САВО КОСТАДИНОВСКИ : МИТЕ БОГОЕВСКИ
И по најтесните врвици на историјата
поетот херој доаѓа до збор
и со својот сакан народ
откако ја открил смислата на непокорот
Тој не се плаши од истреланите куршуми
туку од истреланите зборови
кои светкаат како молњи и брановидно грмат
градејќи во недоглед мостови
по кои минуваат неправдите
за да ја убијат љубовта спрема татковината
Поетот
истовремено е патник со времето
штом со него ја носи куќата на родниот крај
во стихови пресликана
за подалеку да ја видат во јавето и во ноќта
кадарен
со сегашноста идеи да размножува
во одбрана на иднината за својата земја
Поетот
не се збогувал со боговите
ниту со животот
а знае што е повечно
остатокот од неговиот живот да живее во нас
та и посмртно да е даруван со почит.