САВО КОСТАДИНОВСКИ : АЦО КАРАМАНОВ
Колку подлабоко тонам
во историјата на Македонија
толку поблиску сум
до срцето на татковината
и толку повеќе ја разбирам
љубовта на народот
која се римува
со неспокојното време на Ацо Караманов
небаре и јас кога би бил со неговата душа
со огнен копнеж злокобно би пекал по слободата
Историјата нема непрочитани времиња
а и тие најмрачните
кои од поет до поет се прелевале
со мислите за слобода
и во злодоба на непоетско време
нивните стихови
воинствено плетеле револтни дела
безрезервно да раскажуваат за безумието
штом поетите со песните повечни се и од вековите.