“ (1983),
•    „Сoвременни македонски поети“ (1998)


К.Л.
 

На прво место

News image

Груби со години ја крадел државата а негов соучесник бил Ковачевски, СДС и ДУИ знаеле

Груби со години ја крадел државата а негов соучесник бил Ковачевски, СДС и ДУИ знаеле, молчеле и...

Историја

News image

Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година

Елинската армија ги гори сите славофонски села и ги убива сите славофони што ќе  ги фати!

Иселеници

News image

ОД ПРЕСПА ПРЕКУ БИТОЛА ДО ЛЕРИН ВО ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА (17)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Култура и туризам

Фељтон

News image

СТИВ ПЉАКАС – ПРОМОТОР НА АНТИЧКА МАКЕДОНИЈА (2)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.