Напади врз Македонската национална самобитност
Тогаш, бугарските пропагатори удрија со голема жестина по ваквите македонски настапувања. Во овие настапи тие имаа силна поддршка од грчките националисти.. Изјавите на Македонците за физиолошката врска со древните Македонци (Види: Македонски извори за Македонскиот идентитет), беа слабата точка, по која тие удираа. “Како тоа денешните Македонци од словенско потекло да се викаат Македонци и своето потекло да го извлекуваат од древните Македонци, кога во времето на Филип и Александар Македонски ниту во Македонија, ниту на Балканот имало Словени, кои на овие простории се населиле дури на крајот на 6 и во почетокот на 7 век“? Бугарските националисти се обидоа пред светот да докажат дека тука се работи за гркофилски настроени луѓе, кои од свои посебни интереси се декларираат со “грчкото“ име Македонци. Во овие македонски истапувања Петко Рачев Славејков виде знаци на освестување на македонскиот народ, и намерно го нарече за куцовлашко чувство кое божем му е својствено само на Влавот или Гркот, а никако на Словенот, само да ја прикријат посебноста на македонскиот народ.
Во почетокот, на тоа дека Македонците истакнуваа, дека не се ни Грци, ни Бугари, ни Власи, туку Македонци, на почетокот многу слабо се обрнуваше внимание. Во Европа грчкото и бугарското кралско т.е. царско влијание беа многу посилни отколку македонското народно. Наспроти нив се јавуваа луѓе што се декларираа за Бугари или пак славофони Грци. Овие луѓе беа убедувани и плаќани од бугарските и грчките агитатори и агенти или како деца воспитувани во бугарските (егзархиски) и грчките (патријаршиски) училишта и цркви, дека тие се Бугари т.е. Грци. Дел од рускиот, српскиот и другиот славјански печат ги мислеше овие бугаризирани Македонци за вистинските водачи на македонскиот народ.
Така и Европа, на изјавите на македонските патриоти дека се Македонци, веруваше, како што изнесуваа бугарскиот царски двор и бугарските националисти, дека тие низ долгогодишното грчко духовно ропство ја заборавиле својата бугарска народност, па го прифатиле македонското географско име, кое за тогашниот европски свет беше синоним на грчкото, особено што во жолчната дискусија околу народниот карактер на Македонците грчките националисти го земаа токму тоа именување на самите Македонци како најсилен “доказ“ дека тие се “Грци“.
Македонска национална преродба
Патот по кој мина македонскиот народ од своето будење, па до полната национална афирмација беше толку сложен, што е многу тешко да се спореди со националното будење на кој и да е народ на Балканот. Од пробивот на капитализмот на почвата на Македонија, па до формирањето на македонската нација, македонскиот народ минуваше низ повеќе фази на преобразување што траеа половина век.
Една од најтрагичните околности во кои започна македонската национална преродба беше таа што токму во моментот кога почна да ги дава своите први знаци на посебен живот, во Македонија веќе беа присутни три соседни туѓи пропаганди. Тие веќе имаа постигнато своја независност и градеа стратегии за ширење на своите држави на сметка на Македонија, додека Македонија т.е. Македонците се` уште се наоѓаа под османлиско турско ропство. Како поволна околност може да се смета дека Македонците за разлика од Србите, Грците и Бугарите не ја започнаа својата национална афирмација само со своето посебно изразито национално македонско име, туку за да се дистанцираат од Грците, тие во првиот момент истапија со општото име на народноста – Словени, како некој вид презиме.