Песни за Македонија

Сон

nikola-vapcarov

Никола Јонков Вапцаров

nikola-vapcarov

— Лори, не спиеш ли?
Ме слушаш ли, Лори?
„Потивко! Скриј си глава! Вон
на педа од нас се, не зборуј!“
— Лори, сонев толку убав сон!…

Чекај. . . како почнуваше?… Вака…
Војната свршена… Ме разбираш, нели?
И сè е веќе во нашата рака,
нели така, Лори?

Пак работев во фабрика. А таа
божем истата, сè истите машини,
но им светнале деловите — злато!
И ставите им се некако посилни.

Во заводот, Лори, ти си надзирателот
и велиш: „Денес триста винта сакам!“
„Добро, Лори, одлично, пријателе!“
И доволни се смееме двата.

А надвор е толку сводот ширен!…
Блешти небо, и воздухот блешти!
И дишиш, дишиш слободно и мирно!
И сам не веруваш дека тоа ти си.

Го погледна Лори в очи другиот
(тие беа толку детски денес),
се насмевна и рече, божем луто:
„Ти каков мечтател си, Фернандес!“

На исток гаснат ѕвездите. А мракот
отстапува во паника,

без строј.

Сигнал за бој!
Почнуваше атака…


ПЕСНА НА ДРУГАРОТ

Никола Јонков Вапцаров

Ти не ќе се вратиш, Фернандес —
денес оган митралески ве смете.
Во полето вие како пес
неуморно непокорен ветер.

Трубен знак. И по сигналот пак
сè е тивко, несфатливо тивко…
Во окопот дреме синкав мрак,
а во гради шиба бесен виор.

Со прстите рие земја некој,
после куса, хистерична смеа…
Некој грабна бомба рачна, чека,
затвора и пак ја запре неа.

По сигналот ти излета прв.
Се чу близу митралески бес.
Се залула… на челото крв…
Нема да се вратиш, Фернандес.

Ја зедовме стрмнината денес.
Се врежавме во синџирот нивен.
Колку радосен ќе беше, Фернандес,
Сал така… да можеш да се дигнеш.


ПЕСНА НА ЖЕНАТА

Никола Јонков Вапцаров

Денес демне напнат спокој
во куќата наша мала.
Стивна бојот, мили мој,
а те нема да се вратиш.

И те молев, плачев јас,
зошто тогаш не ме слушна?
Тргна. Во собата вчас
стана тивко и задушно.

Сал моето кутро срце
чув немирно како бие,
ги подадов двете раце —
да те најдат сакав тие…

Љубоморам, Фернандес,
го мразам дури јас тој збор
„Слобода“ што така денес
безумно те свлече тој.

Можеби си прав ти, нели,
може, сакан мој, си прав.
Ама мене сè ме боли
и ми тежи, тежи пак

таа страшна пустош само
легната во нашата соба.
Тропна нашта дворна порта.
Нема да се вратиш. Знам.


ПИСМО

Никола Јонков Вапцаров

Адресата:

Сењора
Франческа Лаборе
ХУЕСКА

Мајко,

Фернандес е убиен!
Фернандес е зариен

во земјата!

Фернандес
го нема денес!
Фернандес
е в полињата
пред ѕидините
на Мадрид.

Тој ми беше толку добар,
зошто го убија тие?!
И по смртта негова
зарем бојот ќе им стивне?

Мајко, само тебе можам
мојта жал да ти ја речам.
Знаеш како е во војна,
колку многу солзи течат.

Во нечии гледаш очи
и утеха бараш во нив,
но и таму жал се точи
и солзи се врели ронат…

Може брат е умрен негде,
може сакан и’ е паднат,
може некоја шрапнела
и’ однела красна младост.

Може како мене тажна
напразно и таа чека,
но земјата пуста влажна
го држи во преграб мека…

Мајко, немој да го кориш
што отиде да се бие.
Фернандес си добро стори.
Мислам, грешиме сал ние.

Тој сал од нас виде јасно
една вистина на светот —
подобро да умреш чесно,
место вечно да те гнетат.

Леб си имавме. И само
еден доста и за двата.
Но за синот иден, мамо,
ќеше ли да стигне пак?

После, има друго. Тоа
малку тешко се разбира.
Одат. Се бијат. А зошто?
Само лебот ли ги збира?

Ги закопаа денес стоте
што ги согази блиндажот.
Со очи го видов сето,
но не можам да ти кажам

колку чудно беше тоа,
бар за мене колку туѓо,
во некаква светлост нова
огреани видов луѓе.

Јас ги видов, в миг ги гледав:
низ штиците на ковчегот,
низ ковчежни штици редум
тие раце си протегаат.

Се слеваат во смртта сите,
в еден човек се слеваат
и им горат во очите
пламења на среќна смрт…

Веднаш разбрав дека тој
сепак требаше да иде.
Милиот, ми падна в бој,
нема веќе да го видам.

Мајко, Фернандес е убиен!
Фернандес го нема, мамо!
Фернандес си лежи зариен!
Поплачи за младоста му.

Но пред стариот ти молчи!
Таа болка ќе го сништи.
Скришум негде ти поплачи
и не кажуј ништо, ништо…

Ако некако е тажен,
ако некако тој сети,
добри сме си, ти му кажи,
и чекаме прво дете.

Ти кажи му: „Долорес
детски приказни си учи.
И прашаат со Фернандес
внук ли сакаш или внучка“.

Друго да ти пишам, пак
жал ќе биде, мајко моја.
Многу поздрав: ќерка твоја
Долорес Марија Гоја.

Најново од: Песни за Македонија

Македонија низ времето

Македонија низ времето   Низ векови на бури, низ гордост и низ рана, се раѓаше оваа земја, од сонцето огреана. Од античкото ехо, каде штитови бијат, под сонцето на Филип, каде војските со непријателот се бијат, Александар јаваше низ векови далечни, оставајќи траги во спомените вечни.   Од Хераклеја горда до Егејот син, се раѓаше […]

„Заветна“ — песна за нераскинливата врска со Македонија

Постојат песни во кои љубовта кон татковината се изразува како ветување. Таква е „Заветна“, во изведба на Пепи Бафтировски, со музика на Миле Барбаровски и текст на Георги Барбаровски — песна за страдањето, истрајноста и длабоката поврзаност на човекот со македонската земја. Уште во почетните стихови се навестуваат обидите Македонија да биде премолчена, сокриена и […]

Октомвриски пламен

Октомвриски пламен Се разгори нов пламен, Илинден трет „Доста се маки и страдања Да го истераме окупаторот клет.“ Блесна, поведе борци Кон нов симбол на слободата, Храбри и силни, Со љубов исполнети срца и лица нивни. Војникот оди напред и вее алово знаме, Ги поведе сите на борбениот фронт со завет За конечна слобода на […]

hqdefault

Бог да го бие Лазор Војвода

Народна песна за Лазор Груески од село Белица, зачувана преку снимка направена во Пуста Река во 1988 година Бог да го бие Лазор Војвода, Што ми нарами тенкана пушка, Што ми запаша острана сабја, Па ми отиде во Вранештица. Па ми пособра вранештичани, Вранештичани све добри луѓе. Ој, ој ви вие вранештичани, Утре ќе ојме […]

11 ОКТОМВРИ

Веле МИТАНОСКИ 11 ОКТОМВРИ Денеска на 11 октомври во мене свечено со песна се разгласи стихот-куршум испукан од срцето од љубов кон татковината Борбено построени кон зенитот да го возвишиме нашето шеснаесеткрако сонце и со вечна исправеност надежта храбро да ни се умножи по патот на партизаните кои ја започнале антифашистичката борба и ја создале […]

Солунскиот завет

Во чест на 23 Октомври — денот кога во Солун беа поставени темелите на организираната македонска револуционерна борба. Во онаа тивка есенска магла, кога Солун во полумрак заспиваше, шестмина мажи — д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев — со чисти идеали над книжарницата судбина ковеа. […]

„Локвата и Вињари“ – поетскиот завет на Лазар Поп Трајков

Поетско сведоштво за храброста и саможртвата на македонските револуционери во предилинденската борба кај Д’мбени во 1903 година Берик, 21 јуни 1903 година, стар стил Пак доаѓам при вас, о врвови вишни, по планини жедни, низ безводни спили, да видам јас скрки и долинки скришни што крвта ги багри на јунаци мили. Да останат вечно спомените […]

ʼРКУЛЦИ ВО ТУЃИНА

Проф. д-р Солзица ПОПОВСКА ʼРКУЛЦИ ВО ТУЃИНА Дали местото каде што мина пола век Може да е подраго од лулката каде што се роди? Дали исто Сонце грее таму и тука, Или тука и таму? Не џабе се рекло „Кога ќе се подмести каменот, лежиште нема“. Многу години минаа во туѓа земја Но, дали таа […]

To top